Денес започнува книжевниот фестивал BookStar!

Под мотото „Храбри нови зборови“ или Brave New Wor(l)ds, денес започнува осмото издание на книжевниот фестивал BookStar во организација на „Антолог“. Фестивалот ќе се одржува на неколку локации низ Скопје, а меѓу учесниците ќе биде и познатата исладнска авторка Ирса Сигурдардотир.

Оваа година, наградата BookStar оди во рацете на феноменалната авторка Светлана Алексиевич за „Војната нема женско лице“. Алексиевич во 2015 година ја доби Нобеловата награда за книжевност. За жал, таа не е во можност да дојде во Македонија, но нејзините читатели ќе имаат можност на 5 октомври со почеток од 21 часот да присуствуваат на видео разговор со авторката во кино „Фросина“.

Фестивалот изобилува со многу интересни настани, а за пофалба е и одлуката да се воведе наградата за најдобар превод „Драги“ во чест на починатиот писател, преведувач и професор Драги Михајловски.

На 5 октомври во Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје ќе се одржи и книжевно читање на кое свое учество ќе земат и странски учесници како Ирса Сигурдардотир (Исланд), Петар Денчев (Бугарија), Богдан-Александар Станеску (Романија), Кристина Гавран (Хрватска), Оља Стојанова Џакова (Бугарија), Игор Штикс (Хрватска), Даина Ополскаите (Литванија), Надја Теранова (Италија), Моника Компаникова (Словачка), но и домашни учесници и автор(к)и: Јордан Коцевски, Снежана Стојчевска, Билјана Црвенковска, Петар Андоновски, Елена Филиповска, Владимир Јанковски, Елизабета Баковска, Жарко Кујунџиски.

Целосната програма можете да ја погледнете тука, а на овој линк можете да го погледнете фестивалскиот каталог. За повеќе информации следете го официјалниот настан на Фејсбук.

Влезот на сите настани во склоп на фестивалот е бесплатен.

Leave a comment