Еве го и август на нашата врата! Без оглед дали бевте на одмор, дали моментално сте или допрво ќе одите, летото е во полн ек и нуди многу можности за читање. Денес на блогот прочитајте што читаше Кафе и книги во јули и инспирирајте се за следното четиво.
„Сонцето повторно изгрева“ – Ернест Хемингвеј
Издавачка куќа: АРС ЛИБРИС
Оцена: 5/5
Осврт: Овој роман беше дефинитивно мојот фаворит од сè што прочитав во јули. Прозата на Хемингвеј е неверојатно едноставна, а сепак моќна и трогателна, има начин како да ве замисли. Хемингвеј знае да направи и најобичните приказни да делуваат невообичаено и интересно. Понекогаш знае да завлече, но секогаш го држи читателот заинтересиран.
Во оваа книга го следиме Џејк, кој живее во Париз и кој се труди да го навигира својот живот откако бил повреден во Првата светска војна. Тој е заљубен во необичната Брет, но таа е верена со друг човек. Заедно со необичната дружина патуваме низ Париз, но и Шпанија, каде целото друштво присуствува на борба со бикови.
„Ароусмит“ – Синклер Луис

Издавачка куќа: ПОЛИЦА
Оцена: 5/5
Осврт: Овој роман ја има добиено Пулицеровата награда за белетристика во 1926 година, иако Луис ја одбил наградата. Феноменално напишана приказна, фасцинантно е да се читаат книгите во САД издадени во 20-ти и 30-ти години на 20 век и да се добие чувство за американското општество во тој период. Преводот е фантастичен, со дијалекти и жив, народен говор, за да одговара на ликовите.
Ја следиме приказната за д-р Ароусмит, најпрво како млад студент по медицина, а потоа и како истакнат професионалец во своето поле. Неверојатно интересна навигација низ неговиот развој, неговите несигурности, неговата желба за успех, но и да остане достоен и принципиелен кон неговата потрага по вистината и посветеноста на вистинските научни вистини. Освен тоа, дава интересен преглед за состојбата на јавното здравје и комерцијализација на науката. Иако напишана речиси пред еден век, може да се каже дека голем број теми се многу актуелни и денес.
„Норвешка шума“ – Харуки Мураками
Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 4.5/5
Осврт: „Норвешка шума“ е еден од најпопуларните романи на Харуки Мураками, а јас би рекла и неговиот најдобар роман (барем од оние кои досега ги имам прочитано). Неговата препознатлива меланхолија е тука, толку силна и моќна, заедно со интересни дијалози и размислувања, кои долго останаа со мене и откако ја прочитав книгата.
Нараторот на книгата е Тору Ватанабе, кој се присеќа на својата младост, на својот прв другар, како и неговата љубов, која е сè освен едноставна, а преку тоа можеме да ѕирнеме и во неговото растење и учење на животот додека мора да справува со различни ситуации кои оставаат силен траг врз неговиот живот, но и над него постојано се надвиснати сенки и демони со кои мора да се избори.
„Мојот маж“ – Румена Бужаровска

Издавачка куќа: ИЛИ – ИЛИ
Оцена: 4/5
Осврт: Ова е една од македонските книги која навистина доживеа неверојатен успех, не само во рамките на Македонија, туку и надвор од неа, а беше претворена и во театарска претстава. Долго време ми требаше конечно да ја ставам на листата на читање и воопшто не се разочарав. Румена Бужаровска има лесен и интересен стил на раскажување и читателот навистина е заинтересиран за она што таа има да ви го каже.
Се работи за збирка раскази, секој од нив раскажан од гледна точка на различна жена, раскази во кои ѕиркаме во секојдневието на македонските жени, поставени во различни околности, но од кои може да се видат ограничувањата, проблемите и останати предизвици кои опфаќаат поширока форма од онаа личната. Понекогаш самите нараторки се недоверливи, па и лесно можат тие да се наречат „негативците“ во дадениот расказ, зависи од перцепцијата и од аголот од кој се чита. Интересно четиво!
„Ние“ – Евгениј Замјатин

Издавачка куќа: БЕГЕМОТ
Оцена: 3.5/5
Осврт: Овој роман се смета за „таткото на дистопиите“, бидејќи се смета дека токму со овој роман започнува раѓањето на жанрот кој денес е толку популарен. Ова е книга која го инспирирала создавањето на легендарни книги како „1984“ и „Храбар нов свет“ и тоа е навистина забележливо кога ќе ја читате книгата. Своевремено Орвел има објавено и критички осврт на книгата.
Оваа книга е навистина интересна да се прочита, пред сè затоа што историски е важна за книжевноста, но и навистина е интересно да се види светот кој Замјатин го замислува далеку во иднината, кој е лишен од секаков вид на слобода и е целосно контролирано општество. Секако, романот е производ на своето време и оттогаш жанрот е навистина многу развиен, но јас уживав и ја препорачувам со цело срце.


