Препораки за филмови за љубителите на книги! (3)

Љубителите на книги многу често се и љубители на филмови, иако обично токму читателите се најкритично настроени кога станува збор за екранизации на книги, особено за оние кои нив им се најдраги, бидејќи природно е читателите да воспоставуваат нивен сопствен однос со книгата и приказната. Веќе на блогот напишав еден текст за тоа зошто книгата секогаш е подобра од филмот, но истовремено тука и тука можете да најдете препораки за филмови за љубителите на книги, некогаш тоа се екранизации, некогаш филмови во кои дејството на некој начин е поврзно со книги или има многу референци за книги и читање. А за оние кои повеќе сакаат, серии, таквите препораки можат да ги најдат тука, тука и тука.

За време на празниците изгледав, во некои случаи повторно изгледав, три книжевни екранизации, па помислив дека можеби би му се допаднале и на некој друг. Во продолжение прочитајте три филмови кои се екранизации на различни дела.

Оркански височини“ (1992)

Каде можете да го гледате: Нетфликс (филмот ќе биде достапен тука до 31 јануари)

Сосема случајно налетав на оваа екранизација додека барав нешто што да гледам за време на празниците. Имав слушнато за овој филм, но досега не ми се погодило да го гледам. Освен тоа, Жулиет Бинош и Ралф Фајнс ги сметам за одлични актери, па ми изгледаше како добитна комбинација. И навистина не згрешив. Според мене, ова е најдобрата филмувана верзија на „Оркански височини“ што сум ја гледала, а Ралф Фајнс е совршен Хитклиф. За оние кои ја сакаат книгата, верувам дека навистина ќе ви се допадне. Меланхоличното чувство постојано демнее во околина, а сценариото е совршено напишано, бидејќи сите најважни моменти од книгата се опфатени, а истовремено се задржува и тонот на книгата.

Навистина не е лесно да се екранизира дело како „Оркански височини“ кое е прилично комплексно и опфаќа повеќе генерации, но сметам дека овој филм е добар пример дека екранизација на едно дело може да биде успешна. Секако, книгата секогаш ќе има првенство, но мене многу ми се допадна и планирам во иднина повторно да го гледам и топло ви го препорачувам овој филм и вам.

„Убедување“ (1995)

Џејн Остин ми е една од омилените авторки, нејзините дела постојано ги препрочитувам, а кога тоа не ми е доволно, секогаш повторно ги гледам различните екранизации на нејзините дела. „Убедување“ можеби е едно од нејзините помалку познати дела, но мене ми е навистина при срце и овој роман ми е изедначен со „Гордост и предрасуди“. Навистина многу се разочарав од последната ужасна екранизација која излезе во 2022 годин, која не можев ни да ја догледам, бидејќи не само што премногу се оддалечува од книгата, туку и целиот тон и поента на книгата е тотално промашен и филмот е направен како да е некаква будалеста комедија иако оваа приказна можеби е и најмеланхолична, а темите се поврзани со изгубена љубов, втори шанси, каења. Па затоа воопшто не се мачете да ја гледате.

Но, од друга страна, екранизацијата од 1995 година ми е една од омилените екранизации на дела на Остин и секоја година си ја гледам барем по неколку пати. Одличен избор на актери (кои не се можеби толку познати), одлично сценарио, прекрасно ја следи книгата (со одредени измени кои се направени повеќе за уметнички ефект) и секогаш навистина уживам да ја гледам. Повторно го гледав филмот за време на празниците, па затоа и вам со сето срце ви го препорачувам. Доколку ја немате прочитано оваа книга од Џејн исто така од срце ви ја препорачувам.

Она што е добро е што филмот е (засега) бесплатно достапен на ЈуТуб, со одлична снимка и звук, но за жал има само англиски титлови, т.е нема превод на други јазици. Доколку сакате да го погледнете тоа можете да го сторите со кликање на видеото подолу.

Минхен: На работ на војна“ (2021)

Каде можете да го гледате: Нетфликс

Овој филм излезе пред две години и се работи за филм направен на основа на романот „Минхен“ од Роберт Харис, дело кое веќе го препорачав на блогот. Доколку сте љубители на историски драми, оваа книга, но и филм навистина ќе ви се допаднат, бидејќи тие прават комбинација од вистински историски настани и личности (Хитлер, Чембрлен, итн) со измислени ликови како двајцата главни ликови на оваа приказна: Легат и Хартман. Мене особено ми се допаѓа тоа што е опфатен дел од историјата кој е помалку анализиран и претставен на малите и големите екрани, односно самиот зачеток и политичките превирања и дипломатски тактики токму пред да почне Втората светска војна.

Во ова дело, централното дејство се случува на конференцијата во Минхен во 1938 година, кога се собрале лидерите на Германија, Франција, Велика Британија и Италија и на која се потпишал договор со кој Германија добива дел од тогашната Чехословачка. Во тоа време, ова се сметало за важен исчекор и се сметало дека тоа ќе ја спречи војната (како што знаеме денес, тоа било само една измама од страна на Хитлер). Но, во филмот следиме и двајца млади луѓе, едниот Англичанец, другиот Германец, кои се стари пријатели од факултет и доаѓаат до документи што го откриваат мрачниот план на Хитлер.

Доколку ве интересира историја и сакате историски драми, ќе ви се допадне филмот. Добро сценарио, режија и одлична глума.

Leave a comment