Книжевен клуб во Europe House Skopje!

Утре (вторник), со почетокот од 19 часот, во Europe House Skopje (локацијата е кај Делегацијата на ЕУ во Скопје), ќе се одржи интересен настан, кој е дел од серија настани кои веќе се одржаа, односно книжевниот клуб ќе има нова и многу интересна тема на дискусија.

Како што е наведено на официјалниот настан на Фејсбук, „по примерот на големите книжевни Европски метрополи – Париз, Берлин, Прага, Рим сакаме да создадеме патувачка машина која ќе нè понесе на истражување на Европските земји и култури.“

Токму тоа е и причината за создавањето на книжевниот клуб и оттаму ги покануваат сите да им се придружат и да откријат „широк спектар на нови книги, нови автори, нови пријатели“ и можност да запознаете со авторите, со преведувачите и на крајот да дознаете и нешто ново за себе.

Книжевниот клуб е во рамки на наградата „Вавилон“ за најдобар млад книжевен преведувач, а ќе го води проф. Владимир Мартиновски. Владимир е поет, раскажувач, есеист, теоретичар, преведувач и Амбасадор на „Вавилон“ наградата за Млад книжевен преведувач.

Темата на ова издание на книжевниот клуб се најновите преводи од чешката проза на македонски јазик:

📚„Ќе се разбудам на Шибуја” од Ана Цима (превод: Донка Роус)

📚„Останете со нас” од Марек Шинделка (превод: Даниела Роус-Мишевска и Донка Роус)

📚„Мапата на Ана” од Марек Шинделка (превод: Јасминка Делова-Силјанова)

📚„Мона” од Бјанка Белова (превод: Даниела Роус-Мишевска и Донка Роус)

📚„Нулорог” од Петр Станчик (превод: Донка Роус)

📚„Нештата за кои дојде време” од Петра Соукупова (превод: Јасминка Делова-Силјанова) и

📚„Едрилица на етикети” од Јиржи Хајичек (Донка Роус и Даниела Роус-Мишевска)

Гостинка на вечерта е проф. Јасминка Делова-Силјанова, преведувачка од чешки јазик и главна уредничка на издавачката куќа „Славика либрис”.

Места се ограничени, па затоа морате однапред да го пријавите вашето учество на е-поштата: euhinfo@euhouse.mk, а краен рок за пријавување е денес, односно според правилата треба да се пријавите за учество најдоцна еден ден пред средбата и секако не е задолжително да ги имате прочитано делата.

Одлична идеја и одличен настан за сите љубители на книги!

Leave a comment