Почнувајќи од летово, решив дека кога некоја книга навистина ќе ме погоди во текот на едно годишно време, ќе ја издвојам како посебна препорака, наместо како обично во моите месечни листи. За време на летото, ја прогласив „Големиот Гетсби“ како книга на летото, а сега решив да ја прогласам „Кандид“ на Волтер за книга на есента.
Ова е книга која се обработува и како лектира во средно училиште, барем јас се сеќавам дека мојата генерација ја обработуваше. Уште тогаш ми остави силен впечаток и си ветив дека барем уште еднаш во животот ќе ја препрочитам. Сега сум возрасна и средношколските денови се одамна зад мене, па се инспирирав и решив да ја препрочитам оваа книга. Сакав да видам со какви очи ќе ја доживеам и кои нови лекции ќе ги научам. Има некоја посебна убавина во препрочитувањето на книги, особено кога ќе поминат неколку години. За тоа веќе имам пишувано на блогот.
„Кандид“ е вистински класик, преку кој Волтер изнесува многу важни прашања за светот и животот и со право се смета за еден од најзначајните романи од тој период.
За што се работи во романот?
Кандид е младо момче кое живее во замокот Тундер-тен-тронк. Тој е израснат и цврсто верува во доктрината дека „ова е најдобар од сите можни светови“, впивајќи ги сите лекции кои ги учи од филозофот и учител Панглос. Меѓу другото тој го учи дека не само што сè е добро, туку „сè е најдобро“. Но, поради одредени немили случувања, Кандид се фаќа себеси заплеткан во серија на несреќни настани, по што почнува да се запрашува самиот себеси:
„Ако е овој најдобриот од сите можни светови, какви ли се тогаш другите?“
Така тој почнува да патува низ светот, но на секој чекор постојано му се случуваат незгоди или е сведок на ужасни злосторства кои почнуваат да му ја занишуваат вербата во светот. Тој низ текот на романот патува низ многу далечни земји и учи многу лекции, а истовремено се појавуваат и различни ликови со кои тој има различни дискусии. Со својата наивност тој честопати е прелажуван и изневеруван, иако сака да го задржи својот оптимизам.
Зошто треба да го прочитате романот?
Најпрво, затоа што е неверојатно напишана книга. Се чита многу лесно, бидејќи Волтер ја гради приказната на многу интересен начин, а хуморот и сатирата само дополнително ги засилуваат неговите поенти, па така, сосема е возможно да ја прочитате и за едно попладне, но сите оние слики кои се претставени во книгата силно ќе одекнат во вашиот ум, а и голем дел од пораките кои ги носи книгата со себе нема така лесно да бидат заборавени. Македонското издание има само 150 страници и јас искрено не можев да го испуштам од раце. Иако ми беше второ читање, бев воодушевена како откривав некои работи и дијалози кои можеби и ми избегале при првото читање.
Начинот на кој Волтер прави да размислиме малку подлабоко за неоснованиот оптимизам и за ставот дека „ова е најдобриот од сите можни светови“ е нешто што не може да ве остави рамнодушни. Самиот факт дека во книгата ние читаме за тешкотиите низ кои минува Кандид, но и останатите ликови, кои се ужасни и многу често трагични и грозоморни, прави да бидеме наклонети да ја отфрлиме премисата дека „сè е најдобро“, но и да сочувствуваме со судбината на Кандид, кој е наивен и простодушен и сака да верува во тие хипотези, иако самиот е сведок како она што го учел и она во коешто бил уверен голем дел од животот не се совпаѓа со она што го гледа во реалниот живот. Тој сведочи како неговиот учител и ментор Панглос е обесен од страна на Инквизицијата само заради обична дискусија и неговото срце се крши и тука ја гледаме спротиставеноста на оптимизмот наспроти бедотијата и суровоста на светот.

Понекогаш, Волтер изнесува брутални злосторства, а сарказмот и иронијата не ги намалуваат, напротив ги потенцираат. Неверојатно е да се следи патувањето на Кандид, не само она физичкото, туку и неговото душевно патување, начинот на кој патувањето низ светот го преобликува, го менува, му отвора сосема нови перспективи. Тоа всушност и самиот Кандид го потенцира кога минува некое време во Елдорадо. Во една дискусија со мудриот старец, тие разговараат за уредувањето, религијата, светот и во еден миг, Волтер размислува и си вели:
„Ова е нешто сосем различно од Вестфалија и од замокот на господин баронот; а кога нашиот пријател Панглос би дошол во Елдорадо, не би тврдел веќе дека замокот Тундер-тен-тронк е најубавото нешто што постои на светов. Навистина, човек треба да патува.“
Друг одличен момент е кога на Кандид му се придружува Мартин, кој е циничен и кој е изгорен од животот, а тоа е всушност и главната причина поради која Кандид го избира Мартин да патува со него. Кандид се разочарува кога е повторно измамен од еден холандски трговец, па решава за сопатник да избере некој кој е огорчен од животот, како и него.
