Секој љубител на книги кога патува сака да посети места кои на некој начин се поврзани со книжевноста, писателите и писателките, без оглед за какви места станува збор. Досега на блогот често сум препорачувала и пишувала за интересни библиотеки и места низ светот, но никогаш не штети да се потсетуваме и на некои препораки или да дознаваме за нови места. Неодамна налетав на еден многу интересен текст на американскиот портал „Seattle Times“ напишан од Рик Стивс, кој има своја рубрика насловена како „Европа низ очите на Рик Стивс“.
Тој пишува различни колумни и препораки за европски градови и места, а еден од тие текстови е токму овој, каде тој препорачува неколку места кои тој смета дека би ги воодушевиле љубителите на книги. Конкретно во овој текст тој се фокусира на пет градови низ Европа: Лондон (Англија), Прага (Чешка), Единбург (Шкотска), Париз (Франција) и Даблин (Ирска). Можеби ако некогаш ве води патот кон овие држави и градови би можеле да се инспирирате од неговите предлози.
Инаку Рик Стивс пишува и прирачници за патување низ Европа и има свои емисии за патување и на телевизија и на радио, а своите колумни за „Сиетл Тајмс“ ги пишува на неделно ниво. Во продолжение прочитајте ги неговите предлози и размислувања, а најдолу имате и линк кој ве води до оригиналниот текст.
~ Лондон ~

(Британската библиотека/Извор: Британика)
Британската библиотека е огромна, но нејзините библиотекари успеаја да стават сè што е навистина важно во изложба во две соби наречена „Богатствата“. Раните Библии, првото фолио од делата на Шекспир, „Авантурите на Алиса во Земјата на чудата“ на Луис Керол, документот „Магна карта“ и стиховите на Битлси се натпреваруваат за вашето внимание. Опкружени со ова богатство, ви станува јасно дека Британската империја некои од своите најголеми споменици ги изградила од хартија. (Моја забелешка: Доколку сакате да прочитате повеќе за Британската библиотека, на блогот можете да го најдете текстот на следниот линк: Која е најголемата библиотека во светот?)
Обожавателите дополнително можат да им оддадат почит на британските книжевни мајстори во Поетското катче во Вестминстерската опатија. Џефри Чосер бил првиот книжевен великан што бил погребан овде (во 1400 година). Меѓу погребаните во близина се Чарлс Дикенс, Роберт Браунинг, Томас Харди, Алфред Тенисон и Едмунд Спенсер.
~ Прага ~

(Дворот на музејот „Франц Кафка“/Извор на сликата: Czech by Jane)
Со оглед на нивната имагинативна, понекогаш фантастична култура, не е за изненадување тоа што меѓу Чесите има повеќе познати и одлични писатели. Франц Кафка кој бил родум од Прага ја напишал својата позната „Преобразување“ (која накратко може да се опише како „човек се буди како бубачка“) во стан во Стариот град со поглед на реката Влтава. Таа зграда била уништена во 1945 година, но обожавателите денес можат да го посетат музејот во чест на Франц Кафка (добро дури и за оние кои не знаат многу за него можат да го посетат) и Општествениот центар „Франц Кафка“ (книжарница и центар посветен на него).
Иронично, до неодамна, многу Чеси не биле премногу запознаени со Кафка, Евреин кој пишувал на германски јазик. За време на Втората светска војна, неговите списи биле забранети кога Германците го окупирале градот и, по војната, неговата работа била опфатена со бранот на антигермански чувства. Следниот комунистички режим исто така немал никаква корист од него. Локалните жители почнале да го сфаќаат посериозно по Кадифената револуција во 1989 година, кога туристите од целиот свет почнале да се појавуваат со маици на Кафка.
~ Единбург ~

(Натпис пред „Музејот на писателите“/Извор на сликата: Literary Traveler)
Животите и творештвото на „светото тројство“ на Шкотска: Роберт Бернс, Сер Волтер Скот и Роберт Луис Стивенсон, се во фокусот на „Музејот на писатели“ во Единбург. Бернс бил шкотскиот бард, кој во својата поезија ја возвишувал својата родна земја. Стивенсон ја разбранувал шкотската душа со класици како „Киднапиран“ и „Островот на богатството“, а Скот, кој ги напишал историските романи „Ајванхо“ и „Роб Рој“, ја оживеал гордоста на своите сонародници за културата и јазикот.
Со експонати каде се прави комбинација од првите изданија на нивните дела со лични предмети (лулето на Скот, бирото за пишување на Бернс), музејот дава интимен поглед во животот и творештвото на книжевните мајстори. За да ја оживеете целата историја, по посетата на музејот, придружете се на популарната книжевна паб турнеја во Единбург, на која актери духовито дебатираат дали одличната книжевност на Шкотска е висока уметност или креативна рекреација поттикната од љубовта кон вискито.
~ Париз ~

(Постара слика од „Букинистите“ на левата страна на Сена/ Извор: Book Addiction UK)
Европската љубовна приказна со книгите шармантно е доловена преку зелените метални книжарници што го обложуваат левиот брег на реката Сена. Половните книжарници, наречени „Букинисти“, се неизоставен дел од Париз уште од средината на 16 век, кога таквите продавници и тезги биле наредени на повеќето мостови во Париз. (Бизнисот особено цветал по Француската револуција, кога цели библиотеки биле „ослободени“ од богатите благородници.)
Друго обележје на писателите во Париз е книжарницата „Шекспир и компанија“. Основана во 1919 година од слободоумната Американка Силвија Бич, оригиналната продавница на улицата „Одеон бр.12“ било место за средби на иселеничката книжевна елита во Париз. Ернест Хемингвеј редовно позајмувал книги од продавницата. Кога Џејмс Џојс се борел да најде издавач за неговиот роман „Улис“, Бич била таа што го објавила. Иако нацистите ја затвориле продавницата во 1941 година, нејзината повоена инкарнација во близина на брегот на Сена ја продолжува традицијата на Бич да им дава поддршка на писателите кои се трудат да се пробијат на книжевниот пазар.
~ Даблин ~

(Натпис пред влезот во „Музеј на писателите“ во Даблин/Извор: Dublin Live)
Од сите места низ кои сум патувал во Европа, Ирска се истакнува со својата книжевна страст. Околу почетокот на 20 век, Даблин бил местото каде што се создале некои од големите светски писатели. Оскар Вајлд ја воодушевил Британија со својата брза духовитост и паметните сатири на викторијанското општество од високата класа. Вилијам Батлер Јејтс ја доби Нобеловата награда за неговите песни и драми со ирска тематика. Најинвентивен од сите, можеби, бил Џејмс Џојс, кој „фатил книжевни молњи во шише“ кога преку стилот „текот на свеста“ се фокусирал на почудната страна на Даблин во неговиот роман „Улис“.
„Музејот на писателите“ во Даблин е вистинското место за прегледување на книжевната историја. Но, за да ја доживеете ирската проникливост во нејзината највисока форма, почестете се со ноќно излегување во театарот „Аби“. Основан од Јејтс за да ги постави на сцената „подлабоките емоции на Ирска“, театарот ги промовира ирските писатели и уметници повеќе од сто години.
Не е претерување да се каже дека европските книжевни документи го сменија текот на историјата. Од пабови до музеи и библиотеки, ако одлучите да се фокусирате на европската книжевната култура, целиот континент може да биде добро четиво.
