Фјодор Достоевски е еден од најголемите, ако не и најголемиот писател кој некогаш се родил. Толку е маестрален, што некогаш се запрашувам како е возможно човечко суштество да може да твори на начин кој едноставно секогаш те трогнува со солзи, не само со темите, туку и начинот на кој му пристапува на човештвото, на животот, на сето она што е дел од нашите битија. Последниве години, се трудам да ја започнувам годината со книга од омилен писател, па решив 2023 година да ја започнам на најдобар начин – со книга од Достоевски.
Изборот падна на „Записи од подземјето“, издадена во 1864 година, а кај нас минатата година беше повторно издадена на македонски јазик од страна на издавачки центар „ТРИ“. Не мора да објаснувам дека книгата ме маѓепса, и по некое време откако ја прочитав, секојдневно се фаќам себеси како размислувам за некои од сцените или мислите кои ги прочитав. Па оттаму, не е за изненадување што ја прогласувам оваа книга за моја книга на зимата и најтопло ја препорачувам на љубителите на одлична книжевност. Доколку веќе ја имате прочитано, препорачувам да ја препрочитате. Иако веќе еднаш објавив текст на блогот „Класично актуелните „Записи од подземјето“ на Достоевски…“ кој беше оригинално напишан и објавен од порталот „Култивиши се“, откако ја прочитав и самата, решив да напишам кус осврт и препорака за романот, како и некои од мислите кои најсилно ме погодија и ми оставија впечаток.
За што се работи во книгата?
Овој роман е во форма на мемоари на еден човек кој живее во „подземјето“. Се работи за еден гневен, изолиран човек, поранешен чиновник кој се повлекува од светот во својот мрачен дом. Романот е поделен на таков начин што најпрво ги читаме размислувања на човекот од подземјето, неговите белешки за светот, животот и луѓето, гледаме како прави рефлексија на себеси и неговиот живот, ни доловува каков е тој, гледаме како истовремено од него избива комплекс на супериорност, но и инфериорност.
Тој се гади од светот, но истовремено и му завидува. Како што и самиот наведува неколку пати во книгата, тој не ги пишува тие записи за нас и за широката јавност, туку за себеси, како еден вид на дневник т.е мемоар. Но, дали навистина е така? Во вториот дел од романот тој ни ја претставува својата приказна и преку неколку „инциденти“, т.е случки од неговата младост, тој ни доловува каков бил и каков е неговиот живот и што довело до неговата мизантропија и целосна повлеченост, а ни дозволува да ѕирнеме и во други аспекти од неговиот живот.
Зошто треба да ја прочитате?
Затоа што се работи за неверојатна книга. Не е многу голема (нешто малку над 150 страници), но секоја страница е вистинско богатство. Хаотичниот тек на мислите на човекот од „подземјето“ ги прави сите негови размислувања уште помоќни. Целата книга на одреден начин е дискусија за (не)рационалноста, природата на луѓето, нивната непостојаност, животот, општеството. Колку повеќе читате толку повеќе се внесувате, не можете да останете рамнодушни. Раскажувачот како лик ќе ве нервира, фрустрира, ќе ве замислува, ќе ве тера да размислувате. Честопати ми се случуваше по завршување на поглавје да се навратам и да го прочитам уште еднаш, да видам дали сум пропуштила нешто, да нурнам уште малку подлабоко во она што е напишано.
Иако не е голема по обем, има голема тежина и длабочина, потребна е концентрација и посветеност, затоа што е интензивна и жива книга, а стилот на Достоевски како и секогаш блеска, маѓепсува и освојува. Кога завршив со книгата бев трогната до солзи, и Достоевски е еден од ретките автори кои толку силно ги доживувам кога ги читам. Има многу работи кои би можеле да се анализираат од книгата и кога ја завршив посакав да можам да разговарам со некого за сите различни точки и теми кои се допрени од романот. Би можела да кажам уште многу работи за оваа книга, но ќе ве оставам со извадоците кои можете ги прочитате во продолжение, тие зборуваат најдобро за маестралноста на перото на Достоевски, писателот кој е светлина во мракот на човештвото.
