Вирџинија Вулф е една од највлијателните писателки на 20 век. Нејзините дела кои се проткаени со „текот на свеста“ се интроспективни, длабоки и навлегуваат длабоко во човековата душа. Нејзиниот живот, како и нејзините дела се постојан предмет на интерес, а досега неколку пати се пишувало за неа на блогот (Погледнете: Зошто треба да ја читате Вирџинија Вулф?, Пет факти за Вирџинија Вулф, Вирџинија Вулф: „Зборовите не живеат во речниците!“, Вирџинија Вулф за тоа како треба да ги читаме книгите!)
Доколку се двоумите од каде да почнете со нејзиното творештво, можете да се водите и според овие предлози, кои беа објавени на страницата на издавачката куќа „Пингвин“. (На крајот на текстот можете да пристапите кон оригиналниот текст)

„Госпоѓа Даловеј“ (1925)
Иако овој роман е напишан околу средината на нејзината кариера, тој претставува олицетворение на посебниот стил на Вулф и ја означува совршената точка од која можете да почнете да навлегувате во нејзиното пишување. Заплетот на приказната е навидум многу едноставен. Клариса Даловеј организира забава и романот ги следи нејзините подготовки во текот на денот, кулминирајќи со самиот настан. Нејзината приказна е испреплетена со приказната за Септимус, ветеран од Првата светска војна, кој страда од халуцинации и прогонувачки спомени. Деталите за овој ден обемно се прошируваат за да го опфатат целиот нивен живот и да ја прослават важноста на нашите мисли и чувства од момент до момент.
„Кон светилникот“ (1927)
Мајката на Вулф починала кога таа имала само 13 години, а овој роман е можеби најличен на авторката бидејќи ја олицетворува нејзината мајка во живиот и бурен лик на г-ѓа Ремзи, која се грижи за своето семејство и гостите додека се во нивниот летен дом. Вулф има извонреден начин да покаже како искуството се филтрира низ перцепцијата на поединецот во одредено време, преку нивниот тек на свеста. Овој стил e прекрасен за да создаде приказна толку емотивно потресна што ќе ја почувствувате вистинската трогателна сила на сето она што е изгубено во неизбежниот чекор напред на времето.
„Орландо“ (1928)
Надвор од текот на свеста, оваа разиграна и смешна новела ја демонстрира блескавата широчина на имагинацијата на Вулф. Напишана како разработено љубовно писмо до пријателката и љубовница на Вулф, Вита Саквил-Вест, книгата прикажува живот што се пробива низ границите на ограничувањата на смртниците преку главниот лик кој патува низ векови и го менува родот. Орландо го искусува животот како благородник во дворецот на Елизабета I, дипломат во Константинопол и преживува до дваесеттиот век за да стане славен поет. Ликот е брилијантно портретиран од Тилда Свинтон во филмската екранизација на овој роман, но самата книга мора да се прочита за да се доживее вистинското изобилство на нејзината неверојатна приказна.
„Брановите“ (1931)
Вулф е на врвот на нејзината творечка моќ во оваа книга. Ќе забележите како ги кристализира темите и стилот прикажани во четирите претходни романи. Тука се прикажани животите на шест ликови додека растат од детството до староста; поетскиот јазик го доловува секое нивно сетилно искуство во светот. Секој дел започнува со опис на сонцето додека се движи по небото и на тој начин ги врамува нивните животи во еден ден. Можеби на почетокот ќе ви делува чудно, но уживајте полека во читањето и мудроста на романот ќе проникне во вас. Тоа е книга што треба да се чува на дофат во сите фази од животот и да се чита во интервали – поинаку ќе се идентификувате со нејзините шест различни протагонисти додека тие стареат во однос на промените кои вам ви се случуваат.
„Сопствена соба“ (1929)
Сега кога веќе доаѓате до момент да ја цените умешноста на романите на Вулф, ќе ви биде возбудливо да го прочитате овој проширен есеј кој сè уште се смета за нијансирана и триумфална феминистичка изјава. Заснован на две предавања што Вулф ги одржала на колеџот Гиртон на универзитетот Кембриџ во 1928 година, „Сопствена соба“ стана толку витален дел од феминистичкиот свет што само насловот на делото се претвори во синоним за независност.
Вулф се движи низ социјалните и економските фактори кои ги спречуваат жените да го достигнат својот целосен креативен потенцијал со привлечна креативност. Како пример, таа го замислува измислениот лик Џудит како сестра на Шекспир која го поседува целиот негов талент, но е ограничена од очекувањата на општеството за жените. Особено е моќно читањето на нејзините размислувања за маргинализацијата на писателките и сфаќањето на храброста што ѝ била потребна за да ги напише и објави нејзините други дела.
„Годините“
Во „Годините“, ние како читатели се восхитуваме на тоа како сцените за кои пишува Вулф истовремено ги опфаќаат и малите и големите опсежни елементи на животот. Таа користи помалку поетски стил на пишување во овој роман кој ги прикажува животите на едно нежно семејство во период од педесет години, но само низ одредени моменти во одредени години. Деталите за променливите годишни времиња и времето го бојат расположението на секое поглавје. Интересно, за време на животот на Вулф, ова била нејзината најпродавана книга, но нејзината популарност се намалила со текот на времето. Сепак, нуди панорамски поглед на начинот на кој личноста се менува со променливите песоци на историјата.
„Помеѓу чиновите“ (1941)
„Помеѓу чиновите“ е последниот роман на Вулф, а некои критичари го сметаат за недовршен роман. Како резултат на тоа, романот е обоен со трагедија. Книгата, која раскажува за случувањата околу аматерската продукција на една драма во едно село, билаа објавена набргу по самоубиството на Вулф, а пишувањето на книгата ѝ било предизвик додека се борела со нејзината последна депресивна епизода. Сепак, се работи за релевантен, остроумен и потценет роман за разорното влијание на двете војни врз Британија и нејзиниот народ. Како и поголемиот дел од пишувањата на Вулф, романот „Помеѓу чиновите“ е фасциниран од времето, неговото минување и начинот на кој може да го менува обликот. Тоа е важен роман за да се разбере што ја мотивирало.
