Ернест Хемингвеј е познат по многу работи: неговата книжевност и дела, неговиот специфичен карактер, неговиот боемски стил на живот и неговата љубов кон Париз. Толку многу го сакал Париз, што овој Нобеловец поминал значителен дел од својата младост таму и објавил мемоари токму за тој период од животот, наречени „Подвижна гозба“ (книга која беше препорачана и на блогот). Во овие мемоари можете да ѕирнете во неговиот живот во Париз и неговата љубов кон Париз, но доколку не сте ја прочитале книгата, денес на блогот можете да видите кои биле некои од неговите омилени места во главниот град на Франција, и доколку некогаш го посетите Париз, можете да отидете и да ги посетите. Овој водич низ омилените места на Хеминвеј во Париз е дело на Наташа Гејлинг, која ја напиша статијата за порталот и магазинот „Smithsonian Magazine”, а оригиналната статија на англиски јазик можете да ја прочитате на крајот од текстот.

(Хемингвеј како млад човек во Париз/Извор на сликата. Ernest Hemingway Collection)
Ернест Хемингвеј бил космополитски човек, а неговите светски патувања се добро отсликани во неговите познати дела. Карибите, Африка, Америка и Европа – сите овие локации беа домаќини на познатиот писател во одреден момент, но можеби ниту една локација не е толку силно поврзана со Хемингвеј како Париз. „Ако сте доволно среќни да живеете во Париз како млад човек“, напишал Хемингвеј еднаш, „тогаш каде и да одите до крајот на животот, тоа останува со вас, бидејќи Париз е подвижна гозба“.
Хемингвеј се преселил во Париз со својата прва сопруга Хедли во 1921 година. Младиот пар живеел во стан на улицата „Кардинал Лемоан“ во 5-тиот париски арондисман. Станот бил празен, без проточна вода и бања во која имало нешто малку повеќе од кофа. Хемингвеј изнајмил друг простор на улицата „Декарт бр. 39“, каде што пишувал.
За време на нивниот престој во Париз, двајцата се запознале со други иселеници кои живееле во градот. Составувајќи ја познатата „Изгубена генерација“, овие уметници, вклучувајќи ги Гертруда Стајн, Езра Паунд, Пикасо и Џејмс Џојс, станале централни ликови за развојот на Хемингвеј како писател.
Парот го напуштил Париз во 1923 година, кога Хедли открила дека е бремена со нивното прво дете. Но, нивното отсуство било кратко: по породувањето во Торонто, парот се вратил со своето бебе во Париз во јануари 1924 година. Овој втор живот во Париз бил еден од најплодните креативни периоди на Хемингвеј, во кој тој напишал дела како „Сонцето повторно изгрева“ и „Мажи без жени“. Во 1927 година, Хедли се развела од Хемингвеј откако ја открила неговата афера со Полин Фајфер, модна репортерка. Хемингвеј и Фајфер се венчале само неколку месеци подоцна и се преселиле од Париз во Ки Вест следната година.
И покрај тоа што помина речиси еден век откако Хемингвеј живеел и пишувал низ улиците на Париз, неговата уникатна верзија на градот останува: прошетајте низ ветровитите авении на Левиот кеј, посетете ја градината Луксембург или седнете во едно од неговите омилени кафулиња и така ќе можете да го направите Париз на Хемингвеј свој.
Хотел „Англија“ (Hotel d’Angleterre)
/https://tf-cmsv2-smithsonianmag-media.s3.amazonaws.com/filer/4f/58/4f583153-008e-4c8e-ae1d-0c9ce4c6e6f9/paris_-_rive_gauche_boulevard_st_germain_-_2063.jpg)
(Извор на сликата: Wikipedia)
Ернест Хемингвеј и Хедли ја поминале својата прва ноќ во Париз во хотелот „Англија“ (Hotel d’Angleterre), во соба број 14, а Ернест потоа често се враќал во хотелот. Хотелот сè уште постои, и сè уште им дозволува на гостите да престојуваат во собата 14. Магазинот „Time Out Paris“ ја опишува собата како „убав простор со бела боја и боја на лимон, со бели перници и удобни фотелји“. Уште подобро, хотелот се наоѓа во Сен Жермен-де-Пре, на кратка оддалеченост од кафулињата и баровите што Хемингвеј ги сакал.
Адреса: Hotel d’Angleterre: 44 Rue Jacob, Paris 75006;
Кафуле „Ле ду маго“ (Le Deux Magot)

(Извор на сликата: AFAR)
Сместено во Сен Жермен-де-Пре, кафулето „Ле ду маго“ некогаш било место каде се среќавала париската книжевна елита, вклучувајќи ги Симон де Бовоар и Жан-Пол Сартр. Хемингвеј исто така често го посетувал кафулето, па дури и го користел како амбиент и место за состаноци во романот „Сонцето повторно изгрева“. Во денешно време, ќе најдете повеќе туристи отколку книжевни умови кои седат на малите маси во кафулето, но тоа е совршено место за уживање и можност да бидете дел од луѓето кои гледаат кон левиот кеј додека пијат некој од омилените коктели на Хемингвеј, како даикири или мартини.
Адреса: Les Deux Magot: 6 place Saint-Germain-des-Prés, 75006; +33 (0)1 45 48 55 25
„Кафе де флор“ (Café de Flore)

