Постојано читаме за уникатните и стари изданија кои можат да се најдат во големите светски библиотеки, но и библиотеките во Македонија се извор полн со неверојатни уникатни изданија. Најстарата книга во сопственост на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ е „Басните на Езоп“ која датира од 1566 година, со оригинален наслов „Aesopi Phrygis fabulae, elegantissimis iconibus veras animalium“.
(извор на сликата: Фејсбук страница на Градска библиотека „Браќа Миладиновци)
Како што наведуваат тие на својата официјална Фејсбук страница, книгата има 385 страници и содржи басни и текстови на латински, германски и старогрчки јазик (до 1453 година).
Збогатена е со илустрации, вињети и иницијали, работени во техника гравура. Книгата е во одлична состојба, неоштетена со реставриран повез во кожа (имитација) и обеспрашен реставриран книжен блок. Печатена е во Франкфурт на Мајна.
Имено, на својата објава, тие го поставија и линкот за дигитално разгледување, па ако сакате да ѕирнете во ова уникатно издание, тоа можете да го сторите на линкот во продолжение: „Басните на Езоп“ – дигитално издание
Извор: Фејсбук страница на Градска библиотека „Браќа Миладиновци“

