Генијалците не успеваат во земјата на удобноста…

Постојано слушaме за генијалците и генијалните книжевни умови кои минале низ трнлив пат за да стигнат до успехот. Има примери и за успешни луѓе, меѓу кои и уметници и книжевници кои ги имале сите предуслови за успех, но се чини дека е поголем бројот на оние кои живееле тежок и мачен живот и тоа искуство често го претопуваат во своите дела, на еден или друг начин. Душан Стојановиќ за „Култивиши се“ издвојува три писатели кои минале низ трнлив пат и страдање пред да доживеат успех и прашањето е дали таквите услови ги создале и ги направиле она што се или така им било „запишано во ѕвездите“? Во продолжение прочитајте го текстот на македонски јазик, а најдолу имате линк кој ќе ве однесе до оригиналната статија.

(Извор на сликата: Art Net News)

„Животот ми е уништен! Надарен сум, паметен, одважен… Да живеев нормално, можев да станам Шопенхауер, Достоевски…“

„Вујко Вања“, Чехов

Вака големиот писател, Антон Павлович Чехов, го опиша сиот неуспех и беда на антихеројот на неговото дело, вујко Вања. Вања имал несреќен живот. Работите, настаните и луѓето околу него не му поаѓале од рака, не онака како што било неопходно за да стане голем писател, барем како Шопенхауер, ако не и како Достоевски.

Ах, Достоевски, тој среќник. Тоа се условите. Да се ​​роди во царска Русија и да го презира царизмот и царот, да се сретне со најанархичните момци на своето време и заедно со нив да коваат план да го убијат истиот цар и потоа да бидат фатени во тој план, осудени на смрт, помилувани во минута пред стрелањето и како „награда“ да биде прогонет во Сибир, малку за да биде затворен, малку да му биде расчистен умот и да се внесе стравот во коски.

А потоа да се врати, болен од епилепсија, зависник од коцкање, без пари и должен да ги враќа долговите на татко му, пишувајќи 70 часа без прекин за издавачот да не му го поништи хонорарот, без кој не може да преживее.

Ако ги исклучиме овие ситници, Достоевски навистина ги имал сите услови да стане голем писател.

Но, вујко Вања – тој не.

И не е само вујко Вања тој што нема среќа, тој надарен, паметен и смел гениј кому му требал понормален живот за да стане голем писател. Или нешто во животот. Но, да се задржиме на писателите засега.

За сите аутсајдери на овој свет уништени од животот, еве неколку примери на луѓе кои ја знаеле или ја живееле големата вистина, дека удобноста и удобниот живот не даваат никаква вредност, дека цвеќињата цветаат дури и на ѓубриште, дека, како што рекол Гете, големиот поет пред сè е голем, па дури тогаш поет и да, ако навистина сакаме да живееме, тогаш треба да ги изградиме нашите куќи под Везув, како што веруваше и Ниче.

Франсоа Вијон

За неговата биографија велат дека е проблематична. За неговото дело, дека е значајно, големо и енигматично. Тоа е Франсоа Вијон.

Се родил во 1431 година, истата година кога Јована Орлеанка била запалена. Значи, тешко и непријатно време за живеење. Би се рекло дека човекот тогаш не можел да го има животот што е неопходен за да стане голем. Но судбината како да му се насмевнала на Вијон. Франсоа Вијон добил добро образование, дури и се стекнал со титулата магистер по уметност. Можеби ќе имал удобен живот и понатаму, да не му забодел нож во стомак на свештеник при тепачка во кафеана. И го убил.

Нема оправдување за овој чин на првиот поет на метрополата, како што го нарекуваат денес. Тој самиот не барал оправдувања и изговори за себеси. Пишувал додека живеел како бездомник, протеран од Париз поради убиство и грабеж. Пишувал и во затвор, лежејќи меѓу ѓубриња и стаорци, меѓу своите и туѓи фекалии. И пишувал провокативно, како што живеел, сè додека во 1463 година не му се изгубила секаква трага. И покрај сè, за неговата поезија денес се вели дека е поезија на бунтот со крајна порака на надеж. И тоа е единствениот вид поезија што треба да постои.