Извадоци и мисли кои ми оставија особен впечаток
„Забележувате ли дека најпрефинетите лејачи на крв сите редум биле цивилизирани господа, на кои сите тие различни Атили и Стењки Разини некогаш не можеле ни за малото прсте да им се фатат, и ако тие не паѓаат толку в очи како Атила и Стењка Разин, тоа е токму затоа што пречесто се среќаваат, премногу се обични, се чинат секојдневни.“
„Својата сопствена, слободна желба, својот сопствен, дури и најчуден каприц, својата фантазија, некогаш раздразнета до лудило – сето тоа е токму онаа пропуштената, најкорисната корист, што не влегува во ниту една класификација, од која сите системи и теории постојано се растураат по ѓаволите.“
„Навистина, што ќе се случи ако навистина ја најдат формулата за сите наши желби и каприци, то ест од што точно зависат тие, според кои закони настануваат, како се шират, каде се стремат во таков и таков случај и слично; то ест вистинска математичка формула – тогаш човекот веројатно ќе престане да сака, и притоа секако ќе престане. Што има добро во сакањето по таблица?“
„Гледате ли, господа: разумот е беспорно добра работа, но разумот е само разум и ја задоволува само разумската потреба на човекот, а желбите се пројави на целиот живот, со разумот и сите негови чешкања. Иако нашиот живот во тие пројави честопати се покажува како ѓубренце, сепак е живот, а не е само вадење на квадратен корен.“
„Што знае разумот? Разумот го знае само она што успеал да го дознае (се чини дека некои нешта никогаш нема да ги дознае; иако тоа не е утеха, но зошто да не се каже и тоа?), а човечката природа дејствува целата, со сè што има во неа, свесно и несвесно, и иако лаже, сепак живее.“
„Но, ви повторувам стоти пат, има само еден случај, само еден, кога човек може намерно, свесно да посакува дури и штетно, глупаво, дури и најглупаво за себе, а тоа е: да го има правото да си го посакува и најглупавото, да не биде обврзан да си го посакува само најпаметното.“
„Со еден збор, сè може да се рече за светската историја, сè што може да ѝ падне на ум на најрастроената фантазија. Само едно нешто не може да се рече – дека е здраворазумска.“
„Сега ќе ве прашам: што може да се очекува од човекот како суштество надарено со толку чудни особини? Ама осипете го со сите овоземски блага, нурнете го целиот во среќата за да се појават само меурчиња на површината, дајте му толкаво економско изобилство за да не мора ништо да работи освен само да спие, да јаде колачи и да се грижи за непрекинатиот тек на светската историја – но дури и тогаш тој, човекот, од својата неблагодарност, од самата пасквила ќе направи некаква одвратност. Ќе ги ризикува колачите и намерно ќе посака најпогубна бесмислица, најнеекономична бесмислица, само за да го додаде кон сета таа позитивна благосостојба својот погубен фантастичен елемент.“
„Човекот сака да создава и да пробива патишта, тоа е беспорно. Но зошто исто толку сака, до страст сака, разурнување и хаос? Еве, тоа кажете ми го!“
„Страдањето е единствената причина за сознанието.“
„Во спомените на секој човек има такви нешта што тој не им ги открива на сите, туку само на пријателите. Има и такви што нема ни на пријателите да им ги открие, само себеси, и тоа потајно. Но, има конечно, и такви што човекот се плаши да си ги открие дури и себеси и кај секој пристоен човек токму такви нешта доволно ќе се потсоберат.“
„И никој, никој не треба да знае што се случува меѓу мажот и жената ако се сакаат еден со друг. Каква и да им е кавгата, ни родената мајка, ни неа не треба да ја викаат да им суди и еден за друг да ѝ раскажуваат. Тие се судии сами за себе. Љубовта е Божја тајна и треба да биде скриена од сите туѓи очи, што и да се случува.“
„Децата растат, чувствуваш дека си им пример, дека си им поддршка; дека ти ќе умреш, а тие целиот свој живот ќе ги носат во себе твоите мисли и чувства што ги добиле од тебе, ќе бидат твоја слика.“
„Не сфатив дека таа намерно се маскира со потсмев, дека тоа е вообичаениот последен трик на срамежливите луѓе што се невини во срцето, на кои грубо и ненаметливо им влегуваат во душата и кои до последниот миг не се предаваат од гордост и се плашат да си ги искажат чувствата пред вас.“
„Оставете нè сами, без правила, и веднаш ќе се збркаме, ќе се загубиме – нема да знаеме во што да се вклучиме, кон што да се придржуваме; што да сакаме и што да мразиме, што да почитуваме и што да презираме. Нам ни е тешко дури и да бидеме луѓе – луѓе со вистинско сопствено тело и сопствена крв; се срамиме од тоа, го сметаме за срам и се обидуваме да бидеме некакви невидени општолуѓе.“
Извадоците се преземени од македонското издание на „Записи од подземјето“ – Достоевски, Фјодор. „Записи од подземјето“. Скопје: 2022, Издавачки центар ТРИ

