Што читаше Кафе и книги во декември?

Среќна Нова година! Кафе и книги ви посакува многу убави читачки денови, многу прочитани книги и уживање во читањето со добро кафе или вкусен чај! Почна новата година, а тоа значи дека почна и нов месец, односно дека е време за стандардната листа со препораки составена од книгите кои ги прочитав минатиот месец. Морам да признаам дека декември беше одличен месец за читање, па така и тешко ми беше да одвојам книги за да ги препорачам, но се потрудив да ги издвојам најдобрите и се надевам дека ќе се инспирирате и ќе си го најдете следното четиво!

Опасни врски“ – Шодерло де Лакло

Издавачка куќа: МАГОР
Оцена: 5/5
Осврт:
Ова убедливо беше најдобриот роман што го прочитав во декември, а сигурно еден од најдобрите романи кои ги прочитав во текот на 2022 година. Неверојатно моќна и силна книга, роман кој совршено ја доловува модерната и општествена декаденција, преку два лика кои се подготвени на сè за да се забавуваат, дури и ако тоа значи да уништат невини луѓе во процесот.

Романот е напишан во форма на писма кои главните ликови си ги праќаат меѓусебно и токму во тоа е најголемата магија според мене. Ние гледаме како маркизата де Мертеј и виконтот де Валмон прават сплетки, но и како комуницираат меѓусебно, а како со нивните „потенцијални жртви“. Тешко е човек да препознае кој кога е искрен и во кој момент.

Неверојатен роман, не можев да го испуштам од раце, читав додека очите веќе не можеа повеќе да читаат, одамна не сум била обземена толку од роман. На толку убав начин е покажано лицемерието, безобразието, пропаста на моралните вредности, но и наспроти тоа имаме и гледаме како борбата за она што е чесно и благородно сепак постои. Имајќи предвид дека романот е објавен во 18 век, тоа го прави ова четиво уште пофасцинантно.

На помладите генерации можеби оваа приказна ќе им биде позната, бидејќи големи се шансите дека ја знаат модерната екранизација на овој роман, направена во 1999 година, односно филмот „Сурови намери“ со Рајан Филипе, Сара Мишел Гелар и Рис Витерспун. Во филмот, премисата и ликовите се многу слични, но сите се сместени во модерно време, односно крајот на 20 век.

Омилен извадок: „На кој ли бог се повикуваше? Има ли таков кој е доволно моќен за да ѝ се спротистави на љубовта?“

Американа“ – Чимаманда Нгози Адичи

Издавачка куќа: АРТКОНЕКТ
Оцена: 5/5
Осврт:
Уште една книга која ме воодушеви во декември. Прекрасен и многу интересен роман, уште еден доказ дека книгите се волшебен начин човек да се стави во туѓа кожа и да научи повеќе за други култури, далечни земји, но и да сочувствува со ликовите и тешкотиите низ кои минуваат.

Ја следиме приказната од две гледни точки, од гледна точка на Ифемелу и Обинзе, преку навигирање на приказната меѓу сегашноста и минатотото. Тие двајца се заљубуваат како тинејџери и ја живеат својата младост во Нигерија, а потоа и решаваат да се запишат на факултет во истото место. Но, Нигерија е место со голема нестабилност, постојани штрајкови и политички кризи, па Ифемелу решава да продолжи на факултет во САД, а по некое време таа му раскинува на Обинзе со тоа што прекинува секаква комуникација со него. Поминуваат многу години и таа решава да се врати назад во Нигерија.

Преку различни навраќања во минатото и доловување на сегашноста, ние гледаме што се случило со животот на сите ликови. Прекрасна книга која опфаќа различни теми: ситуацијата во Нигерија, животот како имигрант, расизмот, феминизмот и уште многу други комплекси теми кои Адиче неверојатно добро ги истражува и претставува. Прекрасна книга.

Омилен извадок: „Нешто не беше во ред со неа. Не знаеше што беше тоа, но имаше нешто што не беше во ред. Глад, немир. Нецелосно познавање на себеси. Насетување на нешто далечно, надвор од нејзиниот досег.“

Остров“ – Меша Селимовиќ

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Оцена: 5/5
Осврт
: Неверојатна приказна на Меша Селимовиќ. Тој е еден од најдобрите балкански писатели и дефинитивно еден од моите омилени балкански писатели. Одамна немав читано нешто од поранешните југословенски простори, па решив да се фатам за овој роман на Меша.

