Романот „Папокот на светлината“ на Венко Андоновски е добитник на наградата „Стале Попов“ за најдобро прозно остварување за 2022 година. Признанието традиционално го доделува Друштвото на писателите на Македонија уште од далечната 1975 година.
Како што наведува Друштвото на писателите на нивната официјална страница на Фејсбук, на конкурсот за наградата биле пријавени осумнаесет дела, а комисијата која ги оценувала делата била составена од три члена: Милован Стефановски (член), Весна Дамчевска Илиевска (член) и Александра Јуруковска (претседател), а одлуката ја донеле едногласно.
Според образложението, објавено од Друштвото на писателите, станува збор за „слоевито, комплексно дело, кое пред читателот открива неколку светови и мноштво силни пораки“:
Андоновски многу свесно, прецизно и луцидно си поигрува со времето и просторот, со временскиот дисконтинуитет, но и со една од вечните човекови опсесии – бесмртноста. Трите главни приказни се одвиваат во три периода, со (не)случајни синхроницитети меѓу нив и низ неколку клучни теми: верност, вечност, туѓиот грев и сопствената безгрешност. Играта со постоењето во повеќе времиња истовремено (или во повеќе паралелни вселени) е поткрепена со динамичната нарација, во која нема коинциденција, а истовремено има мноштво метатекстуални забелешки сведени под дилемата – дали нарацијата нѝ е дадена за да сфатиме дека во исто време сè е и сегашност и минато и иднина?
Понатаму во соопштението се наведува дека „романот отвора и силни прашања за семиотиката како демонологија, за губењето на невиноста на јазикот и писмото низ пишувањето и говорењето“.
Толкувањето на знаците води и кон силна духовна христијанска расправа за избавување од гревовите преку слушање, послушание, тихување, до повторното раѓање токму во јазикот. „Папокот на светлината“ е роман за потрагата по Бога, на препознавањето на Бога во човекот и обратно. Ова е роман и за значењето на маргините, за читањето меѓу редови, за сите предизвици и искушенија на современиот човек и неговата секојдневна борба со постмодерниот ѓавол кој доаѓа од сите страни, па и во множина.
Во соопштението се вели и дека во обраложението на комисијата е наведено дека „Папокот на светлината“ е „возбудливо одгатнување неколкукратно кодирани кодови, отворен дијалог со дела важни за книжевниците, филозофите и теоретичарите, но и со теми важни за читателот без кој не би постоеле ниту текстот, ниту маргините, ниту Книгата“.

(Извор на сликата: Издавачки центар ТРИ)
Ова е трета награда „Стале Попов“ за Венко Андоновски, кој признанието за најдобро прозно остварување според ДПМ го доби за романот „Папокот на светот“ во 2000 година и за романот „Ќерката на математичарот“ во 2013 година.
Традиционалното врачување на наградите за најдобрите остварувања ќе биде на 13 февруари – Денот на Друштвото на писателите на Македонија, во 11 часот, во просториите на Друштвото на писателите.
Само за потсетување, „Папокот на светлината“ излезе во продажба на 1 декември 2022 година и набргу стана една од најчитаните книги во Македонија и јас со нетрпение чекам да ја прочитам!

