Овие неколку месеци беа навистина бурни и исполнети со многу случувања, но сепак, како и секогаш одвојував многу време за читање како мој начин да избегам од светот и реалноста. Денес на блогот можете да ја прочитате стандардната листа со препораки составена од книги кои ги прочитав изминатиот месец.
„Америка“ – Франц Кафка

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Оцена: 5/5
Осврт: Оние кои го следат мојот блог, можеби забележале дека последниве неколку месеци почесто го читам Кафка. Откако ги прочитав „Преобразба“ и „Процес“ пред неколку години, решив да се посветам повеќе на неговото творештво, па прво ја прочитав „Замок“, а изминатиот месец ја прочитав „Америка“ и мислам дека овој роман најверојатно ми е омилениот од Кафка. Ги има сите негови главни карактеристики, но мислам дека е неговиот најзабавен роман, кој иако го става својот главен јунак низ многу перипетија, сепак има некоја интересна и необична доза на оптимизам.
Во овој роман го следиме главниот лик, младиот Карл Росман, кој пристигнува сам во Америка, со цел неговите родители да избегнат поголем скандал поради младешка занесеност. Ние заедно со Карл ја искусуваме Америка преку очите на еден млад човек, исплашен и несигурен од таа непозната земја и гледаме како се труди да се прилагоди и снајде, а како и во секој роман на Кафка, на секоја кривина има некакви предизвици, незгоди и апсурдни ситуации.
Одличен роман и топла препорака да го прочитате доколку веќе го немате сторено тоа!
„Војна на световите“ – Х. Џ. Велс

Издавачка куќа:
Оцена: 5/5
Осврт: Морам да признаам дека не сум голем обожавател на научна фантастика и тоа се забележува и по моите препораки за читање, многу поретко се појавуваат на блогот. Имам голема почит за жанрот, само не секогаш ми лежи. Сепак, одлучив да ја прочитам оваа книга, бидејќи се работи за класик, роман кој ги поместил границите на своето време и за мене тоа беше доволно.
Не можам ни да опишам колку се внесов во книгава и колку ми се допадна. Особено се воодушевив на креативноста и замислата имајќи предвид дека е објавена на крајот на 19 век, кога технологијата не била напредна и многу работи помалку се знаеле. Неверојатни описи, неверојатна приказна, едноставно постојано бев на работ на мојата фотеља исчекувајќи што ќе се случи следно и немав никаква замисла околу тоа како ќе заврши.
Како што можеби веќе знаете, жителите на Марс доаѓаат Земјата и започнуваат војна со човештвото. Неверојатна книга. Неверојатна! Дури и не сте обожавател на научна фантастика, дајте ѝ шанса на оваа книга, нема да ве разочара!
„Љубовна хипотеза“ – Али Хејзлвуд
Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 4.5/5
Осврт: Оваа книга цело лето ми излегуваше на социјалните мрежи и на крај решив да ја прочитам, иако го одложував читањето некој период. Но, еднаш кога ја фатив во рака, не можев да ја пуштам. Оваа книга има забавен и лесен стил, може да ја прочитате за неколку часа, а ако целта ви е едноставно да се одморите од светот и да го исклучите стресот (како што ми беше мене), тогаш ова ќе биде супер книга за вас.
Ја следиме приказната на Олив, која е докторанд, амбициозна девојка која се труди да го пронајде својот пат во академската заедница. Таа има мал круг на пријатели, па сакајќи да ја убеди својата другарка дека го преболела типот кој ѝ има фрлено око на неа (и таа нему), случајно бакнува еден професор, кој го бие лош глас и дека има лош карактер. Но гласините се прошируваат и Олив е приморана да направи договор со професорот да глумат дека се заедно барем на одреден период. Тој прифаќа бидејќи како што и самиот вели и тој има свои причини за тоа.
Се случуваат различни згоди и незгоди, но целото патување низ книгата е забавно и слатко. Книгава навистина ми се погоди во вистински период!
„Ти не знаеш да сакаш“ – Сузан Е. Филипс

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Оцена: 4/5
Осврт: Една од причините поради кои сакав да ја прочитам оваа книга е што е романтична комедија напишана во 90-тите и покрај тоа дејството е сместено во патувачки циркус, необична премиса за романтична комедија и тоа беше доволно да ме привлече книгата.
Кога почнав да ја читам, не можев да ја испуштам од раце. Секако има многу клише моменти, како и во секоја романтича комедија, но истовремено е забавна, топла и ќе ве орасположи додека ја читате.
Дејзи е млада девојка која живеела необичен живот, а по неколку ситуации, нејзиниот татко за да ја научи на лекција ја става во лоша ситуација на договорен брак со Александар Марков, кој живее во патувачки циркус (и настапува). Делува како кошмар и на почетокот навистина е кошмар, но наскоро Дејзи успеава да се избори за својата независност и да стане силна жена која се заљубува во животните и прави сè за да им го направи животот подобар.
Лесна, забавна, интересна.
„Малибу во пламен“ – Тејлор Џенкинс Рејд

Издавачка куќа: АРС ЛАМИНА
Оцена: 3.5
Осврт: Ме заинтересира оваа книга откако видов дека беше прогласена за книга на годината на Goodreads, но ми требаше подолго време додека се зафатам да ја читам. Како и голем дел од другите книги на листава, овозможува бегство од реалноста и полесно справување со стресот.
Ми се допадна тоа што е сместена во 80-тите години на 20 век, па голем дел од референците од тоа време се многу интересни. Главното дејство на книгата се случува во 24 часа, односно на денот на една од најпознатите забави во тоа време, организирана од страна на Нина Рива, но во меѓувреме следиме и навраќања во минати декади кои ни овозможуваат да ѕирнеме во животот на семејството Рива и сите турбуленции низ кои морале да поминат браќата и сестрите, особено Нина како најстарата сестра која секогаш се грижела за нив.
Сето тоа се случува додека Рејд ја гради кулминацијата која води до вечерта на забавата кога се откриваат многу работи и духови од минатото. Иако не можам да кажам дека ми беше една од омилените книги, сепак мислам дека е солидно и интересно четиво и приказната е интересно изградена.

