„Денови на литературата“ во „Литература.мк“!

Деновиве официјално започна третото издание на „Денови на литературата“ во сите книжарници на „Литература.мк“! До 16 февруари ќе имате можност да си ја освежите домашната библиотека со многу наслови и тоа по многу поволни цени, а воедно можете и да отидете на некој од настаните кои ќе се организираат во овој период.

(Извор на сликата: Литература.мк)

Како што се наведува на официјалниот настан на Фејсбук, со намалување до 50 отсто попуст можат да се набават книгите: „Животот на нашата планета“ од Дејвид Атенборо, „Психосоматика“ од Билјана Велковска, „Раскажувачката“ од Џоди Пико, „Доктор сон“ од Стивен Кинг, „Сестрата“ и „Рандеву“ од Луиз Џенсен, „Транскрипција“ од Кејт Аткинсон, „Неописливи нешта“ од Џес Лаури, „Три желби“ од Лијан Моријарти, „Холандската куќа“ од Ен Пачет, „Мојата мрачна Ванеса“ од Кејт Елизабет Расел, „Приказна за едно семејство“ од Роза Вентрела, „Дејзи Џонс енд Д сикс“ од Тејлор Џенкинс Рејд, „Астрофизика за луѓе кои немаат време“ од Нил Деграс Тајсон и „Вистините во кои веруваме“ од Камала Д. Харис.

Сепак, најубаво е самите да си го ѕирнете целиот каталог и целосно да ја разгледате понудата.

Но, тоа не е сè! За колекционерите на изданија следуваат убави промоции:

  • На 40% попуст се цели сетови книги од поединечни автори, кои се дел од едицијата „Македонски книжевни класици“. Во овој попуст се вклучени комплетите, односно собраните дела од: Оливера Николова, Петре М. Андреевски, Блаже Конески, Димитар Солев, Живко Чинго и Ѓорѓи Абаџиев. Книгите од овие серијали, поединечно, се на попуст од 20%.
  • Цели комплети од современите светски класици на Милан Кундера, Ернест Хемингвеј, Орхан Памук исто така се на 40 % намалување. Поединечно секоја книга од оваа едиција може да се набави со 20 % намалување.

Од „Литература.мк“ наведуваат дека изданијата на англиски јазик ќе бидат намалени за 10%, а во овој период со секоја сметка добивате и подарок книга!

(Извор на сликата: Литература.мк)

Во акцијата се вклучени изданија од „Арс Ламина“, „Академска книга“, „Антолог“, Артконект“, „Бата прес“, „Бегемот“, „Или-Или“, „Култура“, „Мартина“, „Нампрес“, „ПНВ Публикации“, „Полица“, „Прозарт“, „Сакам книги“, „Слово“ и „Три“.

Како што наведов погоре, попустите од „Денови на литературата“ важат во сите книжарници на „Литература.мк“. Локациски, книжарниците на „Литература.мк“ се наоѓаат во: „Скопје Сити мол“, „Ист гејт мол“, ТЦ „Рамстор“, ТЦ „Буњаковец“, „Веро Центар“ и на ул. „Македонија“ во Скопје, како и во Битола (на „Широк Сокак“) и во Струмица.

Покрај тоа, во рамките на „Денови на литературата“ се планирани и низа промотивни настани за книги во издание на „Арс Ламина – публикации“. На пример, денес во „Кафе литература“ во „Скопје сити мол“ се одржа книжевна кафе-дружба со писателката Јана Мишо за романот „Лулу“.

Останатите планирани настани можете да ги прочитате подолу и секако да посетите некој од нив доколку ви фаќа око.

* 7 февруари (вторник), во 19 часот, во „Литература.мк“ на ул. „Македонија“ – промоција на сликовниците „Коњчето од рингишпилот“ од Јован Стрезовски со илустрации на Орце Нинески и „Во полската куќичка“ од Ванчо Николески со илустрации на Љупка Стојкова.

* 9 февруари (четврток), во „Кафе Литература“ во „Скопје сити мол“ – настан инспириран од најпознатите романи на Агата Кристи.

* 12 февруари (недела) во 13 часот, во „Кафе Литература“ во „Ист гејт мол“ – средба со група автори на книгата за деца „Детелинки-белинки“.

* 14 февруари (вторник), во 19 часот, „Кафе Литература“ во „Ист гејт мол“ – промоција на романите „Ние“ од Ана Стојаноска и „Мастилна мапа“ од Марија Ралповска, од едицијата „Пегаз“.

* 16 февруари (четврток), во 19 часот во „Литература.мк“ на ул. „Македонија“ – промоција на романот „Анатрос“ од Хари Кацановски.

* 16 февруари (четврток) – одбележување една година од отворањето на книжарницата „Литература.мк“ во Струмица.

За повеќе информации следете ги: официјлната страница на Литература.мк на Фејсбук и официјалниот настан на Фејсбук.

Leave a comment