Десет интересни факти за „Божиќна приказна“ на Чарлс Дикенс!

Се наближува Божиќ и ова се денови кога седиме дома со најблиските и уживаме во убавината на празниците. Речиси секој од нас се сеќава на различните цртани и филмови засновани на делото на Чарлс Дикенс, „Божиќна приказна“, за скржавиот Скруџ и трите духови кои го посетуваат за време на Бадник. Денес, во чест на празниците и Божиќ, прочитајте 10 интересни факти за „Божиќна приказна“, статија напишана од Моли Олдфилд за порталот „Ментал флос“.

~ Дикенс бил инспириран да ја напише „Божиќна приказна“ во 1843 година, откако зборувал на добротворна вечер на која се собирале пари за „Манчестер Атенеум“ во Англија – институција посветена на „напредување и ширење на знаењето“. 31-годишниот Дикенс зборувал заедно со младиот Бенџамин Дизраели, кој подоцна станал премиер на Велика Британија. По нивниот разговор, Дикенс подоцна отишол на долга ноќна прошетка и ја добил идејата за неговата „мала божиќна книга“. На овој линк можете да прочитате повеќе за инспирацијата околу „Божиќна приказна“.

~ Тој ја започнал приказната во октомври 1843 година и опсесивно пишувал во текот на шест недели. Како што напишал Дикенс, тој плачел, се смеел и талкал низ Лондон „кога сите трезни луѓе веќе си беа легнати во кревет“. Тој ја завршил приказната на крајот на ноември за да може да биде објавена навреме за Божиќ. „Божиќна приказна“ се појавила во продавниците на 17 декември 1843 година и се распродала за три дена.

~ Дикенс бил првиот познат писател што јавно ги читал неговите дела, а неговото прво јавно читање било токму читањето на „Божиќна приказна“. Читањето се одржало пред толпа од 2000 луѓе во градското собрание на Бирмингем, 10 години по објавувањето на книгата. Дикенс го отворил настанот велејќи: „Дами и господа, реков дека имам стара љубов кон мажите од Бирмингем и самиот Бирмингем. Дозволете ми да поправам мал пропуст и да ги додадам и жените од Бирмингем. Овој прстен што сега го носам на прстот е стар подарок од Бирмингем, и ако со триење би можел да го разбудам духот што му беше послушен на прстенот на Аладин, од срце ве уверувам дека мојата прва задача за тој дух би била да се стави себеси на располагање на Бирмингем со најдобрите намери. Сега имам задоволство да ви ја читам „Божиќна приказна“ во четири ставови.“

~ Наместо едноставно да чита извадоци од неговите приказни, Дикенс сакал да ги изведува – па создал специјална верзија на „Божиќна приказна“ токму за таа цел. Ги искинал страниците од оригинална книга и ги залепил во нова, празна книга со големи страници. Потоа го филтрирал текстот, отсекувајќи описни сцени за да создаде сценарио за изведба. Си додал сценски насоки за себе низ целиот текст. Таквиот примерок со забелешки се нарекува „промптен примерок“.

~ Има еден постоечки примерок од „Божиќна приказна“ создадена од самиот Дикенс и е во сопственост на „Збирка на англиска и американска книжевност – Берг“ и се наоѓа во Јавната библиотека на Њујорк (NYPL).

~ Дикенс двапати ја посетил Америка на своите читачки турнеи. За време на втората турнеја, што се одржала околу Божиќ во 1867 година, тој во Јавната библиотека на Њујорк го користел неговиот „промптен примерок“, еднаш во салата за пијано во Стајнвеј и еднаш во една црква во Бруклин. Луѓето кампувале на снегот за да набават билет. Кога дошло времето за отворање на изведбата, редот на чекање бил долг околу една милја (нешто повеќе од еден и пол километар, м.з). За време на втората турнеја заработил 19.000 фунти, што денес би било околу 1,4 милиони фунти, и многу повеќе отколку што заработувал од авторските права на неговите книги.

~ Кога имал 32 години, Марк Твен бил на една од изведбите на Дикенс во Њујорк, кој тогаш имал 55 години. Тој вака го опишал отворањето на изведбата:

Точно во 20 часот, ненајавено, и без да чека удирање или плескање со раце за да го повикаат, висок, „енергичен“ (ако можам да го кажам тоа), стар господин со тенки нозе, стана, без размислување околу трошоците, особено кога стануваше збор за предната страна на кошулата и дијамантите, со светло црвен цвет во дупката за копчињата, со сива брада и мустаќи, ќелава глава и со странична коса која беше жестоко и бурно исчешлана нанапред, како сопственикот да се пробива пред бура од ветер, и така дојде самиот Дикенс! Тој не излезе на сцената, тој чекореше.

Твен не бил баш задоволен од настаот: „Нема срце“, рекол тој. „Нема чувство – тоа не е ништо друго освен блескав мраз“.

~ Во периодите кога имал јавни читања, Дикенс за појадок пиел две лажици рум помешан со крем, половина чаша шампањ со чај и, половина час пред да излезе на сцената, пиел шери со изматено сурово јајце. За време на читањето, тој пиел чај од сварена вода од говедско месо, а пред спиење пиел супа.

~ Првото јавно читање на Дикенс било читањето на „Божиќна приказна“, а и последното јавно читање било токму на ова дело. Авторот одлучил да се повлече од јавните читања затоа што неговото здравје било нарушено, а неговата завршна изведба се одржала во салата Сент Џејмс во Пикадили на 15 март 1870 година. Неговиот син ги запишал неговите последни зборови до публиката: „…од овие блескави светла исчезнувам сега засекогаш, со едно искрено, благодарно, почитувано и приврзано збогување“.

~ Во декември 2013 година, Нил Гајман одржал читање на „Божиќна приказна“ во Њујорк, користејќи го истиот „промптен примерок“ кој го користел Дикенс во 1867 година. Тука можете да го чуете неговото читање.

Извор.

Leave a comment