Харуки Мураками по шест години ќе издаде нова книга!

Харуки Мураками е еден од најпознатите светски писатели и речиси секој роман му е огромен хит. Последниот роман кој го издаде беше „Убиството на Командантот“ во 2017 година, а романот беше издаден и на македонски јазик. Во тој период на блогот пренесов едно многу интересно интервју на Мураками за „Њујорк тајмс“, кое топло ви го препорачувам и можете да го прочитате тука.

(извор на сликата: IMDb)

А сега дојде и одличната вест дека наскоро ќе излезе новиот роман на Мураками по пауза од цели шест години! Јапонската издавачка куќа „Шинчоша“ која вообичаено ги издава романите на Мураками, објави соопштение во кое наведува дека новиот роман на Мураками ќе излезе на 13 април 2023 година.

Но, романот е обвиен со мистерија, бидејќи освен датумот на издавање, нема речиси никакви дополнителни информации за него, вклучувајќи ги и насловот, сижето и насловната корица. Она што е познато е дека на 13 април најпрво ќе излезе јапонското издание на романот, а преведените изданија ширум светот ќе бидат издадени малку подоцна (во „блиска иднина“, како што може да се прочита на интернет).

Ова не е прво соопштение за неговите романи во кое се даваат сосема малку информации за романот кој се издава. Имено, токму кога првпат беше објавено соопштението за неговиот роман „Убиството на командантот“, јавноста не знаеше речиси ништо за романот, освен датумот на издавањето. Па така, ни останува само да бидеме трпеливи и да почекаме повеќе информации за романот и за тоа кога ќе биде преведен на други јазици, а можеби Мураками ќе нè израдува со некакво интервју во кое подетално ќе зборува за своето ново дело.

Извор.

Leave a comment