Познатата меланхолија која ја обожавам кај Меша е секако тука, толку интересно ја раскажува приказната за еден брачен пар во поодминати години кои живеат на остров и кои веќе ги чувствуваат годините како натежнуваат на нивните рамена. Тие живеат многу скромно, но и староста не ги прави работите полесни.

Ние ѕиркаме во нивниот живот, животот на нивните блиски, Меша ни доловува дел од атмосферата кога биле помлади, нивниот однос со синовите, животот на синовите, како и нивниот брак и нивниот однос.

Постојано чувствував некаква тага додека читав, размислував и за себеси и за својот живот. Филозофијата проткаена на страниците е прекрасна, неверојатна. Топла препорака!

Омилен извадок: „Ќе отидам некогаш. Каде? Каде било. Кога? Никогаш. Штом ѓаволот на прецизноста дошепнува точно определени прашања, замислувањето престанува. Останува тагата. Останува животот околу нас.“

Уметноста на романот“ – Милан Кундера

Издавачка куќа: АРС ЛАМИНА
Оцена: 4.5/5
Осврт
: Оваа книга не е белетристика, односно е нефикција, збирка на говори, есеи и разговори со Кундера, а заедничка нишка која ги поврзува е тоа што Кундера на еен или друг начин зборува за романот како уметничка форма.

Тој зборува за романот како таков и преку анализа и разговор за романи од неговите омилени автори како Сервантес и Кафка, но и зборува за своите романи конкретно, а мене тој дел особено ме фасцинираше.

Доколку го сакате Кундера и ве интересира неговото творештво, како и неговото размислување за романот, формата на романот и негвата цел, ова ќе биде полн погодок за вас.

Јас искрено уживав во ова дело.

Омилен извадок: „Но, ако човекот ја изгубил потребата од поезија, ќе го забележи ли нејзиното исчезнување? Крајот не е некаква апокалиптична експлозија. Можеби нема ништо поспокојно од крајот.“

Последното писмо на Чинго“ – Владо Муковски

Издавачка куќа: МУЗА
Оцена: 4.5/5
Осврт:
Живко Чинго е еден од најзначајните македонски писатели. Неговите дела се вистинско богатство во македонската книжевност, дела кои никогаш не го оставаат човек рамнодушен.

Оваа книгата се состои од необјавени писма на Живко Чинго, испратени до неговиот внук Владо Муковски (кој во тоа време бил дете), како и белешки и размислувања на Чинго во поглед на книжевноста, слобода, универзалноста на делата, а пропратена е и со лични и семејни фотографии.

Книгата има само нешто над 60 страници, но мене навистина многу ми се допадна. Симпатично спакувани белешки, единствен недостаток е што ме остави желна за повеќе. Се надевам дека во иднина почесто ќе гледаме објавување на вакви списи и замисли од значајни македонски дејци, навистина е интересно да се ѕирне внатре во светот и умот на писателите.

Топла препорака, ќе ја прочитате за миг!

Омилен извадок: „Слободата. Преку казни, тортура, понижувања и лажен морал не може да се воспитува младото поколение во слободен човек; што ќе се речи, градител, творец воопшто.“

Еден од нас е следен“ – Карен М. Мекманус

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 4/5
Осврт
: Ова е продолжение на хит-трилерот „Еден од нас лаже“ (за кој веќе напишав осврт тука). Приказната повторно се врти околу истото средно училиште, не многу долго по завршување на претходната приказна. Некои од ликовите од првиот дел се враќаат и во продолжението, па следиме што се случува со нив и како се справуваат по она што им се случи во првата книга.

Некои ликови кои само накусо се појавија во првиот дел сега имаат поголемо присуство, а се запознаваме и со целосно нови ликови. Повторно се појавуваат чудни работи, озборувања, а некој анонимно ја започнува играта „Вистина или предизвик“ и многу тајни излегуваат на површина.

Интересна и забавна, за мене не беше толку интересна како првата книга, бидејќи некои делови ми беа претерани, но сепак е забавно четиво кое ќе го прочитате за еден викенд и ќе ве отргне од секојдневието, особено ако сакате трилери и мистерии.

Ако не сте го прочитале првиот дел, односно првата книга, ви препорачувам да го сторите тоа, затоа што иако приказните се различни, сепак голем дел од ликовите се испреплетуваат, па некои работи ќе ви бидат појасни доколку го прочитате прво првиот дел.

Leave a comment