Што читаше Кафе и книги во ноември?

И официјално дојде декември! Ви се верува ли колку брзо помина годинава? Наскоро и официјално ќе почне зимата, тоа значи студени денови и повеќе можности за читање. Доколку барате инспирација можеби токму некој од овие предлози ќе ве инспирираат!

Жак и неговиот господар“ – Милан Кундера

Издавачка куќа: АРС ЛАМИНА
Оцена: 5/5
Осврт
: Милан Кундера е еден од најдобрите современи автори и искрено навистина мислам дека е неправедно тоа сè уште што ја нема добиено Нобеловата награда за книжевност.

Една од целите ми е да ги прочитам сите негови дела, па така месецов изборот падна на кусиот драмски текст „Жак и неговиот господар“. Поднасловот на текстот е: почест на Дени Дидро во три чина, а ако и тоа не е доволно јасно, тој во самата книга го објаснува неговиот избор да ја напише токму оваа драма и какво влијание имал Дени Дидро врз него како автор.

Во драмата ние се запознаваме со еден благородник и неговиот слуга Жак и дознаваме за нивното минато, нивните љубови, но и нивното моментално патување. Книгата има нешто над 100 страници и ќе ја прочитате дур да трепнете, а дополнително, во неа има толку интересен хумор, што ќе уживате во секоја страница.

Една од омилените мисли од книгата: „Што можеме да бараме повеќе освен да бидеме среќни за миг?“

Песни“ – Сергеј Есенин

Издавачка куќа: ПНВ Публикации
Оцена: 5/5
Осврт
: Месецов решив малку да прошарам и да вметнам малку поезија во читањето, па така се свртев кон класиците и ја одбрав оваа стихозбирка во која има одличен избор на песни, но и многу информативен и интересен дел за животот на Есенин кој ќе ви даде подобар увид за животот и неговото творештвото.

Препревот е добар, а оние кои се добро запознаети со неговото творештво ќе уживаат додека се потсетуваат на некои од нивните омилени стихови, додека пак за оние кои го немаат читано Есенин оваа збирка е одличен почеток. Морам исто така да ја пофалам корицата која е прекрасна и ми ја краси домашната библиотека.

Издвоени стихови:
Да се умре, ништо ново во оваа мака,
Но и да се живее не е ново, исто така.

Кралот Едип“ – Софокле

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 5/5
Осврт
: Во последно време уживам да препрочитувам книги и дела кои сме ги обработувале во средно училиште и да видам како ќе го доживеам по толку време изминато. „Кралот Едип“, ново издание на ТРИ, е одлично издание и ќе го прочитате многу брзо, без разлика дали ја читате првпат или ја препрочитувате оваа книга.

Она што ме фасцинира кај античките драми е што секогаш ми делуваат како да се надвор од овој свет, надвор од сите рамки. Веројатно има удел и фактот дека се напишани толку одамна, но сепак има некаква посебна магија во начинот на кој се гради приказната, во сцените, и неизбежната митологија која е секогаш вткаена во нив.

И од денешна перспектива треба малку повеќе време да се навикне човек на стиховите, ама кога ќе навлезете, тешко е да „излезете“ од тој изграден свет. Сакајќи да ја открие причината за чумата што го уништува градот, кралот Едип праќа луѓе да побараат пророштво од Аполон. Оттука драмата се претвора во потрага по убиецот на Лај, а набргу се пренасочува во потрага за потеклото на Едип.

Фантастична драма, а и еден од најпознатите изрази „едипов комплекс“ поттекнува, т.е е инспириран токму од ова дело.

Соломоновата песна“ – Тони Морисон

Издавачка куќа: МАГОР
Оцена: 4.5/5
Освр
т: Тони Морисон е прекрасна писателка со толку специфичен книжевен глас, сосема заслужена Нобелова награда за книжевност. Одлична книга за растењето и себепронаоѓањето на Млекар Покоен, истовремено опфаќајќи цела генерација и семејство. Ние го следиме растењето и развојот на Млекар, кој полека учи за историјата на своето семејство, но и неговиот однос со нив, со себеси, своите пријатели, своето соседство и својата заедница.

Тони Морисон има навистина моќен глас и нејзината нарација е истовремено јасна и директна, но истовремено полна со емоции, митови, фолклор, интензитет. Читателот не може а да не се внесе целосно во она што таа сака да го раскаже, особено гледано низ леќите на Афроамериканците во САД и нивната тешка и комплексна историја и страдање, почнувајќи од ропството кое иако одамна завршено, влече последици и во современиот живот.

Топло ви ја препорачувам Морисон, со нејзиниот искрен и топол глас, но таа секако го бара вашето целосно внимание за да можете да ги поврзете сите точки и да ги пронајдете сите поенти.

Омилена мисла од книгата: „Камо да познавав повеќе луѓе. Сите ќе ги сакав. Ако познавав повеќе, ќе љубев повеќе.“

„Во дивината“ – Џон Кракауер

Издавачка куќа: First Anchor Books
Оцена: 4/5
Осврт:
Можеби повеќето од вас слушнале за оваа приказна благодарејќи на екранизацијата на оваа книга. Истоимениот филм излезе во 2007 година, а популарниот Еди Ведер ја напиша носечката музика за филмот. Оваа книга е дело на новинарот Џон Кракауер, кој кога дознал за смрта на некое младо момче во дивината на Аљаска, добил задача да напише статија за случката.

Но, нешто во приказната го поттикнало да истражува повеќе за овој млад човек кој се чини дека решил целосно да се посвети на номадски живот и да го остави својот стар живот зад себе.

Приказната е многу добро истражена, со детални податоци за животот на Кристофер Џонсон МекКандлес, неговиот номадски дух, идеали и неговото патешествие низ Америка, па сè до неговиот трагичен крај.

Освен тоа, Џон Кракауер дава примери за други млади луѓе кои исто така решиле да влезат „во дивината“ и да се откажат од општествените норми и „цивилизираниот живот“. Без оглед на тоа каков ќе биде вашиот став за неговата одлука, книгата е навистина интересно четиво.

Омилен извадок од книгата: „СРЕЌАТА Е РЕАЛНА КОГА Е СПОДЕЛЕНА“, напишано на маргините на книгата „Доктор Живаго“ од Борис Пастернак, последната книга која ја прочитал.

Leave a comment