Нема потреба многу да се зборува за Марк Твен. Тој е еден од најпознатите американски писатели на сите времиња, а неговите дела и денес се читаат насекаде низ светот. Од друга страна, Хелен Келер можеби не е многу позната на нашите простори, но во САД се смета за една од поистакнатите писателки од свое време, која истовремено била и посветена активистка. Нејзиниот живот бил полн со тешкотии, бидејќи уште од многу рана возраст, како последица на една треска, таа ослепела и оглувела. И покрај овие тешки околности, особено во 19 век, таа цврсто и убедено чекорела низ животот и се борела против стигмата околу лицата со попреченост.

(Марк Твен и Хелен Келер во 1909 година, кога Келер го посетила Твен во неговиот дом/Извор на сликата: Open Society)
Оттаму, малкумина ја знаат приказната за искреното и топло пријателство помеѓу Твен и Хелер кое траело со години. Како што наведува порталот Open Culture, тие го започнуваат своето познанство во 1895 година, кога Марк Твен присуствувал на еден ручек кој бил организиран за Келер во Њујорк. Според документите кои биле ставени на изложба од страна на библиотеката „Марк Твен“, Келер „изгледала дека е многу поопуштена со Твен отколку со кој било од другите гости.“ Таа подоцна напишала: „Тој не се однесуваше со мене како да сум изрод, туку како жена со попреченост која бара начин како да ги надмине своите исклучителни тешкотии.“ Твен исто така бил изненаден од нејзината „проникливост и интелигенција.“ По нивното запознавање, тој му напишал писмо на неговиот покровител Хенри Х. Роџерс, и го замолил да го поддржи нејзиното образование. Како што велат од библиотеката „Марк Твен“, Роџерс „лично се погрижил за финансиите на Келер, и направил сè што било во негова можност за таа да го продолжи своето образование и да ѝ помогне да ја достигне и навигира славата која Марк Твен ја предвидел.“
Твен му напишал на својот богат пријател: „Нема да биде добро за Америка ако дозволи ова прекрасно дете да се повлече од студиите поради сиромаштија. Ако успее да продолжи со нив, ќе достигне слава што ќе остане запишана во историјата со векови“. По овие случувања, двајцата продолжиле да негуваат „посебно пријателство“, кое го одржувале не само поради нивните споделени политички размислувања, туку и поради љубовта кон животните, патувањата и другите лични сличности. И двајцата писатели се преселиле да живеат во округот Ферфилд, Конектикат при крајот од својот живот, а таа го посетила во неговиот дом во Рединг, Стормфилд, во 1909 година, годината пред неговата смрт. Твен бил особено импресиониран од автобиографијата на Келер, пишувајќи ѝ: „Воодушевен сум од твојата книга – маѓепсан сум“. (Видете го неговото мислење во реклама од 1903 година, на сликата подолу).

(На огласот пишува дека Марк Твен кажал дека најинтересните личности на 19 век се Хелен Келер и Наполеон Бонапарта)
Твен, исто така, застанал во одбрана на Келер, десет години подоцна, откако во нејзината книга прочитал за скандал за плагијат што се случил во 1892 година, кога, на само дванаесет години, таа била обвинета дека нејзиниот расказ „Замрзнатиот крал“ бил плагијат на „Замрзнатите самовили“ на Маргарет Канби. Иако судот ја ослободил Келер од обвиненијата, инцидентот сепак го налутил Твен, кој во писмо од 1903 година рекол дека сето тоа е „неискажливо смешно и ужасно идиотско и гротескно“. Во истото писмо, тој напишал: „Јадрото, душата – да одиме понатаму и да кажеме супстанцијата – барем во поголемиот дел, вистинскиот и вреден материјал на сето човечко изразување – е плагијат“. Она што ги разликува делата едно од друго, тврдел тој, е „обликувањето на приказната“. Обвинителите на Келер, напишал тој заштитнички, биле „свечени магариња што го скршиле срцето на едно мало дете“.
Твен исто така имал голема почит за Ен Саливан, професорката на Келер. Тој ѝ ја искажал својата почит за нејзината неуморна работа со Келер, во една разгледница во која пишувало: „До г-ѓа Џон Саливан Мејси со срдечна почит и со неограничено восхитување за чудата што ги направила како „чудотворец“. Во неговото писмо од 1903 година до Келер, тој ја нарекол Саливан „твојата друга половина… затоа што вие двете заедно формирате целосна и совршена целина“.
Твен ја пофалил Саливан за „нејзината брилијантност, пенетрација, оригиналност, мудрост, карактер и добрите книжевни способности на нејзиното перо“. Но, тој ја задржал својата најголема пофалба за самата Келер. „Ти си прекрасно суштество“, напишал тој, „најпрекрасното на светот“. Пофалбата на Келер за нејзиниот пријател Твен не била ништо помалку возвишена. „Три дена бев во Еден и видов крал“, напишала таа во неговата книга за гости за време на нејзината посета на Стормфилд, „Знаев дека тој е крал уште во моментот кога го допрев, иако никогаш порано не сум допрела крал“. Последните зборови во автобиографијата на Твен, односно нејзиниот првиот том, што тој дозволил да биде објавена, се на Келер; „Еднаш ми кажавте дека сте песимист, господине Клемонс“, ја цитирал тој изјавата, „но големите луѓе обично грешат кога станува збор за нив самите. Вие сте оптимист“.