Мартин и Кандид имаат долги дискусии и многу интересни размени и тука Волтер се истакнува со сиот свој сјај, особено во контекст на цинизмот и сарказмот. На пример, уште на самиот почеток, кога Мартин вели дека е манихеец, а Кандид му вели дека има ѓавол во телото, Мартин го одржува овој прекрасен монолог, кој е навистина многу моќен:
„Тој (се мисли на ѓаволот, м.з) толку се меша во работите на светот, рече Мартин, што е сосем можно да е и во моето тело, како, впрочем, и насекаде; но јас ви признавам дека, гледајќи ја Земјината топка, или подобро речено, топче, мислам дека Бог нè препуштил во рацете на некое лошо суштество. Се разбира, не го земам предвид Елдорадо. Но јас уште не познавам град што не посакува соседниот град да пропадне, ниту семејство што не посакува да му ископа гроб на некое друго семејство. Насекаде слабите посакуваат да ги уништат силните пред кои инаку лазат, а силните постапуваат со нив со нив како со овци, продавајќи им ја волната и месото. Еден милион построени убијци трчаат од еден до друг крај на Европа и дисциплинирано убиваат и пљачкосуваат за да заработат корка леб, затоа што не знаат друг, попристоен занает. А во градовите, кои навидум живеат во мир и спокојство, луѓето повеќе страдаат од завист, грижа и неспокојство отколку некои во град опседнат од сите зла на светот. Скриената мака е уште поболна отколку бедата што се изнесува јавно.“
На ова, Кандид му вели дека има добрини на овој свет, но Мартин вели можеби има, „но јас не знам за нив.“ Она што ѝ дава посилна слика и завршница на оваа е сцена што веднаш по оваа дискусија, тие сведочат како два брода водат битка, при што стотици луѓе умираат и тогаш Мартин му вели: „Ете како се однесуваат луѓето меѓу себе“, а Кандид на тоа се замислува и заклучува: „Вистина е дека има нешто ѓаволско во сета оваа работа.“

Но, и покрај сите тешкотии, интересно е што гледаме дека Кандид сепак одбива да се откаже целосно од оптимизмот, иако има многу причини за тоа, и тој сака да верува во луѓето, но е одново и одново измамуван од различни луѓе, како што ќе се види во Париз.
Еден од похумористични реплики е и оваа:
– А за ваква цел е создаден светов? праша Кандид.
– За да се нервираме, одговори Мартин.
Низ целото дело се провејуваат овие дискусии за животот и светот и затоа го прави ова дело вредно за препрочитување и читање, затоа што е неизмерно богато со различни филозофски теории и прашања кои и ние самите како луѓе често си ги поставуваме во животот, бидејќи сосема е човечки да трагаме по смислата на животот, надевајќи се дека ќе ја пронајдеме.
И секако, низ текот на книгата има неколку различни места каде што Волтер ги исмева калуѓерите, властите, нешто што секогаш го правел и тоа често му носело проблеми со законот, но тој секогаш останал доследен на своите уверувања. Па така, во „Кандид“, често гледаме како преку различни ситуации се критикуваат различни општествени моќници, вклучувајќи ги и религиските, изложувајќи го нивното лицемерие и суровост, особено кога го обесуваат кутриот Панглос заради глупост и искажан став. Не само тоа, често има и хумористични реплики кои прилично јасно го прикажуваат презирот и ставовите на Волтер:
Имено, кога Кандид е во Елдорадо и дискутираат за нивната религија и обичаи, Кандид изненадено прашува:
„Што, зар воопшто немате калуѓери што проповедуваат, што управуваат, што прават интриги, што горат луѓе што не мислат како нив?“
Подоцна во книгата, кога Кандид е во Париз, има уште една слична реплика која ја изговара Мартин: „Замислете ги сите противречности, сите можни неусогласености, и ќе ги најдете во владата, во судовите, во црквите, и во театарските претстави на овој смешен народ.“
На крајот, Кандид и „дружината“ повторно се наоѓаат во Истанбул, каде Волтер ја заокружува приказната на впечатлив начин, кој е различен од она што генерално би се очекувало. Но, нема да ви откријам целосни детали, бидејќи сметам дека е навистина важно самите да дојдете до заклучок и да знаете што е помалку детали пред да почнете да ја читате книгата. Според мене, овие 150 страници се едни од најмоќните во историјата на книжевноста.
Извадоци и мисли од „Кандид“ кои ми оставија особен впечаток
Покрај горе-наведените извадоци и мисли, во продолжение прочитајте уште неколку одлични мисли кои заслужуваат да бидат издвоени, иако
~ Оваа смешна слабост е можеби една од нашите најкобни склобности; зашто, има ли нешто поглупаво од желбата постојано да го носиш товарот што сакаш да го отфрлиш? Да се грозиш од себе, а да се чуваш себе? Надокрај, да ја милуваш змијата што те јаде, сè додека не ти го изеде срцето.
~ …замолете го кој и да било патник да ви ја раскаже својата историја, и ако се најде само еден кој често не го проколнувал животот и не си рекол сосем дека е најнесреќниот човек човек на светот, фрiлете ме во морето.
~ Што е тоа оптимизам? – праша Какамбо.
– Ах, одговори Кандид, тоа е страст да тврдиш дека е сè добро кога е сè лошо.
~ Мартин заклучи дека човекот е роден за да живее во грчовите на неспокојството или во летаргијата на здодевноста.
~ Треба да работиме без мудрување, рече Мартин; тоа е единствениот начин да го направиме животот поднослив.
*Извадоците и мислите од книгата се од: Волтер, „Кандид/Задиг“, Скопје: Полица/Макавеј, 2016 година

