За оние што можеби не ги следат вестите, вчера се одржа свечена церемонија на која се открија номинациите за овогодинешните Оскари. За љубителите на книги, можеби е значајно да прочитаат дека екранизацијата на „На Запад ништо ново“, легендарната книга на Ерих Марија Ремарк, доби девет номинации, меѓу кои и за најдобар филм (можете да го погледнете на Нетфликс).
Она што е навистина интересно за љубителите на книги е и дека нобеловецот Казуо Ишигуро, кој ја доби Нобеловата награда за книжевност во 2017 година, исто така е помеѓу номинираните оваа година. Добра година за писателите! Тој се закити со оваа престижна номинација за неговото сценарио за филмот „Living“ („Да се живее“), односно се најде во категоријата „Најдобро прилагодено сценарио“.

Филмот е еден вид на „римејк“ на филмот „Икиру“ (во превод „Да се живее“) на легендарниот јапонски режисер Акира Куросава од 1952 година. приказна која зборува за еден бирократ кој откако добива лоша мединцинска дијагноза се труди да пронајде значење во неговиот монотон живот. Во „Living“, приказната е слична, со тоа што локациски фимот е сместен во Англија, но се задржува временскиот период (50-ти години на 20 век). Бил Нај ја толкува улогата на Вилијам, крут англиски административец и бирократ, чиј живот се врти наопаку откако добива лоши вести за своето здравје, што значи дека премисата во голем дел останува иста. Филмот веднаш беше прифатен и од критичарите и од љубителите на филмот.
Нај, кој за нашата публика можеби е најпознат по улогата на ексцентричниот рокер во „Љубовта, всушност…“ (Love Actually), на еден настан на кој се прикажувал филмот рекол дека токму Ишигуро го привлекол да се приклучи на филмот. Како што извести магазинот „Венити Фер“, Нај раскажал една анегдота кога продуцентот Стивен Вули го поканил на вечера со Нобеловецот и неговата сопруга.
Тој речиси и ќе ја пропуштел вечерата бидејќи се успал, а потоа, додека одел на местото каде што требало да се сретнат, слушал „кавер“ верзија на Грег Алман на песната „Going, Going, Gone“ на Боб Дилан. Кога почнале да зборуваат за музика, Нај ја спомнал оригиналната верзија на Боб Дилан, претпоставувајќи дека никој друг не ја знае верзијата на Алман. И потоа, како што вели Нај, „Ишигуро се навали кон мене и рече: „Грег Алман има направено одлична верзија на таа песна.“. И јас помислив дека тој е единствениот добитник на Нобелова награда што го знае тоа.“ Неколку недели потоа, Вули му се јавил за да му ја понуди улогата.
Од друга страна, Ишигуро исто така не штеди пофалби за Нај, дури и кажал дека кога го пишувал сценариото го имал токму Нај на ум, затоа и главниот лик се вика Вилијам (целосното име на Бил Нај е Вилијам). Според порталот „Стар“, Ишигуро кажал: „Тој е еден од нашите одлични, брилијантни актери, но секогаш имав чувство дека немаше шанса за да доминира во филм“, а потоа додал дека „секогаш чувствував, дека ако му дадете централна и голема улога, која е вистинската улога, дека ние дефинитивно ќе сфатиме дека тој е еден од најголемите актери на нашата генерација.“ Како одговор на убавите зборови, во неговото интервју во емисијата „Тудеј“, Нај се шегува на своја сметка и вели: „Мора да сум бил многу добар во некој претходен живот“.

