Пет интересни факти за Казуо Ишигуро!

Британскиот романсиер Казуо Ишигуро во 2017 година ја доби Нобеловата награда за книжевност. При објавување на наградата, Шведската академија рече дека награда му се доделува на Ишигуро „кој, во книгите со голема емотивна сила, ја открил бездната под нашето илузорно чувство на поврзаност со светот.“

Неговите дела се преведени на над 40 јазици, а на македонски јазик кај нас можете да ги најдете романите „Никогаш не оставај ме“, „На крајот на денот“ и „Клара и сонцето“. Неговите најпознати романи „На крајот на денот“ и „Никогаш не оставај ме“ беа и екранизирани и доживеаја огромен успех. Освен тоа, како што неодамна пишував на блогот, Ишигуро годинава е номиниран и за Оскар за најдобро прилагодено сценарио за филмот „Живеење“.

(Извор на сликата: MUBI)

Со оглед на тоа дека деновиве е повторно актуелен, а и секогаш е добро да знаеме повеќе за писателите кои имаат силно влијание на книжевноста, денес на блогот можете да прочитате неколку интересни факти за Ишигуро, а доколку сакате повеќе да нурнете во умот на нобеловецот, можете да се потсетите и на едно интервју кое беше објавено на блогот по објавувањето на „Клара и сонцето“.

Казуо Ишигуро е роден во Нагасаки, а мајка му ја преживеала атомската бомба

Ишигуро е роден во Нагасаки во 1954 година, а неговата мајка го преживеала атомското бомбардирање на градот кога имала 18 години. Кога имал пет години, целото семејство се преселило во Сари бидејќи неговиот татко се вработил во Националниот институт за океанографија.

Тој во една прилика изјавил: „Планот секогаш беше моето семејство да се врати во Нагасаки по неколку години и дека ќе пораснам во Јапонија, а не во Англија. Па така, секогаш бев охрабруван да мислам дека Англија е интересно место кое го посетуваме“.

Има шпекулации дека тој бил инспирација за создавањето на интернет-книжарницата на „Амазон“

Џеф Безос, основачот на „Амазон“, е голем обожавател на „На крајот на денот“, романот на Ишигуро кој ја доби Букеровата награда во 1989 година. Милијардерот во едно интервју во 1998 година рекол: „Пред да го прочитам романот, мислев дека е невозможно да постои совршен роман“.

Приврзаноста на Безос кон книгата е толку длабока што се верува дека решил да основа интернет-книжарница набргу откако ја прочитал. Иако сопругата на Безос ја демантирала приказната, останува фактот дека Ишигуро има моќен клуб на обожаватели.

Работел за мајката на кралицата Елизабета II

За време на неговото прво лето откако го напуштил Универзитетот во Кент, Ишигуро работел како „тепач на тетреби“ (луѓе кои ги мамат тетребите за ловците, м.з) за кралицата-мајка во Балморал. Тој ја сретнал во неколку наврати, а известил дека, за разлика од нејзината ќерка, таа не била баш прецизен ловец.

Казуо Ишигуро ја носи музиката во себеси

Ишигуро признава дека не бил страстен читател кога бил млад. Но, во младоста тој бил страстен гитарист и текстописец и почнал сериозно да пишува белетристика дури откако претрпел низа одбивања од дискографските куќи. Тој и понатаму е сериозен гитарист и бил ко-автор на четири песни на албумот на џез-пејачката Стејси Кент насловен како „Breakfast on the Morning Tram“, кој по издавањето во 2007 година многу успешно се продавал во Франција.

Тој е опседнат со помнењето

Ефектот на помнењето често е централна тема во неговите приказни. Тој еднаш рекол: „Продолжувам да ја сметам меморијата за фасцинантен уред. Тоа е филтер низ кој сите се гледаме себеси – раскажуваме приказни за тоа кои сме и што сме направиле во минатото и кои сме станале. И бидејќи меморијата е нејасна и маглива и отворена за манипулации, многу е лесно да се залажеш себеси за својот живот“.

Извор.

Leave a comment