Македонска поезија: „Ленка“ од Кочо Рацин!

На 25 ноември 1939 година била испечатена стихозбирката „Бели мугри“ на Кочо Рацин. Стихозбирката „Бели мугри“ е составена од 12 песни и се смета за едно од најисклучителните и најзначајните дела во македонската книжевност. Со цел да ја одбележиме годишнината од нејзиното издание, денес на блогот ја читаме „Ленка“, една од песните од збирката!

Ленка – Кочо Рацин
.
„Билјана платно белеше…“
.
Откако Ленка остави
кошула тенка ленена
недовезена на разбој
и на наломи отиде
тутун да реди в монопол —
лицето ѝ се измени
веѓи паднаја надолу
и усти свија кораво.
.
Не беше Ленка родена
за тија пусти тутуни!
Тутуни — жолти отрови
за гради — китки розови.
.
Прва година помина
грутка в срцето ѝ легна,
втора година намина
болест ја в гради искина.
Трета година земјата
на Ленка покри снагата.
.
И ноќе кога месечко
гроб ѝ со свила виеше.
Ветерчок тихо над неа
жална ѝ тага рееше:
„Зошто ми, зошто остана
кошула недоткаена?
Кошула беше даровна…“

Извор на сликата: Блогот „Книжевни разговори

Leave a comment