Ви се верува дека толку брзо летна уште една година? Уште само два дена нè делат до 2023 година. Оваа година беше полна со секакви настани и секако многу прочитани книги. Една од поинтересните работи кои годинава ги забележав на блогот е дека текстот „Препорака: 5 книги за љубителите на крими-романи и трилери!“, објавен во 2015 година, доби ненадејна популарност и годинава е меѓу 20-те најчитани текстови на блогот. Тоа ме натера да размислам дека е време да направам дополнување на оваа листа и да предложам нови 5 книги за љубителите на крими-романи и трилери.

Некои од нив веќе ги имам препорачувано низ текот на годините во општата листа со препораки, но решив да направам едно сумирање, а во иднина ќе се потрудам почесто да правам вакви специјализирани листи, одделно од оние кои ги правам на почетокот на секој месец. Со оглед на тоа дека нè чекаат празнични денови, тоа е одлична можност за одмор и читање, па можеби ќе се инспирирате од листата доколку сте љубител на трилери (и ако ги немате прочитано секако :))
„13“ – Стив Кавана
Издавачка куќа: ТРИ
Опис: Оваа книга ја прочитав пред неколку години, но сè уште ми е еден од најдрагите трилери кои некогаш сум ги прочитала и секогаш е првиот роман кој го препорачувам на пријатели кога ќе ме прашаат за препорака за трилер. Интензивен роман, одлично напишан, ќе ве тера постојано да погодувате и да се преиспитувате дали навистина сте во право и ќе ве тера да размислувате. До тој момент немав прочитано ништо од Кавана, но овој роман ми покажа колку е талентиран.
Доколку сакате крими-трилери, ова е совршена приказна за вас, а исто така ако сте љубители на телевизиски серии кои се случуваат во судница, ова исто така е одлична книга за вас! Приказната го следи адвокатот Еди Флин кој му е адвокат на Боби Соломон, актер кој е обвинет за убиството на сопругата. Ние како читатели веднаш дознаваме дека вистинскиот убиец всушност е дел од поротата. Но кој е тој? Дали се сомневањата оправдани?
Она што мене ми беше најинтересно е што приказната е напишана од две гледни точки: Онаа на Еди Флин и онаа на убиецот (чиј идентитет секако не го знаеме). Ќе ви биде многу интересно додека читате и се обидувате да ги споите сите точки и ќе ја прочитате оваа книга додека да трепнете. Топла препорака, особено ако сте љубител на овој жанр!
Цена: На онлајн-книжарницата на ТРИ пишува дека овој роман моментално е на намаление од 450 денари на 360 денари.
„Немата пациентка“ – Алекс Мајклидис

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Опис: Доколку сакате трилер кој нема да го испуштите од рака и брзо ќе го прочитате, верувам дека оваа книга ќе ви се допадне. Алисија Беренсон е позната сликарка мажена за популарен фотограф, живее во преубава куќа во модерна населба. Сепак, една вечер, Алисија го убива својот сопруг а потоа никогаш повеќе не прозборува ни збор и поради тоа завршува во психијатриска болница. Таа со години е во таква состојба и за сите лекари и целата јавност таа е вистинска мистерија.
Потоа се појавува д-р Тео Фабер кој е заинтересиран за случајот и сака да се обиде да работи со Алисија со цел таа да почне да се опоравува и надежно да почне да зборува. За него и за секој останат доктор, нејзиниот случај е вистински предизвик, но што лежи зад сето тоа?
Одлично напишана книга, ќе ве вози прикзната низ интересно и мистериозно патување, додека парчињата на сложувалката не почнат самите да се редат.
Цена: На онлајн книжарницата на Сакам книги, пишува дека книгата моментално е на намаление од 450 на 225 денари.
„Козметика на непријателот“ – Амели Нокомб

Издавачка куќа: СИЛСОНС
Опис: Оваа книга има само 71 страница и ве уверам дека голема е веројатноста да ја прочитате на едно седнување. Иако е краток, овој роман е неверојатно ефективен и со сигурност ќе ве обземе. Јас не можев да ја оставам додека не ја прочитам. Напишана е на многу интересен начин, бидејќи целата книга е во форма на дијалог.
Дејството се случува на аеродром, додека Жером Ангист чека лет кој е одложен и одеднаш му приоѓа непознат човек кој почнува му додева, а тој не е расположен за разговори. Тој почнува да се расправа со човекот и сфаќа дека тој има некакви налудничави теории и му открива страшни работи, кои отпрво тој не ги сфаќа сериозно, мислејќи дека е луд.
Како што реков, целата книга е во форма на дијалог меѓу двајцата, темпото на приказната е брзо, бидејќи сè се случува во само 70-тина страници, па така и страниците ќе летаат додека читате, освен тоа, дијалозите се остроумни, на моменти украсени со сарказам и сув хумор, кој ќе прави уште повеќе да сакате да ја читате.
Неверојатна книга.
Цена: На онлајн книжарницата на Матица е наведено дека книгата чини 150 денари.
„Случајот Чернобог“ – Катерина Шошко

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Опис: Како еден од предлозите за денес, решив едната книга да биде од македонска авторка. Се работи за многу интересна мистерија, со одлични ликови и дијалози, која се занимава со телекинезата, па оттаму не е класичен трилер или крими-приказна, но е одлична мистерија, па затоа одлучив да ја ставам на листата. Мистериозната Елеонора Чернобог е вистинска легенда, особено со сите приказни кои кружат за неа во врска со нејзината телекинеза. Една млада и амбициозна режисерка е решена да сними документрец за неа, па почнува длабоко да истражува за „Случајот Чернобог“.
Книгата паралелно се движи меѓу сегашноста и минатото (главно преку сеќавања и спомени) и постојано ве држи во неизвесност. Во книгата има од сè по нешто и длабоко ќе навлезете во надреалното и натприродното. Доколку сакате вакви мистериозни приказни, топло ви ја препорачувам оваа книга.
Цена: На онлајн-книжарницата на Антолог е напоменато дека чини 400 денари (иако пишува дека моментално е распродадена, но можете да се обидете директно во книжарницата или да ја зајмите од библиотека)
„Денот кога исчезнавме“ – Луси Робинсон

Издавачка куќа: ТОПЕР
Опис: Овој роман го прочитав пред неколку години (околу 2018 година), тогаш бев во потрага по наслови кои не ги знам, а и во тој период поинтензивно читав трилери. Ова е книга која е напишана на привлечен стил, ќе ви го зграпчи вниманието и ќе ве натера внимателно да следите што се случува.
Станува збор за приказна која раскажува две паралелни приказни за Ени и Кејт. Нивните приказни на моменти се пресретнуваат, бидејќи тие две се пријателки. Во оваа книга нè предупредува дека не е така лесно да се побегне од минатото.
Кејт оди на фарма за коњи и си оди од дома, а Ени се труди да си го живее својот живот најдобро што може и отпрвин се чини дека животот ѝ е нареден. Но, тајните почнуваат да излегуваат на површина, а ние следиме како се одвива и расплеткува целата ситуација.
Ова не е баш целосно крими приказна, повеќе е како трилер драма, но ако не сте голем читател на крими-романи, книгава ќе ви биде добра забава, а дури и ако сте страствен читател на крими-романи и трилери, ќе ви дојде добро за промена. Има многу подобри трилери, со сигурност, но ова е добро четиво за да одморите малку мозок.
Цена: На онлајн-книжарницата „Купи книга“, наведено е дека книгата чини 270 денари.

