Македонска поезија: „Таа соба“ од Игор Исаковски!

Денес на блогот читаме македонска поезија. Изборот падна на стиховите на Игор Исаковски!

Таа соба – Игор Исаковски

тоа е таа соба во која научи
како да се справуваш со студ и празнина,
со чад, секогаш премногу чад околу тебе,
и звуци кои само од тебе доаѓаат: тоа е
таа соба во која разговаравте, во која
безумно се љубевте и мирисавте еден
на друг, и заедно сонувавте. таа соба
е вашето засолниште од светот, тоа е
нешто кое ќе мораш да го понесеш
со себе каде и да тргнеш. а како се носи
една соба, за две души, насекаде
низ животот? како да се понесе
таа соба во која си ги завршувавте
речениците, небаре слапови во
поток од глечери? додека некаде напред
светка, заедно го наоѓате патот, звуците,
како што треба, доаѓаат од вас, двајцата.
одеднаш, како од едно, така доаѓаат звуците.

Leave a comment