Кои три книги од Фредрик Бакман треба да ги прочитате?

Фредрик Бакман е еден од најпопуларните и најчитаните современи европски автори. По потекло е од Шведска, каде што живее и твори, но со своите оригинални, топли и толку човечки приказни допира до луѓе кои живеа ширум цел свет. Најголема слава достигна со „Човекот по име Уве“ (за која пишував тука), а на блогот пишував и за „Брит-Мари беше тука“ и „Секое утро патот до дома е сè подолг и подолг“ (тука).

Начинот на кој Бакман пишува е многу шармантен, полн со хумор, но и со сентименталност, па дури да се свестите, се фаќате себеси како сте се поврзале со неговите ликови, секој од нив со свои доблести и мани, но секој со некаква магична топлина во себе. Па оттаму, сакав да предложам уште три книги од Бакман кои ги прочитав во текот на летото и кои сметам дека заслужуваат засебна објава.

Сите македонски изданија се на издавачкиот центар АНТОЛОГ.

Ова се моите предлози:

Вознемирени луѓе

За разлика од останатите две книги кои се наоѓаат на листава, „Вознемирени луѓе“ е поголема по обем и има малку поинаков тон, но секоја страница е свежа, нова, ликовите ги запознаваме постепено и секој од нив има своја приказна, а Бакман сето тоа го запакувал на мошне интересен начин кој постојано ви го привлекува вниманието.

Книгата започнува во полициска станица каде еден млад полицаец истражува еден мошне чуден случај. По неуспешен обид за грабеж на банка, мистериозниот осомничен влегува во зграда во стан за да избега од полицијата. Во станот се погодуваат неколку луѓе кои се заинтересирани купувачи. Но, кога заложниците излегуваат неповредени од станот, полицијата сфаќа дека станот е празен и дека сторителот исчезнал. Па така, почнуваат да ги испитуваат сведоците за да откријат што се случило.

Приказната е навистина многу интересна, најпрвин личните приказни на сите ликови кои бавно се отплеткуваат пред нашите очи, а потоа и општествено-економските коментари кои Бакман ги дава преку самата приказна. Секако, сето тоа е спакувано со голема доза на хумор, но мора внимателно да ја следите приказната, зошто лесно може да се случи да пропуштите некој важен детаљ.

Живот за живот

Уф, оваа книга навистина ми го помести тлото под нозете во емотивна смисла. Се работи за една мошне мала книга, по обемот на страниците, но со себе носи една приказна која ќе ве натера да размислувате за приоритетите во животот, за тоа што е животот и колку брзо тече и колкав дел од него живееме со полни гради.

Во книгата се среќаваме со едно девојче кое се бори со ужасна болест и еден бизнисмен кој целиот живот бил посветен на градење империја и пари, честопати на сметка на своето семејство. Како што се движи приказната, така Бакман нè принудува да размислуваме за тоа како ние го трошиме нашиот живот.

Одлична книга, а нема да лажам, пуштив и неколку солзи.

Сè што син ми треба да знае за светот

И ова е книга која можете да ја прочитате на едно седнување, бидејќи е толку шармантна и симпатична, што не е ни важно дали сте родители или не, не може да не ве освои со својата содржина. Книгата е во форма на совети кои авторот му ги дава на својот син, но преку пишувањето, Бакман и самиот истражува што значи да се биде родител, какви се предизвиците, зборува за различните згоди и незгоди кои им се случуваат на родителите, а и нему како новопечен татко кој нема искуство со деца.

На неколку наврати се смеев на глас, бидејќи четивото е толку искрено и хумористично, верувам дека голем дел од оние кои се родители сосема ќе се пронајдат во дел од ситуациите, а сепак книгата е многу забавна и за оние кои не се родители. Топла препорака!

Ова се моите предлози од Фредрик Бакман, а од неодамна почнаа да излегуваат и книгите од серијалот „Мечкоград“, кои се надевам ќе ги прочитам наскоро.

Leave a comment