Денес започнува Скопски поетски фестивал!

Второто издание на Скопскиот поетски фестивал започнува денес и ќе трае до 1 септември. Ова е одлична можност за љубителите на поезијата да присуствуваат на повеќе настани во рамки на фестивалот, како што се поетски читања, музички настапи, работилница за креативно пишување поезија за млади, а најавена е и ликовна изложба и премиера на неколку поетски филмови. Оваа година фестивалот се одржува на две локации: во Младинскиот културен центар (МКЦ) ‒ Скопје и во кафе-книжарницата „Буква“.

(Дизајнот на официјалниот постер е дело на Андреј Павлов, извор на сликата: Скопски поетски фестивал)

Според најавите, на поетските читања ќе учествуваат околу 20 домашни и странски поети.

Во продолжение прочитајте ја и програмата:

Понеделник, 29 август:

„Отскочна даска“ – преднастан за млади поети од 16 до 25-годишна возраст.

„Сум страдал, ама убаво ми било“ ‒ изложба на колажи за Скопје од Валентина Бакти (Србија).

Локација: кафе-книжарница „Буква“, од 20 ч.

Вторник, 30 август:

„Во друштво на мртвите поети: како битник ‒ џез и поезија“ ‒ тематско поетско читање на кое во придружба на џез-музичарите Шамба и Сол ќе настапат:

Андреј Ал-Асади, Јовица Ивановски, Делвина Крлуку, Мариета Дукиќ, Д. А. Лори, Митко Апостолов, Васко Марковски, Радмила Петровиќ од Србија, Сергеј Тимофеев од Латвија и избраниот/избраната на „Отскочна даска“.

Локација: Младински културен центар ‒ Скопје, од 20 ч.

Среда, 31 август: Интернационална поетска вечер

Ќе настапат: Влада Урошевиќ, Владимир Мартиновски, Радмила Петровиќ од Србија, Сергеј Тимофеев од Латвија, а вечерта ќе заврши со кус поетско-музички перформанс на Пијан Славеј.

Локација: Младински културен центар ‒ Скопје, од 19 ч.

Четврток, 1 септември:

• 18 ч.: „Урбана поезија“ ‒ работилница за креативно пишување поезија за млади на која ќе говорат дел од поетите што учествуваат на читањата.

• 21 ч.: „Стиховно мапирање на Скопје“ ‒ видеопроекција на 12 поетски филмови изработени од Сандра Ѓоргиева, Марија Шаклева, Диме Данов и Валентина Бакти (Србија), врз основа на песни за Скопје од поетите: Блаже Конески, Анте Поповски, Радован Павловски, Владимир Мартиновски, Васко Марковски, Исток Улчар, Биљана Стојановска, Ана Голејшка Џикова, Јулијана Величковска, Ивана Јовановска, Ѓоко Здравески и Андреј Ал-Асади.

Локација: кафе-книжарница „Буква“

За повеќе информации следете ја официјалната страница на Скопски поетски фестивал на Фејсбук и официјалниот настан на Фејсбук.

Leave a comment