Погледнете го промотивниот спот за биографскиот филм за Емили Бронте!

Сестрите Бронте навистина го фасцинираат светот на книжевноста и културата, а нивните безвременски дела како „Оркански височини“ (Емили Бронте), „Џејн Ер“ (Шарлот Бронте), „Станарката на замокот Вајлдфел“ (Ен Бронте) и ден денес ги восхитуваат читателите ширум светот. Од таа причина, милиони луѓе ширум светот, но и научници, историчари, книжевници и уметници постојано ги истражуваат животите на сестрите Бронте постојано трудејќи се да најдат ново светло, нов детаљ преку кој уште подобро ќе ги запознаеме сестрите и нивното творештво.

И филмските режисери и сценаристи не се помалку заинтересирани за нив, па оттаму во 2016 година излезе филмот „Невидливо да чекориш“ во продукција на Би-Би-Си, а и нивните дела досега биле екранизирани во неколку наврати, особено „Џејн Ер“ и „Оркански височини“ кои неколку пати биле ставени на големото платно, а „Оркански височини“ доби и своја мини-серија во 2009 година (во која верувале или не, познатиот актер Том Харди го глуми Хитклиф).

(Ема Меки како Емили Бронте, сцена од филмот „Емили“ кој треба да излезе во октомври
Извор на сликата: IMDb)

Па оттаму, не е за изненадување што наскоро ќе имаме можност да погледнеме уште една биографска драма за животот на Емили Бронте, филм кој е едноставно насловен како „Емили“. Филмот го следи замислениот живот на Емили Бронте, која има бунтовен и независен дух, а публиката ќе има можност да следи како да го развива својот талент и успева да го пронајде својот глас и да го напише еден од најголемите класици на сите времиња, „Оркански височини“. Во филмот се претставени и врските кои најмногу ја обликувале и кои најмногу влијаеле на нејзиниот живот и ум, како односот со нејзините сестри Шарлот и Ен. Ќе видиме и како ја навигирала нејзината прва забранета љубов, но ќе ја видиме и грижата за нејзиниот брат.

(официјалниот постер за „Емили“, извор: Wikipedia)

Главната улога, односно улогата на Емили, ѝ е доверена на Ема Меки, која можеби ја знаете од успешната серија на Нетфликс, „Сексуално образование“ (Sex Education), а другите улоги ги играат Александра Даулинг, Амелија Гетинг, Оливер Џексон-Коен (кој игра и во „Изгубената ќерка“), Џо Алвин („Разговор со пријатели“) и Фион Вајтхед.

Ова е инаку и режисерско деби на Франсес О’Конор, која исто така го има и напишано сценариото, а љубителите на книжевни екранизации и книги би можеле да ја знаат бидејќи ја има играно Фани Прајс во екранизацијата на „Менсфилд парк“ на Џејн Остин во 1999 година.

Една од изјавите на Франсес О’Конор за филмот:

„Делата и зборовите на Емили Бронте се полни со страст, чувства, насилство и жестока интелигенција. При создавањето на замислениот живот на Емили, таа повторно ќе живее за нашата публика. Нејзината приказна е приказна за млада жена која се осмелува да се обликува себеси, да ја прегрне својата вистинска природа, и покрај последиците. Емили, всушност, е љубовно писмо до сите денешни жени, особено младите жени, еден вид повик до нив да се предизвикаат себеси и да се поврзат со својот автентичен глас и потенцијал.“

Премиерата на филмот се очекува да се случи на 14 октомври 2022 година.

Подолу погледнете го промотивниот спот за филмот.

Leave a comment