(Казуо Ишигуро, Бил Нај и режисерот Оливер Херманус на премиерата на филмот)
Што се однесува до самиот Ишигуро, тој го обожава оригиналниот филм на Куросава и постојано му се навраќа, а според „Варајети“, тој кажал дека бил „опседнат со филмот“ уште кога имал 12 или 13 години и си помислил: „Зарем не би било супер кога би се направила нова верзија за оваа генерација? Овој филм треба да се направи, дејството да биде сместено во Англија и Бил Нај да ја игра главната улога“.
Како што пренесуваат магазините „Стар“ и „Варајети“ кои известуваа за филмот и неговата промоција, на еден од промотивните настани Ишигуро се пошегувал велејќи: „Јас сум еден од оние ужасни луѓе кои им приоѓаат на режисери, продуценти и филмски работници и им вели „Еј, еве една одлична идеја за филм, те молам оди и направи го и извести ме кога ќе го направиш.“ Но, тогаш тој почнал да зборува за идејата да направи „римејк“ кој „ќе го спои материјалот на стариот филм на Куросава со одредено истражување на англискиот менталитет и одреден тип на англиски господин.“
И така, холивудскиот продуцент Стивен Вули набрзо го убедил самиот да го напише сценариото за филмот, односно како што пренесува „Варајети“, Вули му предложил да го напише сценариото и најпрво Ишигуро се двоумел велејќи дека не е сценарист, на што Вули одговорил: „Ајде пробај и ако е ужасно, ќе го дадеме на некој друг.“ Но, како што вели Вули, „не беше ужасно“.
Зборувајќи за процесот на снимање, Ишигуро рекол: „Ова е филм за кој размислував долго време. Во мојата глава, можев да ја видам музичката изведба на Бил. Но, кога видов една од првичните снимки, за мене тоа беше уште подобро од очекуваното. Ако сте писател, учите многу за вашите ликови од самите актери. Тоа за мене беше откровение. Сфаќате дека сценариото е една мала работа врз која луѓето градат работи. Тоа е фантастично искуство.“
Порталот „Стар“ исто така пренесува дека самиот Ишигуро објаснил дека филмот се фокусира на многуте паралели помеѓу јапонската и англиската култура, особено во 50-те години на 20 век, кога двете држави одново се граделе од урнатините на Втората светска војна. Дополнително, Ишигуро вели дека филмот е за тоа дека со труд, „дури и ако имате мал и стегнат живот, можете да најдете нешто… што ќе го преврти и ќе направи да биде величествен, живот со кој можете да се гордеете.“ Но, тој исто така вели дека филмот е метафора за модерниот живот, еден вид предупредување за чувството на отуѓеност кое многумина го чувствуваат денес на нивните работни места.

(Бил Нај како Вилијам во филмот „Живеење“)
Во интервју за списанието „Ролинг Стоун“ (англиската едиција), Ишигуро вели: „Тие (луѓето, м.з) мора да работат долги, долги часови на работните места и притоа не знаат како тоа се поврзува со надворешниот свет и значењето на нивниот придонес. Капитализмот ги направи работите големи и поделени, така што не е секогаш многу очигледно за што придонесуваат луѓето. Само им е кажано да го направат тоа нешто и се надеваат дека ќе се поврзе на некој начин.“
Во истото интервју, Ишигуро вели дека бил одлучен филмот да не биде премногу очигледно сентиментален. „Лесно е да ги натерате луѓето да плачат поради некоја очигледна трагедија, но многу поголем предизвик е да ги трогнете кога нешто е толку сложено“, рекол тој. Фокусирајќи се повеќе на главната тематика и пораката на филмот, тој тврди дека филмот треба да предизвика чувство на надеж, велејќи: „Ние не бараме од публиката да плаче затоа што некој човек умира од рак, сакавме да ги натераме луѓето да пролеат солзи од среќа. Пораката на филмот во основа вели дека не треба да направите пресврт во животот со тоа што ќе промените тоа што сте, не мора да постигнете нешто толку фантастично за сите да ви аплаудираат“ и потоа додава: „Можете да ја прифатите вашата ограничена личност, можете да го прифатите вашиот ограничен свет и скромните карти кои ви се доделени, но можете да ја направите сета разлика со малку туркање во тие граници. И тоа ја прави клучна разлика помеѓу тоа да се биде умртвен од животот и да се живее во целост“.
(Казуо Ишигуро)
Правејќи паралели со сопствениот живот, тој вели: „Треба само да најдете некакво значење, а за мене голема инспирација беше филмот на Куросава и имаше големо влијание врз целиот мој живот. Не ни сонував дека ќе завршам таму каде што сум сега, кога имав 18 или 19 години мислев дека мојот живот ќе биде нешто поскромен“.
И на крај, Ишигуро завршува со следниот заклучок: „Оригиналниот филм на Куросава е многу песимистички и сакав нашиот да биде понадежен. Овие обични луѓе навистина направиле промени, некако успеале да се приберат и ја промениле Британија. Има надеж во тоа“.
Секогаш е одлично кога писателите излегуваат од своите вообичаени граници и нивните зборови излегуваат надвор од нивните книги, или во случајот на Ишигуро, неговите зборови се преточиле во сценарио кое сега е номинирано за Оскар.
За оние кои не знаат, екранизацијата на книгата на Ишигуро, „На крајот на денот“, доби дури 8 номинации за Оскар во 1994 година. Главните улоги во филмот ги толкуваат Ентони Хопкинс и Ема Томпсон, а во филмот глумат и други познати актери како Кристофер Ривс, Хју Грант и други.
Доколку не сте го читале Ишигуро, ви го препорачувам со цело срце, досега неколку негови романи се преведени на македонски јазик и тоа: „Никогаш не оставај ме“, „На крајот на денот“ и „Клара и сонцето“.
Во продолжение погледнете го и промотивното видео за „Living“ (во режија на Оливер Херманус), а се надевам набрзо ќе можеме и да го погледнеме.
