Никој не ја обновил трансценденцијата на пишаниот збор како нобеловецот Херман Хесе (2 јули 1877 – 9 август 1962 година) во возвишениот есеј од 1930 година насловен „Магијата на книгата“. пронајден во неговата постхумно објавена ризница „Моето верување: Есеи за животот и уметноста“. Денес на блогот можете да прочитате извадоци од овој есеј, кои се преземени од страницата The Marginalian на Марија Попова. Најпрво прочитајте го извадокот на македонски јазик, а потоа на крај можете да пристапите и до оригиналниот текст на англиски јазик.

„Меѓу многуте светови што човекот не ги добил како подарок од природата, туку ги создал од сопствениот ум, светот на книгите е најголемиот… Без зборот, без пишувањето книги, нема историја, нема концепт за човештвото. И ако некој сака да се обиде да ја загради историјата на човечкиот дух во мал простор, во една куќа или една соба и да ја направи своја, тој може да го направи тоа само во форма на книги.“
Хесе размислува за историската улога на запишаниот збор:
„Кај сите народи, зборот и пишувањето се свети и магични; именувањето и пишувањето првично биле магични операции, магични освојувања на природата преку духот и насекаде се сметало дека дарот на пишување има божествено потекло. Кај повеќето народи, пишувањето и читањето биле тајни и свети уметности резервирани само за свештенството.
[…]
Денес, ова очигледно е целосно променето. Денес, се чини, светот на пишувањето и интелектот е отворен за секого… Денес се чини дека знаењето и пишувањето се нешто малку повеќе од способноста за дишење… Пишувањето и книгите очигледно се лишени од секое посебно достоинство, секакво маѓепсување и магија… Од либерална и демократска гледна точка, тоа е напредок и се прифаќа како нормален тек; од други гледишта тоа е девалвација и вулгаризација на духот.“
А сепак Хесе нуди оптимистички контрапункт на техно-дистописките наративи кои продолжија да ја претскажуваат смртта на книгата по речиси еден век од неговиот есеј. Хесе тврди дека новите медиумски форми – радиото и филмот не претставуваат закана за книгата, бидејќи книгата е единствена во поглед на нејзината духовна вредност за човечкиот живот. Тој вели:
„Не треба да се плашиме од идна елиминација на книгата. Напротив, колку повеќе одредени потреби за забава и едукација се задоволуваат преку други пронајдоци, толку повеќе книгата повторно ќе освојува со достоинство и авторитет. Зашто и најдетската опиеност со напредокот наскоро ќе биде принудена да препознае дека пишувањето и книгите имаат функција која е вечна. Ќе стане очигледно дека формулацијата со зборови и предавањето на овие формулации преку пишување не се само важни помагала, туку всушност единственото средство со кое човештвото може да има историја и континуирана свест за себе.“

Понатаму, тој додава:
„Сè уште не сме стигнале баш до точката кога помладите ривали како радиото, филмот и така натаму одземале сè од печатената книга, туку само оној дел од нејзината функција што е заменлив.
[…]
Она во што толпата сè уште не се сомнева и можеби нема да го открие уште долго време, веќе почна да се решава меѓу самите креатори: фундаменталната разлика помеѓу медиумите преку кои се обидува да се постигне одредена уметничка цел. Кога овој развод ќе биде конечен, сигурно, сè уште ќе има невешти романи и филмови кои се шунд, чии креатори се нестабилни таленти, шлепатори во области во кои немаат компетентност. Но, оваа поделба ќе придонесе многу за разјаснување на концептите и олеснување на книжевноста и нејзините сегашни ривали. Тогаш киното нема да може повеќе да ја оштети литературата отколку, на пример, фотографијата да му наштети на сликарството.
Според Хесе, она што ѝ ја дава на книгата оваа непоколеблива стабилност е токму нејзиниот магичен карактер – лик кој е непроменлив и незаменлив колку и да се менуваат нашите медиуми.
Тој напишал:
„Законите на духот се менуваат исто толку малку како и оние на природата и подеднакво е невозможно да се „отфрлат“. Свештенствата и еснафите на астролозите можат да бидат распуштени или лишени од нивните привилегии. Откритијата или поетските пронајдоци кои порано биле тајни поседи на малкумина можат да им бидат достапни на многумина, кои дури можат да бидат принудени да дознаат за овие богатства. Но, сето ова продолжува на најповршно ниво и во реалноста ништо во светот на духот не се променило уште откако Лутер ја превел Библијата и Гутенберг ја измислил печатницата. Целата магија сè уште е таму, а духот е сè уште тајна на малата хиерархиски организирана група на привилегирани личности, само што сега бандата стана анонимна.“

