Книжевноста и културата се столбови на секое општество. Со негување на книгите и љубовта кон читањето се влијае кон градењето на здрави темели во секое општество. Од особена важност е да ги почитуваме и цениме и домашните автори кои создаваат и творат одлични дела кои вредат да останат во македонското културно и книжевно наследство. Токму затоа, за поздравување е кампањата „Читаме современи македонски автори“, која е иницирана од Градска библиотека „Браќа Миладиновци“.

Како што пренесува порталот МКД.мк, „активностите ќе почнат на први септември, а целта е на читателите да им се доближат делата на современите македонски писатели од поновата генерација.“
Кампањата „Читаме современи македонски автори“ ќе се одвива низ неколку активности: библиотеката предлага книга на месецот, која ќе биде достапна низ сите објекти, потоа следува разговор со авторот, а на крајот и Клуб на читатели – отворен за сите кои ќе сакаат да ги споделат своите впечатоци по читањето на делото.
Проектот почнува на први септември со книгата „Сфинга на гневот“ од авторот Жарко Кујунџиски. (Книгата е во издание на „Антолог“)
По повод започнувањето на кампањата, директорката на библиотеката Снежана Стојчевска изјави:
„Македонската литература има долга традиција, а нејзината вредноста ја продолжуваат авторите кои ни се современици, наши колеги, сограѓани, луѓе со кои заедно го креираме македонскиот културен контекст. Свесни сме дека како земја и култура немаме изградена стратегија за превод на македонската литература на светски јазици, дека многу од нашите автори, иако заслужуваат немаат ниту еден превод надвор од нашите граници, но тоа не нè обесхрабрува. Напротив, сметаме дека токму нашите читатели треба да бидат тие кои ги читаат домашните писатели. Оттука, нашиот порив да поттикнеме што поголем интерес за домашната литература и за македонските автори. Тоа го правиме во соработка со македонските издавачи, кои засега одлично одговараат на повикот и идејата за кампањата“.
ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ е основана во 1945 година. Денес во нејзин состав работат 4 централни библиотеки, 14 подружници и една подвижна библиотека и брои околу 26 илјади членови.
