Предлог-претстави за љубителите на книги!

Уметноста честопати е поврзана на многу начини и преку многу канали, па различните видови уметности често се испреплетуваат едни со други и се инспирираат меѓусебно. Како голем љубител на театарот како уметност, денес издвоив неколку претстави кои мислам дека ќе им се допаднат и на љубителите на книги. Секоја од овие престави е заснована на дело кое можете да го прочитате (или веќе можеби сте го прочитале) и секоја од нив ги поставува овие приказни на уникатен и прекрасен начин. Засега ги издвојувам овие три, а се надевам дека во иднина ќе ги проширувам овие препораки.

Па да почнеме…

Народен непријател“ (Македонски народен театар)

(Сцена од „Народен непријател“/Извор на сликата: Официјалната Фејсбук страница на МНТ)

Каква неверојатна претстава! Ова е една од најдобрите претстави што сум ги гледала кај нас во последните неколку години. Таква неверојатна приказна, толку моќна изведба, едноставно ве маѓепсува, ве врзува за столчето и прави комплетно да заборавите дека сте во театар, баш на начин на кој тоа го прават моќните претстави. Освен тоа, тематиката е толку актуелна за времињата во кои живееме.

Претставата е направена на основа на истоимениот текст на Хенрик Ибзен, еден од најзначајните драматурзи на 19 век. Неговото влијание врз драматургијата е огромно, а неговите теми – безвременски. Дејството во претставата се врти околу доктор Стокман, кој открива дека водата во бањата во местото во кое живее е загадена и всушност ги разболува луѓето. Тој ја сака вистината и сака овој случај да се расветли и разреши, но во процесот сфаќа со какви сили и со што треба да се бори. Но, не е само дилемата и борбите на доктор Стокман, претставата ќе направи да се замислите и за улогата која сите ние ја имаме во средината во која живееме, но и улогата на медиумите, моќниците, сите засегнати чинители.

Додека ја гледав едноставно бев воодушевена од целиот ансамбл, но Никола Ристановски едноставно по којзнае кој пат ме импресионираше од начинот на кој го изнесе доктор Стокман пред публиката. Неговиот монолог остана со мене уште долго по претставата, размислував за она што го кажа и како тоа се пресликува на нашата реалност.

Некои од репликите кои навистина ме погодија:

„Глупоста не е дефицит на интелект, глупоста е дефицит на човечност.“
„Глупоста е непријател на доброто, повеќе отколку злото.“
„Единствено нешто што човек не смее да направи е да си плукне себеси во лице.“
„Човек е најсилен кога се бори сам.“

Пофалби за целата актерска екипа која е составена од одлични актери и актерки како: Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Благој Веселинов, Петре Арсовски, Сашка Димитровска, Александар Михајловски и останатите кои се дел од претставата. Режисерка е Нина Николиќ, а драматург е Тамара Барачков.

Дополнително, можете и да ја прочитате „Народен непријател“ и уште три други драми на Ибзен кои се издадени на македонски јазик во изданието „Драми“ на Магор и да уживате во маестралноста на Ибзен.

Од сè срце ви ја препорачувам оваа претстава! Освен што можете и да ја прочитате, самата тематика и начинот на кој е изведена едноставно допира до вас на начин на кој само уметноста може да допре!

Жени во Собрание“ (Театар Комедија)

(Сцена од „Жени во Собрание“/Извор на сликата: веб-страницата на „Театар Комедија“)

Кога прочитав дека ќе се дава „Жени во Собрание“ во Театар Комедија баш се израдував и си реков дека морам да одам да ја гледам. Неодамна ја прочитав истоимената комедија во издание на ТРИ и напишав осврт за неа на блогот. Додека ја читав многу ми се допадна самиот концепт на жените кои ги преземаат работите во своите раце и многу ме интересираше од кај агол ќе биде пренесена претставата. Со оглед на тоа дека се работи за античка комедија, претпоставував дека премисата ќе биде прилагодена на денешното, модерно време во кое живееме, но намерно не читав ништо на интернет за претставата, за изненадувањето и доживувањето да биде целосно. И воопшто не се разочарав, напротив!

Претставата е многу релевантна и многу свежа, навлегува во голем дел од неправдите со кои жените се соочуваат и денес, но и лутината и огорченоста кои се јавуваат како мотив за борба за рамноправност во сите полиња во животот. Претставата започнува експлозивно, откако дознаваме дека е донесен еден нов и многу неправеден закон кој директно влијае на сите жени без оглед на тоа што работат и каков живот живеат.

Целата претстава се одвива во наелектиризирана и хаотична атмосфера и на тој начин се доловуваат и емоциите и неправедноста на она што им се случува на жените и правата кои им се одземаат. Жените се лути и доаѓаат по своето! Не сакаат и нема да дозволат правата да им бидат одземени, но дали ќе успеат во тоа? Многу ми беше интересен аголот од кој се набљудува оваа тема и мислам дека е многу свежа и оригинална претстава, со многу интензивни и интересни изведби од сите вклучени.

Во претставата главните улоги ги толкуваат: Зорица Нушева, Ева Скендеровска, Наталија Теодосиева, Кристина Христова Николова, Благица Трпковска, Ангела Стојановска. Режисер е Ќендрим Ријани, а драматург е Билјана Крајчевска.

За мене еден од најмоќните моменти во претставата беше изведбата на песната „Winter On The Weekend“ од страна на Наталија Теодосиева. Одлично избрана песна во контекстот на претставата, а и интерпретацијата на сцената беше одлична.

Мојот маж“ (Драмски театар)

(Постерот за претставата „Мојот маж“/Извор на сликата: Официјална Фејсбук страница на Драмски театар)

Денешниот текст и препораки ги заокружувам со претстава која е заснована на дело на македонска авторка! „Мојот маж“ на Румена Бужаровска е збирка од 11 приказни на различни жени и нивните различни животи. Се работи за кратка, но многу ефективна книга која се обидува да погледне во животот на жените (на нашето поднебје). Книгата постигна огромен успех и досега е преведена на повеќе од 10 јазици.

Освен тоа „Мојот маж“ беше поставена како претстава и во соседството, односно во Југословенско драмско позориште (ЈДП) во Белград во режија на Јована Томиќ и во Словенско народно гледалишче (СНГ) Љубљана во режија на Ивана Ѓилас. Кај нас е поставена во „Драмски театар“ под режисерската палка на Нела Витошевиќ, а драматург е Викторија Рангелова – Петровска.

Преставата опфаќа шест раскази од збирката, кои се прелеваат меѓусебно, надополнети со документарен материјал произлезен од авторските монолози. Навистина е тешко да се постави збирка раскази на сцена, но тука тоа е направено со убава динамика, која прави претставата да биде многу течна и поврзана, иако приказните се различни. „Мојот маж“ доловува приказни на жени, кои иако специфични, можат многу лесно да се поврзат со гледачот (и читателот, доколку ја читате книгата). На одреден начин се гледа и улогата на жената, нејзиниот однос кон себе и кон другите и како нејзината улога е поврзана со начинот на кој се гледа себеси.

Повторно, актерската екипа е одлична: Сара Климоска, Емилија Мицевска, Наталија Теодосиева, Сања Арсовска, Трајанка Илиева – Вељиќ, Игор Ангелов, Филип Трајковиќ, Исмет Шабановиќ.

Leave a comment