Најпопуларните книги во изминатите 100 години според Goodreads!

Доколку сте страстен љубител на книги и читател, со сигурност ја знаете најпопуларната друштвена мрежа за книги – Goodreads, а големи се шансите и дека имате профил на истата. Тие често на својата веб-страница ставаат листи со книги, со цел нивните корисници полесно да си го најдат следното четиво. Овојпат создадоа една многу интересна листа преку која лесно можете да ги видите книгите кои се најпопуларни (според корисниците) во изминатите 100 години, а доколку имате профил, лесно можете да видите и колку од нив имате прочитано.

(Извор на сликата: Goodreads)

Како што наведуваат тие, листата ја составиле врз основа на „дигиталните полици“ на нивните корисници, трудејќи се да ги откријат најпопуларните книги за секоја година во изминатите 100 години. За таа цел, прелистувале година по година и ја избирале книгата која е најпопуларна т.е има највисок рејтинг на мрежата. Но, тие напоменуваат дека има и случаи кога не го направиле тоа од различни причини, како на пример чести повторувања, а во некои случаи решиле да ја изберат книгата врз основа на значајност, како на пример „Големиот Гетсби“ од Ф. Скот Фицџералд, објавена во 1925 година.

Имено, целта им било да создадат листа која ќе покрие различни жанрови која истовремено ќе ја покаже и разновидноста на читателските интереси низ годините. И кога ќе ја погледнете листата ќе видите дека е навистина така.

Има голем број на вистински класици како:

Улис“ од Џејмс Џојс (1922),
Ние“ од Евгениј Замјатин (1924),
Сонцето повторно изгрева“ од Ернест Хемингвеј (1926),
Кон светилникот“ од Вирџинија Вулф (1927),
Храбар нов свет“ од Олдос Хаксли (1932),
Убиство во Ориент Експрес“ од Агата Кристи (1934),
„Плодови на гневот“ од Џон Штајнбек (1939),
Странецот“ од Албер Ками (1942),
Малиот принц“ од Антоан де Сент-Егзипери (1943),
1984“ од Џорџ Орвел (1948),
Фарентхајт 451“ од Реј Бредбери (1953).

Од друга страна, можете да видите и понови книги и бестселери како:

„Девојката со бисерна обетка“ од Трејси Шевалие (1999)
„Сенка на ветрот“ од Карлос Руиз Зафон (2001)
Атлас на облаците“ – Дејвид Мичел (2004),
Никогаш не оставај ме“ од Казуо Ишигуро (2005),
Крадачка на книги“ од Маркус Зузак (2007),
Ејми ја нема“ од Џилијан Флин (2012),
Омразата што ја сееш“ од Енџи Томас (2017)
Образована“ од Тара Вестовер (2018)
Половината што ми недостига“ од Брит Бенет (2020)
Малибу во пламен“ од Тејлор Џенкинс Рејд (2021)

Целосната листа погледнете ја тука и доколку имате профил, обележете кои книги сакате да ги читате или видете кои досега ги имате читано, а доколку немате профил, сепак можете да се инспирирате и да го најдете своето следно четиво.

Leave a comment