Македонска поезија: „Како горе така доле“ од Богомил Ѓузел!

Денес на блогот читаме македонска поезија!

Како горе така доле – Богомил Ѓузел

„Ние живееме меѓу две неба“
Селанец од Велестово

Озгора како што гледаш
широкиот видик долу

така (трепкајќи?) и го правиш
да се менува секој миг

и горе и доле искрат и гаснат ѕвездите
ту од сред облаци ту од сред бранови

озгора нè жари лете сонцето-татко
оздола нè грее зиме магмата-мајка ни

*

озгора туѓинци како скакулци
оздола нашинци како никулци

првите нè научија по нивно
вториве нè тераат уште по свое

па да не знаеме чии сме
иако се думаме како наши

знаеме само дека ништо не знаеме
или не ни знаеме сè што сме знаеле

како тоа да сме пораснале олку нагоре
а да не си го знаеме коренот надоле

и тој да ти растел за сето време ама надоле
та ете сокот уште не му стасал до нас горе

*

сонцето наше горе од Галичица не го гаснат
ни занданите подземни ни длабините заумни

и еден зрак-одблесок само да ни се врати
и тој ќе болсне пак во сонце многукрако

освен ако не го потулиме внатре во нас
за посмртно да ни блескаат душите-светулки

*

кај нас ќе останат само корења колку што сакаш
од темели па по мемливи ѕидови дури до таван

тие чунки, и ќе ни ја урнат куќата (ако не други)
а над нас утре ќе се фалат крошните од дрвјата

на сличен но сепак туѓ јазик
иако еднаш сами ги засадивме

и не дозволивме да ги сечат (ѓоа правеле ѓубре)
и наспроти кавгите со комшии и советите од роднини.

Leave a comment