Ќе се снима екранизација на „Ова завршува со нас“ на Колин Хувер!

Одлична вест за љубителите на книгите на Колин Хувер, особено оние на романот „Ова завршува со нас“! Потврдена е веста дека ќе се снима екранизација на овој роман и тоа со Блејк Лајвли во главната женска улога. Како што пренесува магазинот „Варајети“, Блејк Лајвли ќе ги здружи силите со актерот Џастин Балдони, кој освен што ќе ја игра главната машка улога, дополнително ќе биде и режисер на филмот, а заедно со Лајвли ќе бидат и извршни продуценти.

Останати продуценти ќе бидат и Колин Хувер, Стивен Саровиц и Ендру Калоф. Сценариото е на Кристи Хол. Останатите детали сè уште не се познати, а јавноста уште не знае кој ќе ја толкува улогата на Атлас, старата љубов на Лили Блум (Блејк Лајвли), кој повторно се појавува кога Лили веќе е во врска со Рајл Кинкејд (Џастин Балдони).

За оние кои не ја прочитале книгата, „Ова завршува со нас“ според мене е најдобриот роман на Колин Хувер, емоционално тешка драма која обработува исклучително важна тема, а тоа е семејното и партнерското насилство и која веќе ја имам препорачано на блогот. Лили Блум е млада девојка која се труди да си го најде местото под сонцето, а нејзина голема желба е да отвори своја сопствена цвеќарница.

Кога го запознава Рајл Кинкејд, неврохирург, хемијата е очигледна, но таа не е заинтересирана за врска без обврски, додека Рајл тврди дека не е тип за сериозна врска. И двајцата се трудат да се борат против привлечноста, но таа не може да се негира, па и двајцата одлучуваат да ѝ дадат шанса на нивната врска. Сепак, има нешто во Рајл што Лили го открива подоцна во врската и кое ќе остави ужасни последици врз неа, а и самата Лили се бори со тешките спомени од нејзиното детство, кои секако го вклучуваат Атлас, нејзината прва љубов. Кога ќе го види во ресторан, нејзиниот ум доживува шок.

Оваа книга првично беше издадена во 2016 година и еден од најголемите бестселери во САД, а беше и толку успешна книга, што е преведена на околу 43 јазици, вклучувајќи и на македонски јазик. Во 2022 година, Колин Хувер го издаде продолжението на книгата, насловено како „Ова започнува со нас“, но да бидам искрена, продолжението не ми остави никаков впечаток, напротив имам чувство дека „Ова завршува со нас“ воопшто нема потреба од продолжение и дека книгата е напишана заради популарноста на првиот дел, а не затоа што навистина приказната го бара тоа. Книгата сама по себе не е лоша, и е добра за попладневно читање, но „Ова завршува со нас“ е многу моќно четиво и во споредба продолжението е бледо.

Како и да е, со нетрпение ја очекувам оваа екранизација, многу ме интересира како ќе излезе оваа приказна на големото платно! Секако, како и со секоја екранизација, има многу поделени мислења околку изборот за главните улоги, односно Блејк Лајвли (Лили Блум) и Рајл Кинкејд (Џејмс Балдони), особено бидејќи некои од обожавателите на книгата тврдат дека Лили и Рајл треба да бидат помлади и дека не ги замислувале овие двајца во главните улоги, додека пак други ја бранат одлуката бидејќи станува збор за одлични глумци. Но, овие дебати се сосема природни и секогаш се јавуваат кога се екранизира некоја книга, а секако невозможно да се избегнат кога се екранизира книга која со години е меѓу најпродаваните.

Но, самата Колин Хувер во своето видео на Инстаграм вели дека за неа Блејк е идеалната Лили. Па така, останува да почекаме и да видиме како ќе изгледа филмот! Јас секако едвај чекам да го погледнам филмот!

За крај, погледнете го видеото на Колин Хувер на Инстаграм, во кое таа ја покажува нејзината куќа од детството и зборува за филмот и се заблагодарува за поддршката!

Leave a comment