Франц Кафка

И големиот писател, Франц Кафка, живеел надвор од удобноста, доброволно или воден од некој посилен внатрешен нагон од несреќната судбина. Тој бил еден од оние чиј карактер е нивната судбина, а неговиот карактер не бил толку тежок колку што бил страдалнички и неспособен за среќа. Мирно и покорно, како и неговиот човек-бубачка од „Преобразба“, тој си ја вршел работата преку ден работејќи како правник во државна служба, најпрвин дванаесет, а подоцна и осум часа дневно.

Пишувал ноќе и кога можел, како по заповед и кобност, бидејќи и самиот верувал дека тоа е единствениот начин да се пишува. Еднаш преку ноќ ја напишал целата приказна „Пресуда“, а кога се обидел да стане од масата наутро, нозете му биле вкочанети, а духот просветлен. Потоа рекол дека само така се пишува, како да не можеш да избегаш од приказната.

Кафка во најмала рака живеел тажен живот. Бил свршен двапати, никогаш не се оженил. Целиот живот живеел со родителите, имајќи своја соба за пишување, како ученик. Се плашел од брак и жени, но најмногу од својот татко. Имал некое исконско чувство на вина во однос на сите, а најмногу во однос на неговиот татко. Кафка се плашел од својот татко исто како што се плашел од Бога и се чинело дека чувствува дека е виновен пред двајцата. Оваа вина и глад за милост била и основната тема во неговите дела, кои се читаат со страст, но тешко се толкуваат.

Тој верувал дека книгата мора да биде секира за замрзнатото море во нас. Починал од туберкулоза, млад и несреќен, и го задолжил својот најдобар пријател да ги запали сите негови ракописи. За среќа, тој не го послушал.

Џорџ Орвел

Поинаква е приказната на Џорџ Орвел, големиот писател на дистопии, голем социјалист и критичар на советскиот комунизам. Се вели дека авторот на „1984“ и „Животинска фарма“ бил мрзлив, повлечен и ексцентричен во младоста, но имал и стипендија за две од најпрестижните училишта во Англија. Сепак, тој не се чувствувал како што треба, бидејќи го интересирало сè освен училишната програма. Особено книжевноста.

Поради слабиот успех на училиште, тој не можел да оди на факултет, а, сосема е можно дека не ни сакал. Тој сакал да оди во друго училиште, училиштето на животот, далеку од англискиот комфор и снобизам, во далечната Индија, каде што се пријавил да служи во полиција. Меѓутоа, системот таму веќе почнал да го боли, и Орвел ги напуштил полициските сили, не сакајќи да му служи на она во кое не верувал. Извесен период работел на пристаниште во Бурма, а потоа се вратил во Англија. По враќањето, Орвел бил решен целосно да се посвети на пишувањето. Тоа не било лесно. Но, тој бил одлучен.

Изнајмил мала соба во Лондон на улицата „Портобело“. Соседите биле фасцинирани од решителноста на младиот човек. Се вели дека пишувал до исцрпеност и дека ледените прсти ги загревал држејќи ги над свеќа за да може да го држи пенкалото. Од сиромаштијата во Лондон, среќата ја барал во Париз, но таму уште повеќе бил никој и ништо, па живеел со сиромашните гледајќи ги од прва рака сите жртви на големата неправда.

Сиромашните луѓе го фасцинирале. По враќањето во Лондон, кога веќе почнал да заработува од пишување, се вработил во рудник за да живее како оние кои се најмалку разгалени од животот. Не сонувал за удобни фотелји, скапи пенкала и златен монокл. Не морал да има добри услови за да стане одличен. Знаел дека добрите услови не создаваат големи луѓе.

Фјодор, Франсоа, Франц, Џорџ… Тие преживеаја, Вања и сите други… Ги има многу. Но, има уште повеќе „Вањи“, кои навистина веруваат дека постои такво нешто како изговор за мрзеливост и просечност.

„Животот ми е уништен! Надарен сум, паметен, одважен… Да живеев нормално, можев да станам Шопенхауер, Достоевски…“

Извор.

Leave a comment