Познати писатели кои не ја добиле Нобеловата награда за книжевност… (2)

Минатата година околу периодот на доделување на Нобеловата награда за книжевност објавив еден текст со листа на легендарни автори кои никогаш не ја добиле Нобеловата награда за книжевност. Со оглед на тоа дека ги има многу такви книжевни легенди, решив да продолжам со листата на автори кои дефинитивно ја заслужиле, но никогаш не ја добиле оваа престижна книжевна награда.

Џорџ Орвел

Влијанието кое Џорџ Орвел го има врз книжевноста, но и врз различните општествено-политички теми, не може ни да се објасни со зборови. Неговите дела како „1984“ и „Животинска фарма“ и ден денес се сметаат за неверојатни книжевни дела и до ден денес се продаваат како алва, а пред некоја година „1984“ се врати на листата на топ 10 најпродавани книги за таа година. Освен тоа, Орвел има објавено и други значајни книги, но и еден куп есеи, анализи кои и денес се сметаат за релевантни. Неговото книжевно влијание надминува генерации и децении. Иако никогаш не се објавуваат конкретни причини зошто некој не ја добил оваа престижна награда, многумина експерти се согласуваат дека доколку Орвел поживеел малку подолго, би ја добил наградата. Тој починал речиси една година по објавување на „1984“ – дело кое ќе го зациментира во книжевната вечност, но во тоа време било прерано за да се утврди влијанието и значењето на оваа книга, но и другите негови дела.

Џејмс Џојс

Џејмс Џојс е еден од најпознатите писатели што твореле во 20 век. Неговиот роман „Улис“ се смета за еден од најдобрите романи на сите времиња, кој своевремено бил сметан за прилично контроверзен и бил забранет во многу држави. И покрај многуте остварувања и книжевни достигнувања, сепак тој е еден од авторите што никогаш не ја добиле оваа награда. Она што е уште почудно е што, според достапните информации, тој никогаш не бил ниту номиниран ниту пак некогаш го сметале за кандидат за оваа награда. И покрај неговите достигнувања, надалеку е позната анегдотата кога еден од шведските претставници во комитетот кој одлучува за наградата, Свен Хедин, бил запрашан зошто Џојс воошто не бил ни номиниран, тој одговорил: „Кој?“ Оваа е само една од низата анегдоти што се користат кога се критикува шведската Академија за процесот на одлучување. Затоа што едно е да кажете дека не ви се допаѓа нечие дело, друго е да прашате: „Кој?“ за еден од авторите кој правел вистински бранови во книжевноста во 20 век.

Хорхе Луис Борхес

Нема потреба многу да се зборува за Хорхе Луис Борхес. Тој е еден од најпознатите аргентински писатели на сите времиња, кој со своите дела допира до многу интересни и специфични теми, за бесконечноста, времето, животот и неговите дела и ден денес се сметаат за едни од најдобрите на 20 век. Сепак, тој никогаш не ја добил Нобеловата награда, иако, според историските записи, неколку пати бил меѓу кандидатите за тоа. Некои велат дека не ја добил наградата затоа што Академијата го сметала за „преисклучен или превештачки во неговата минијатурна уметност“.

Сепак, една од најпопуларните теории, која често можете да ја сретнете на интернет, е дека главната причина поради која никогаш не ја добил наградата се неговите политички ставови, односно тој бил поддржувач на диктаторот Пиноче, но и други сомнителни владетели. Како и да е, тој никогаш не ја добил наградата, а според истражувачите, воопшто не му било сеедно и тоа навистина го мачело. Според еден текст на „Гардијан“ во кој се пренесува еден напис на Колм Тоибин, слугинката на Борхес, Уведа де Робледо, кажала дека авторот бил „премногу измачен… од можноста да ја добие Нобеловата награда. На денот на објавувањето на наградата, новинарите се собираа пред неговата врата. Тоа се случуваше година за година. И секојпат кога ќе ја добиеше веста дека не ја добил, правеше да се чувствува многу тажен.“ Дури и самиот Борхес го изјавил тоа: „Тоа што не ја добивам Нобеловата награда стана скандинавска традиција: не ми ја даваат уште откако сум роден.“

Агата Кристи

Иако можеби некому ќе му биде чудно што Агата Кристи се наоѓа на листава, сепак се одлучив да ја вклучам. Агата Кристи е писателка што целосно одново го обмислува жанрот на детективските романи и мистериите и иако можеби тоа во книжевните кругови не секогаш се смета за „висока уметност“, сепак на свој начин има навистина придонесено за книжевноста и уметноста. И до ден денес, таа е златниот стандард на овој жанр, води на сите листи на автори со најмногу продадени романи, а истовремено влијаела и на филмската уметност како таква. Честопати е важно уметноста и авторите да се ценат и според нивниот вкупен придонес за уметноста и книжевноста и нивната способност да допрат до многу луѓе, а тоа е нешто што таа несомнено го има сторено, па затоа одлучив да ја вметнам во оваа листа.

Максим Горки

Фактот дека Максим Горки не ја добил Нобеловата награда за книжевност се смета за еден од најголемите пропусти на Академијата. Горки со својот специфичен глас и стил на пишување се смета за еден од најдобрите руски автори, иако според податоците, тој пет пати бил номиниран за оваа награда и тоа во периодот меѓу 1918 и 1933 година, но никогаш не ја добил. Сè уште не е познато од која причина бил изоставен, но книжевните експерти се сложуваат дека се работи за грешка и дека тој бил еден од најзаслужните да ја добие наградата во перидот кога живеел и творел.

Leave a comment