Започна септември, се приближува есента и прекрасните моменти за читање, а тоа значи дека е време за стандардната листа со препораки за читање составена од најдобрите книги прочитани во изминатиот месец. Освен тоа, на 7 септември започнува Фестивалот на книгата, па доколку барате препораки, можеби ќе се инспирирате од книгите подолу.
„Приказна за изгубеното девојче“ – Елена Феранте
Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 5/5
Осврт: Четвртиот и последниот дел од серијалот „Неаполските приказни“, приказната за Лену и Лила која ги освои читателите ширум светот, вклучувајќи ги и македонските читатели. Последниот дел ги следи добро познатите ликови во нивната подоцнежна зрелост, длабоко навлезени во животот, обврските, семејството. Според мене, ова е и најдобрата книга од целиот серијал. Особено ме воодушеви начинот на кој се испреплетуваат животите на сите ликови, не само на главните и секоја приказна, макар и минорна има свое место во приказната.
Искрено препорачувам да го прочитате целиот серијал и тоа по правилниот редослед: „Мојата генијална другарка“, „Приказна за новото презиме“, „Приказна за оние што заминуваат и за оние што остануваат и „Приказна за изгубеното девојче“. Неверојатно испреплетена приказна за животите на луѓето во едно сиромашно маало во Неапол, од нивното детство, сè до нивната старост.
Омилена мисла од книгата: „Единствен мој проблем отсекогаш бил немирот во мојата глава. Не можам да го смирам, морам постојано да создавам и да уништувам, да покривам и да откривам, да зацврстувам, а потоа одеднаш да уништувам.“
„За национализмот“ – Џорџ Орвел

Издавачка куќа: БЕГЕМОТ
Оцена: 5/5
Осврт: Џорџ Орвел е еден од писателите кои се чини дека добиваат само повеќе релевантност и свежина како што минуваат годините. Покрај неверојатните романи „1984“ и „Животинска фарма“, Орвел е познат и по своите политички и општествени коментари, па така ова дело е збир од неколку негови политичко-општествени есеи во кои дискустира на повеќе теми како што е национализмот, економијата, итн.
Некои од текстовите се производ од времето во кое живеел, па многумина можеби не би се сложиле со неговите погледи, но сепак, неговите поенти, остри и директни, ќе ве натераат да размислувате, дури и кога не се согласувате, не може да не ви се допадне неговата елоквентност. Голем дел од работите за кои зборува се актуелни и денес.
Омилена мисла од книгата: „…и најправичната и најпријатната личност може наеднаш да се претвори во најзлобен фанатик, желен само да „постигне поен“ против својот соперник, рамнодушен за тоа колку лаги ќе каже и колку логички грешки ќе направи во процесот.“
„Подвижна гозба“ – Ернест Хемингвеј

Издавачка куќа: АРС ЛАМИНА
Оцена: 5/5
Осврт: Последниве месеци решив да му се посветам повеќе на творештвото на Хемингвеј и засега навистина уживам во она што го напишал и творел. Оваа книга е малку поразлична од она на кое се навикнати читателите, односно се работи за мемоар на Хемингвеј за времето кога бил млад и надежен писател кој живеел во Париз, кој сè уште се трудел да се пробие на книжевната сцена, како и за неговите маки да преживее без пари. Книгата изобилува со мноштво интересни анегдоти со многу познати личности од тоа време: Гертруда Стајм, Езра Паунд и многу други, а мене лично најинтересни ми беа поглавјата со Ф. Скот Фицџералд кои даваат увид во почетокот на нивното познанство.
Омилена мисла од книгата: „Никогаш не оди на патување со некој што не го сакаш.“
„Сула“ – Тони Морисон

Издавачка куќа: АРТКОНЕКТ
Оцена: 5/5
Осврт: Тони Морисон е една од најпознатите американски писателки која во 1993 година ја доби Нобеловата награда за книжевност. Иако можеби многумина најмногу ја знаат по нејзиниот роман „Љубена“, сепак нејзиното творештво е разновидно и богато. „Сула“ е еден многу интересен и прилично краток роман кој ќе го прочитате за кратко време, а ќе ви остави силен впечаток.
Приказната ги следи Сула и Нел две другарки од детството, но и нивниот развој, однос и пријателство низ текот децениите. Сепак, приказната не е само за две пријателки, туку има дополнителен општествен и хуман карактер кој се провејува зад сите работи кои се случуваат.
„The Game“ – Алесандро Барико

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Оцена: 4.5/5
Осврт: Алесандро Барико е неверојатен писател кој во ова дело нè води низ развојот на она што ние го нарекуваме денес „дигитална револуција“ и „дигитален свет“. Со нему својствениот стил, тој објаснува и дискутира за развојот на технологијата, компјутерите, интернетот и друштвените мрежи и се труди да навлезе во причините за нивното настанување, но и нивното влијание на сегашноста и на различните аспекти од нашите животи. Некои од работите се веќе познати, но неговиот агол е свеж и интересен, кога читате имате чувство дека тој разговара директно со вас, читателот, а секако тука е и неговиот хумор кој ја прави книгата истовремено поучна, но и навистина забавна.

