Книга на летото: „Големиот Гетсби“ од Ф. Скот Фицџералд!

И покрај тоа што најчесто ги пишувам своите препораки на почетокот на секој месец, сепак одлучив дека одвреме-навреме ќе објавувам и текстови за книгите кои особено се истакнале во мојот ум и кои со нетрпение чекам да ги препорачам. Па оттаму, денес би сакала да зборувам за „Големиот Гетсби“ од Ф. Скот Фицџералд, која дефинитивно го зазема приматот на книга на летото. Ова е книга која ја читам веќе трет пат, но е книга која е дефинитивно вредна за препрочитување и секојпат човек ќе најде нешто во неа.

Иако е објавена во 1925 година, овој роман за џез-ерата, опсесијата, љубовта и каењата со право се смета за безвременски роман кој никогаш не губи од своја релевантност. Направени се и неколку екранизации, меѓу кои најпознати се две: екранизацијата од 1974 година со Роберт Редфорд и онаа од 2013 година со Леонардо ДиКаприо. Досега во неколку наврати имам пишувано за „Големиот Гетсби“ (види: Интересни и необични факти за „Големиот Гетсби“! и Што го поттикнало Фицџералд да ја напише „Големиот Гетсби“?

За што се работи во романот?

Книгата е раскажана од гледна точка на Ник Керевеј, сосед на Џеј Гетсби, кој подоцна му станува добар пријател. Ние ја следиме приказната раскажана од негова гледна точка, онака како што тој се сеќава на настаните од тој период на дружење со Гетсби.

Тој е млад, надежен и перспективен и решава да си ја проба среќата во Њујорк. Тој се вселува во една мала куќичка во Вест Ег и набргу ги обновува контактите со Том и Дејзи Бјукенен, богаташи кои живеат во Ист Ег, Том е негов познаник од факултет, а Дејзи е негова братучетка. Таму се започнува и со Џордан Бејкер, позната голферка.

Тој е заслепен од светлата и можностите кои ги нуди Њујорк, истовремено барајќи се себеси во тој голем град. Еден ден, тој мистериозно добива покана на една од забавите на неговиот сосед г-дин Гетсби, забави за кои дотогаш само слушал, но немал можност да присуствува. Тој ќе отиде и веднаш ќе биде запрепастен од целиот тој раскош и изобилство. Конечно, се запознава со Гетсби и тие започнуваат едно познанство, кое на еден начин ќе ги поврзе сите заедно, но и конечно ќе придонесе кон серијата на настани кои одекнуваат во романот.

Зошто треба да ја прочитате книгата?

Најпрво, начинот на којшто е напишана книгата е едноставно прекрасен. Ретко се гледа таков вистински талент за описи и лесно ве води низ приказната, прави да посакувате едноставно да се нурнете во тој свет, да посакате да ги допрете тие извонредни описи. На пример, овој опис особено ми остави впечаток:

„Значи, онаа јунска ноќ не мечтаел само за ѕвездите. Одеднаш ми оживеа пред очи, така исфрлен од утробата на неговиот безначаен раскош.“

Книгатата има помалку од 200 страници и ќе ја прочитате во еден здив, дури и можеби во едно попладне. Речениците, описите, начинот на кој Фицџералд ги гради ликовите е нешто неверојатно, едноставно ќе ве привлече кон себе како магнет. Ја читате книгата и знаете дека читате нешто магично, нешто што само редок талент и мајстор со зборови може да создаде.

Понатаму, од суштинска и тематска гледна точка, книгата изобилува со одлични и многу интересни теми за размислување. За недофатливоста на минатото, за желбата на луѓето да го повторат или одново создадат минатото, за грешките и последиците на грешките, за парите и алчноста, за љубовта и човековата опсесија, за површноста и плиткоста наспроти исправноста и длабочината.

Гетсби е човек со многу лица и несомнено потикнува различни дискусии и различни толкувања и во тоа е убавината на овој роман, но и останатите ликови, некои позитивни, многумина од нив негативни, исто така се интересни за размислување и дискусија.

Освен тоа, навистина морам да го пофалам преводот на новото издание на ТРИ. Преводот е на Драгана Велковска и се работи за навистина одличен превод, се задржува шмекот и топлината на оригиналното издание, а за многу фрази и зборови за кои нема превод или нема некој соодветен најдени се одлични и креативни решенија кои одговараат на тонот на книгата (или во случај кога има дијалог, на тонот на ликот од романот). Постојано се жалиме кога има лоши преводи, но сметам дека е важно и да посочиме и пофалиме превод кој е навистина добар, како што е овој.

Извадоци и мисли од „Големиот Гетсби“ кои ми оставија особен впечаток

Татко ми ми даде еден совет кога уште бев млад и наивен, на кој оттогаш наваму уште помислувам. „Секогаш кога ќе сакаш да критикуваш некого“, ми рече, „сети се дека сите луѓе на светов ја немале предноста што си ја имал ти.“

И така со сонцето и со експлозиите од нови лисја на дрвјата, како што растат работи на забрзани снимки, ме совладуваше една позната мисла дека животот во лето почнува одново.

…животот многу полесно се сфаќа ако го гледаш само од еден прозорец.

Една мисла непрекинато ми се вртеше низ главата, а тоа беше: Нема да живееш вечно, нема да живееш вечно.

Се насмевна полн со разбирање, но и многу повеќе од тоа. Тоа беше една од оние ретки насмевки што влеваат вечна доверба, што може да го огреат човека само неколкупати во животот.

Јас многу сакам големи забави. Толку се интимни. На малите забави човек нема никаква приватност.

Не бев вљубен, само чувствував еден вид љубопитност.

Додека Дејзи ми го зборуваше тоа, офицерот ја гледаше онака како што сите девојки посакуваат да бидат гледани, а бидејќи мене тоа ми се чинеше романтично, добро ја запаметив таа случка.

Во вид на опојна возбуда во ушите почнаа да ми бучат зборовите: Луѓето се делат на гонети, гонители, зафатени и уморени.

Ни оган ни мраз не можат да го уништат она што се крие во човековото срце.

„Минатото не може да се врати назад?“ со недоверба извика. „Се разбира дека може!“

…животот повторно започнува со есенскиот скреж.

Ако е точно тоа, тогаш сигурно се чувствувал небаре стариот свет веќе не постои за него и дека платил превисока цена за тоа што толку долго живеел само со еден единствен сон.

Да научиме да им го покажуваме пријателството на луѓето додека се живи, а не кога ќе умрат…

Гетсби веруваше во зелената светлина, во соблазнителната иднина што од година на година е сè подалеку од нашиот досег. Овој пат ни избега, но ништо, утре ќе почнеме да трчаме побрзо, ќе ги протегнеме рацете уште подалеку…И едно сончево утро…
Така ние се пробиваме со чун спроти струјата што непрекинато нè враќа назад во минатото.

Извор на мислите: Фицџералд, Ф. Скот, „Големиот Гетсби“, Издавачка куќа: ТРИ, 2021

Leave a comment