Неодамна се одбележа уште една годишнина од смртта на Џејн Остин. На 18 јули 1817 година, светот го напушти неверојатен талент кој зад себе остави некои од најдобрите дела во историјата на книжевноста. Меѓу нив е и нејзиниот можеби најпознат роман „Гордост и предрасуди“, кој сè уште ги фасцинира читателите ширум светот.
Овој роман е можеби еден од најекранизираните и денес ги имаме и неверојатната мини-серија на Би-Би-Си во 1995 година, како и играниот филм од 2005 година, во режија на Џо Рајт, додека главните улоги ги играат Метју Мекфаден како господин Дарси и Кира Најтли како Елизабет Бенет, за што доби и номинација за Оскар.
На веб-страницата на продукциската куќа „Фокус Фичрс“ која стои зад филмот, има интересни факти и аргументи за тоа зошто треба да го гледате филмот, па ако не сте го сториле тоа досега, можеби следниве точки ќе ве убедат во тоа.

1) Прави минатото да делува модерно.
Можеби романите на Остин се сместени во британските села од 19 век, но нејзината визија емотивно се поврзува со секоја генерација, луѓето си ги наоѓаат своите пријатели и семејства пресликани во нејзините комедии за општествените манири и бракот. Пренесувајќи ја приказната на екранот, Рајт ја искористил таа современа емоционална енергија, правејќи „минатото да делува вртливо и живо како сегашноста“, забележува Entertainment Weekly.
2) Кира Најтли ѝ дава мозок и убавина на Лизи
Ниту еден писател не ги создал женските протагонистки со повеќе жар и виталност како Џејн Остин. Рајт остана доследен на чувствителноста на романсиерката кога улогата на нескротливата Лизи ѝ ја даде на актерката Кира Најтли. Мислејќи дека на почетокот 19-годишната актерка би можела да биде премногу убава за улогата, Рајт набрзо „откри дека има неверојатна духовитост и интелигенција и многу силна личност“ – сите работи што ја прават Елизабет Бенет толку незаборавна.

3) Господин Дарси на Метју Мекфаден е неодолив
Во поголем дел од „Гордост и предрасуди“, Елизабет смета дека г-дин Дарси е неподнослив. Но, иако тој најпрво изгледа горделиво и далечно, кога Елизабет конечно ќе се заљуби, тој делува прекрасно и маѓепсувачки. За потребите на филмот, Рајт пронајде актер кој не само што успеа да ја изврши оваа трансформација, туку и ја остави публиката воодушевена исто како што ја воодушеви Лизи. Како што пишува Клаудија Пјиг од USA Today, „филмот му припаѓа на темнокосиот, синоок Метју Макфаден“.
4) Не е загубена ниту трошка од комичната духовитост на Остин
„Кога се работи за будалеста комедија, не познавам романсиер кој ја победил“, изјавил писателот Ентони Тролоп за комичниот сензибилитет на Остин. Нејзините нежни боцки и духовити закачки се вткаени заедно во маестрална сатира на општествените обичаи, комедија која актерите на Рајт брилијантно ја изразуваат. Како што забележува „Лос Анџелес Тајмс“, „живописната изведба на Најтли елоквентно ја изразува срамната, но често смешна позиција во која Лизи и нејзините четири сестри биле ставени заради судбината, полот и околностите“.

5) Не бега од живописниот реализам на периодот
Кога ја читал „Гордост и предрасуди“, Рајт сфатил дека Остин била „една од првите британски реалисти“ – агол кој порталот „Салон“ вели дека Рајт „го разбира подобро од сите режисери кои досега го екранизирале“ нејзиниот одличен роман. Од почетните сцени каде што кравите, патките и висечките алишта го исполнуваат екранот, до тврдо исцртаните скици на класното општество, Остин и Рајт го прикажуваат британскиот селски живот со живописни и реалистични потези.
6) Од Џуди Денч до Доналд Сатерленд, филмот е преполн со неверојатни таленти
Можеби сите очи се вперени во Елизабет и господин Дарси, но Остин го исполнува својот роман со незаборавни ликови. Рајт бил подеднакво заинтересиран и при изборот на останатите актери, привлекувајќи легенди како Џуди Денч и Бренда Блетин, како и брилијантни помлади таленти, како Кери Малиган, Розамунд Пајк и Том Холандер. За симпатичниот г-дин Бенет, Рајт го одбра Доналд Сатерленд. Како татко на Елизабет, Сатерленд носи чувство на гравитација. Како што забележува порталот „Слејт“, „неговото тивко присуство ја поддржува; нивните разговори се благословен мелем“.

7) Нè потсетува на тоа какво е чувството да се заљубиш
Остин ја прикажува магијата на заљубувањето кога раскажува како Елизабет одеднаш сфаќа дека нејзиното срце ѝ припаѓа на Дарси. Рајт создава подеднакво волшебна хемија со актерството на Најтли и Мекфаден. „Кога тој беше Дарси, а таа Лизи, нешто се случи“. Рајт објаснува. „Кира и Метју беа неверојатни заедно“.