(Извор на сликата: Paris Tourist Office)
Хемингвеј поминувал многу време пишувајќи во шармантните кафулиња во Париз, па затоа не се задржал само на „Ле ду маго“. Понекогаш, тој ги поминувал попладневните часови работејќи во друго кафуле на Сен Жермен-де-Пре, „Кафе де Флор“. Ако имате среќа, можеби ќе доживеете модерна глетка на славна личност додека ги следите стапките на Хемингвеј: Роберт Де Неро и Квентин Тарантино се едни од познатите личности кои го посетиле „Кафе де Флор“ додека биле во Париз.
Адреса: Café de Flore: 172 Blvd. St.-Germain, 75006; +33 (0)1 45 48 55 26
„Ла клозери де Лила“ (La Closerie des Lilas)
/https://tf-cmsv2-smithsonianmag-media.s3.amazonaws.com/filer/16/ff/16ff4acb-b94a-4efe-8235-125f8feb735e/la_closerie_des_lilas.jpg)
(Извор на сликата: Smithsonian Magazine)
Кога ќе излезете од Сен Жермен-де-Пре, проверете го местото „Ла клозерие де Лила“ (La Closerie des Lilas), лоцирано во близина на вториот стан на Хемингвеј во Монпарнас. Исто како и кафулето „Ле ду маго“ (Les Deux Magots), така и ова место станало собирна точка за уметничките и книжевните умови во Париз, а Хемингвеј често одел таму за да пишува – тој токму тука го напишал најголемиот дел од романот „Сонцето повторно изгрева“. Овој бар исто така е првото место каде Хемингвеј го прочитал ракописот на „Големиот Гетсби“ на Ф. Скот Фицџералд.
Адреса: La Closerie des Lilas: 171 Boulevard du Montparnasse 75015; +33 (0)1 40 51 34 50
Градината „Луксембург“ (Jardin du Luxembourg)

(Извор на сликата: Itinari)
Во Монпарнас се наоѓа градината „Луксембург“, каде Хемингвеј одел за да ја доживее природата во градот. Кога неговото семејство немало пари, тој понекогаш ловел гулаби во градината, ги кинел нивните вратови и ги криел нивните тела во количката на неговиот син. Сепак, не мора да ги демнете гулабите за да ја доживеете оваа прекрасна градина, т.е парк. Прошетајте низ местото (тоа е вториот по големина јавен парк во Париз) и восхитувајте се на засенчените улички и фонтани или посетете ја палатата Луксембург, во која денес се наоѓа францускиот Сенат.
Адреса: Jardin du Luxembourg: 6e Arrondissement, 75006; +33 (0)1 42 34 23 62
„Шексир и компанија“ (Shakespeare and Company)

(Извор: Wikipedia)
Секој што е фасциниран од Хемингвеј треба да ja посети „Шекспир и компанија“, историска книжарница во близина на Сена на левиот кеј на Париз.
Оваа книжарница е основана од американската иселеничка Силвија Бич во 1919 година, и истата служела како центар за писатели и издавачи на англиски јазик во Париз по Првата светска војна. Хемингвеј ја спомнува продавницата во неговите париски мемоари, „Подвижна гозба“, пишувајќи: „Во тие денови немав пари за да купам книги. Позајмив книги од библиотеката за изнајмување на „Шекспир и компанија“, која беше и библиотека и книжарница на Силвија Бич, која се наоѓаше на улицата „Одеон бр.12“. На една ладна и ветровита улица, ова беше топло, весело место со голем шпорет во зима, со маси и полици со книги, нови книги на прозорецот и фотографии на ѕидовите, фотографии на познати писатели, и мртви и живи. “
„Шекспир и компанија“ исто така било првото место што го објавило класикот на Џејмс Џојс, „Улис“. Оригиналната книжарница била затворена во 1940 година, а втората локација (онаа што можете да ја посетите денес) била отворена во 1951 година. Единствената врска помеѓу двете продавници, за жал, е името, но новата локација сè уште оддава почит на книжевната традиција што оригиналната продавница некогаш ја негувала.
Адреса: Shakespeare and Company: 37 rue de la Bûcherie; +33-(0)1 43 25 40 93
„Њујоршкиот бар на Хери“ (Harry’s New York Bar)

(Извор на сликата: Gastronomiac)
Еден од баровите што Хемингвеј ги посетувал бил барот „Њујоршкиот бар на Хери“, кој се наоѓа на десниот кеј на Париз. Барот бил отворен во 1911 година, во близина на Париската опера, и служел како место за средба на иселениците во градот. Самиот бар дошол од бар на Менхетен, кој претходно го поседувал првобитниот сопственик, џокејот Тод Слоун. Слоун го демонтирал њујоршкиот бар и го испратил преку Атлантикот во Париз – оттука и името на барот „Њујорк“ („Хери“ било додадено подоцна, од шанкер кој го купил барот од Слоун во 1923 година). Овој бар е родното место на голем број познати коктели, од „Париз 75“ (џин, шампањ, сок од лимон и шеќер) до „Сајдкар“. Тие дури и тврдат дека го измислиле коктелот „Блади Мери“.
Адреса: Harry’s New York Bar: 5 rue Daunou, 75002; +33 (0)1 42 61 71 14.