Во оваа насока, тој продолжува да аргументира:
„Лидерството се лизна од рацете на свештениците и научниците на некое место каде што веќе не може да биде повикано на одговорност и да биде одговорно, каде што, сепак, повеќе не може да се легитимира или да се повикува на која било власт. За оној слој на писатели и интелектуалци кој одвреме-навреме се чини дека води затоа што го обликува јавното мислење или барем ги снабдува денешните пароли – тој слој не е идентичен со креативниот слој.“
Тој творечки слој, тврди тој, се состои од безвременски дела кои продолжуваат да ја маѓепсуваат јавната имагинација со децении или векови или милениуми по нивното создавање, било да се тоа античките источни филозофии новоприфатени од Западот или делата на Ниче. Тој понатаму продолжува:
„Секојдневно можеме да видиме колку се потполно чудесни и налик бајки приказните на книгите, како во еден момент тие ја имаат најголемата волшебност, а потоа повторно го имаат дарот да станат невидливи. Поетите живеат и умираат, познати на малкумина или никому, а ние ги гледаме нивните дела по нивната смрт, често децении по нивната смрт, како одеднаш блескаат од гробот како да не постои времето.“
А она што ни го даваат при издигнувањето е токму таа магија на книгата, толку вечна и неизгаслива, но која толку лесно се заборава и зема здраво за готово:
Иако денес способноста за читање е дел од сите, сепак само малкумина забележуваат каков моќен талисман е ставен во нивните раце. Детето кое се гордее со своето младешко познавање на азбуката, првиот успех го доживува кога ќе прочита стих или поговорка, потоа кога ќе ја прочита првата мала приказна, бајка и додека оние кои не биле повикани изгледа ја применуваат својата способност за читање на вестите или на деловните рубрики во нивните весници, има неколкумина кои остануваат постојано маѓепсани од чудното чудо на буквите и зборовите (кои некогаш, сигурно, за секого биле магија и волшебна формула). Од овие неколкумина доаѓаат читателите. Тие како деца ги откриваат неколкуте песни и приказни… и наместо да им го свртат грбот на овие работи откако ќе стекнат способност за читање, тие се движат напред во областа на книгите и чекор по чекор откриваат колку е огромен, колку разновиден и благословен е овој свет!

Меѓу другото, Хесе вели:
„Отпрвин го гледаа овој свет како убава детска градина со кревет од лале и мало езерце со риби; потоа градината станува парк, станува пејзаж, дел од земјата, светот, станува Рај и Брегот на Слоновата Коска, мами со постојано појавување на нови маѓепсници, цути постојано во нови бои. И она што вчера изгледаше како градина или парк или џунгла, денес или утре се препознава како храм, храм со илјада сали и дворови во кои е присутен духот на сите народи и времиња, кој постојано чека повторно будење, секогаш подготвен да го препознае многугласното мноштво на тие појави како едно единство. И за секој вистински читател овој бесконечен свет на книги изгледа различно, секој се бара и се препознава себеси во него… Илјада начини водат низ џунглата до илјада цели, а ниедна цел не е конечна; со секој чекор се отвораат нови пространства.“
Хесе продолжува и дава еден многу силен аргумент:
„Секој вистински читател би можел, дури и да не била објавена ниту една нова книга, да потроши децении и векови проучувајќи, борејќи се, продолжувајќи да се радува на богатството на оние книги што веќе му се при рака.“
Она што му ja дава најголемата магија на читањето, тврди Хесе, е фактот дека ова огромно тело на пишаниот збор е истовремено неизмерно разновидно и сведено на наједноставните, најуниверзалните човечки вистини:
„Големото и мистериозното нешто во ова читачко искуство е ова: колку подискриминирачки, почувствително и поасоцијативно учиме да читаме, толку појасно ја гледаме секоја мисла и секоја песна со целата нејзината уникатност, нејзината индивидуалност, со нејзините прецизни ограничувања и гледаме дека целата убавина, целиот шарм зависат од оваа индивидуалност и уникатност – во исто време сфаќаме уште појасно како сите овие сто илјади гласови на различни нации се стремат кон исти цели, повикуваат исти богови со различни имиња, сонуваат исти желби, ги чувствуваат истите таги. Од илјадакратното ткиво на безброј јазици и книги од неколку илјади години, во екстатичните моменти, една чудесно благородна и трансцендентна химера гледа во читателот: се работи за ликот на човештвото, шармиран во единство од илјада контрадикторни карактеристики.“
