Денес, со почеток од 18.00 часот, во просториите на „Антолог“ кај средното училиште „Јосип Броз – Тито“, ќе имате можност да добиете потпишан примерок од писателката Катерина Шошко! Катерина Шошко е одлична македонска писателка, која дебитираше на македонската книжевна сцена со романот „Крвава месечина“, а потоа постигна уште еден голем успех со романот „Чернобог“.
Најнова и најтазе книга е романот „Succubus“ во издание на „Антолог“ и по тој повод, денес имате можност да се запознаете со авторката лично, да поразговарате за нејзините книги и да си добиете посвета во вашиот примерок.

За што се работи во „Succubus“?
Како што се наведува во сижето, дејството се случува на почеток на XVIII век, кога палењата вештерки низ Европа се стивнати, но не и исчезнати. За време на неделна миса во катедралата, шеснаесетгодишната Елисавет здогледува таинствена туѓинка и во истиот миг се опседнува со мистеријата околу неа. Луција Лилит Абдеел, омажена за локален благородник, покрај таинственоста, во новиот град со себе ги носи и гласините дека била осомничена за вештерство.
Самаел, црковниот прислужник и другар од детството на Елисавет, наоѓа начин да ја пикне на работа во богаташкиот дом на туѓинката. Елисавет гледа и сфаќа дека гласините за нејзината господарка не се неосновани, но од ден на ден и нејзината верност кон неа сѐ повеќе расте.
Елисавет, Самаел и Лилит стануваат нечисто свето тројство во обидот Луција да избега од несаканиот брак со човекот кој ја спасил од клада.
„Не горат благородници, Елисавет, запомни го тоа. Горат гревовите како мене и тебе.“
Јас одвај чекам да ја прочитам новата книга на Катерина, а ако не сте ги прочитале претходните романи, со задоволство ви ги препорачувам и нив, а моите препораки за нив можете да ги прочитате тука и тука.
