Разговор со Игор Станојоски во Градска библиотека „Браќа Миладиновци“!

Некаде на крајот на август, Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ објави дека започнува нова кампања, „Читаме современи македонски автори“ со цел да ја крене свесноста и да ги поттикне македонските читатели да читаат македонски современи автори. Па така, замислата е секој месец да се прогласува книга на месецот, која читателите ќе ја читаат, а потоа замислата е книгите да се дискутираат на Клубот на читатели, а се организираат и средби со зададените автори и авторки.

Засега кампањата се одвива одлично, првата книга на месецот, со која и започна кампањата, беше „Сфинга на гневот“ на Жарко Кујунџиски, а „Девет приказни за госпоѓица Сит“ од Билјана С. Црвенковска беше книга на месец октомври. За книга за овој месец прогласен е одличниот роман „Диссомнии“ на Игор Станојоски, за кој имам пишувано и на блогот.

По тој повод, денес (7 ноември), со почеток од 19 часот, во Спомен-соба „Т’га за југ“ во Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ ќе се одржи средба со авторот Игор Станојоски. Како што се наведува на официјалниот настан на Фејсбук, „промоцијата и доближувањето на насловите до читателската публика е и преку дијалог со авторот за процесот на создавање на делото, за неговите творечки дилеми, за живото на делото по објавувањето и слично.“ Разговорот со Игор Станојоски ќе го води книжевната критичарка Александра Јуруковска, а фрагменти од делото ќе чита актерот Андреј Серафимовски.

За романот „Диссомнии“, Станојоски ја добива наградата „Рационово признание“ во 2018 година. Романот досега има три изданија во Македонија, а издаден е и на босански јазик во издавачката куќа Бајбук во превод на Сеида Бегановиќ.

За повеќе информации, следете ја официјалната Фејсбук страница на Градска библиотека „Браќа Миладиновци“.

Leave a comment