Три книги кои му го промениле животот на Нил Гејман!

Нил Гејман е еден од најпопуларните модерни писатели. Неговите книги се продавани и читани, а во последно време особено е популарен поради тоа што неговите дела беа екранизирани и претворени во многу популарни ТВ серии.

Неодамна налетав на едно интересно кратко видео од 2010 година, во кое Нил Гејман зборува за трите книги кои му го промениле животот, па помислив дека ќе биде интересно за неговите обожаватели, а можеби некој ќе се инспирира од неговиот избор.

(Извор: Ulf Andersen/Getty)

Во продолжение прочитајте кои три книги му го промениле животот и зошто, а најдолу погледнете го и видеото.

Кои три книги ми го сменија животот?

Серијалот „Хрониките на Нарнија“ од К. С. Луис

Кога имав шест години, од моите соседи ја позајмив „Лавот, вештерката и ормарот“ и „Патештествието на „Мугра““ (Од серијалот Хрониките на Нарнија“, м.з), а потоа штедев пари од мојот џепарлак и си купив сопствени примероци од книгите и потоа ги замолив родителите да ми го купат целиот сет, и тоа беше подарокот за мојот седми роденден и го поминав мојот седми роденден лежејќи во кревет и читајќи ги книгите првпат, а тоа подоцна ќе биде милион пати. Она што го сакав кај приказната…. не знам дали приказните ми го променија животот, но она што ми го промени животот беше писателот, идејата.

Книгите за Нарнија се напишани на неверојатен и разговорен начин и во нив има многу разговори кои се родителски настроени кон читателот и почнав да сфаќам дека овие книги се напишани од некого и дека тоа изгледаше забавно и мислам дека тоа беше првата мисла која ми падна на ум, односно дека тоа мора да е забавна работа, дека всушност е баш „кул“ професија да се биде писател. Па така, тоа би било една книга, односно еден сет книги, кои ми го променија животот.

„Носачот на бури“ – Мајкл Муркок

Кога имав 9 години, немам поим кому припаѓаше, но најдов примерок од книгата „Носачот на бури“ на Мајкл Муркок, најновата книга од серијалот за Елрик, во тоа време мислам дека беше втората книга од серијалот и многу ми се допадна и во тој период некако навлегов во откривање на цел свет на научна фантастика и сè се поврза и се рашири почнувајќи од Муркок.

Откривајќи го него, откривајќи дека создал нешто што се нарекува „нови светови“, па така откривајќи ги тие нови светови и автори кои објавуваат нови светови, откривајќи нови бранови на научна фантастика, налетав на антологија на Џудит Мерил која опфаќаше луѓе како Роберт Зелазни, Семјуел Делејни, Р.А.Лаферти, Урсула ЛеГвин – сите овие луѓе се оние за кои може да се каже дека ги колонизираа моите рани тинејџерски години и не знам, ама сигурно немаше да бидам истата личност доколку не налетав на нив. Самата неуморна и гламурозна размена на идеи и начини на гледање на светот, замислување на мултиуниверзум наместо унверзум на работи, тоа имаше неверојатно влијание врз мене.

„Суштество од мочуриштето“ – Алан Мур

Сагата за суштеството од мочуриштето е напишана од Алан Мур, а илустрациите се на Џон Тотлбен. Оваа приказна ми падна во раце околу 1980 година, крај на 1983 и на почетокот од 1984 година, на станицата „Викторија“. Јас имав кренато раце од стрипови, кога имав 16 или 17 години, одлучив дека стриповите повеќе не ме интересираат и престанав да ги читам. Се откажав и од сите идеи дека човек може да прави одлични стрипови и дека може да се прават стрипови кои се исто толку интересни, важни и вредни како и кој било друг медиум. Едноставно одлучив дека тие се будалести, детски идеи.

И тогаш во рака ми падна „Суштество од мочуриштетото“ на Алан Мур и го прочитав и за мене тоа беше големо откровение. И тој примерок сосема се вклопува со тоа дека тоа откровение ми го врати целиот ентузијазам назад и затоа, три години подоцна, јас пишував стрипови. Оттаму дојде и „Песочниот човек“ и сите мои стрипови и графички романи. Па така, тоа е нешто што дефинитивно ми го промени животот.

Leave a comment