Прекрасни мисли од „Последните селани“ на Петре М. Андреевски!

Денес е 21 февруари – Меѓународниот ден на мајчиниот јазик поддржан од УНЕСКО. Пишувањето и творењето на мајчин јазик е една од најважните придобивки на човештвото. Можноста да комуницираме, создаваме и да се изразуваме на македонски јазик.

Со цел да го одбележиме овој ден, денес на блогот можете да прочитате прекрассни мисли и извадоци од романот „Последните селани“ на Петре М. Андреевски. Се работи за едно исклучително дело на еден од нашите најважни книжевници, и иако не е толку популарно како „Пиреј“ или „Небеска Тимјановна“ (од романите), сепак топло ви го препорачувам.

Во романот се работи за едно село во Македонија заборавено од светот и неговите последни жители. Низ текот на романот се запознаваме со различните ликови, нивните меѓусебни односи, но и нивните лични таги, маки и животи. Невозможно е да не се поврзете со некој од ликовите, барем во некој одреден дел. Иако специфични ликови, голем дел од темите кои се обработени и денес се многу релевантни на многу начини.

Низ текот на целиот роман има една меланхолична нишка која ќе направи да чувствувате грутка во срцето. Секој од ликовите го носи својот товар и бреме, секој од нив се бори со осаменоста, болката, голем дел со многу тажни судбини. Како и сè друго, Петре одлично ја доловува заплетканоста на човечките односи. Овој роман веќе го имав препорачано на блогот.

Во продолжение уживајте во прекрасните мисли од романот, запишани од перото на големиот Петре М. Андреевски.

„Се знае дека со насмевка можеш најлесно да му се доближиш некому. Насмевката ја брише секоја далечина меѓу луѓето.“

„Но и сите луѓе по нешто кријат, па така човекот се претвора во најголема скривница.“

„А колку би било поинаку, кога болката би ја чувствувал и тој што ја предизвикува.“

„И колку луѓето можат да сакаат и колку не знаат што сакаат. Оти сите сонуваат за некаква среќа што им е потребна, но кога ќе дојдат до неа, стануваат уште понесреќни.“

„Изгледа на човекот секогаш му е дадено нешто за да нема многу време за омраза. Но каква е разликата меѓу љубовта и омразата кога обете идат од исто место и, безмалку, од исти пориви.“

„Ти помина лутината, прашува Варвара.
Ми помина и животот, вели Теофил.“

„Но што да се прави кога луѓето сакаат да слушаат, да се лажат со нешто. И тие слушаат па макар да бидат излажани и од сопствената глупост.“

„Единствената неизнасилена вистина во сето тоа беше дека секогаш има некој кој чека некого што му е потребен, односно што му недостига.“

„Некогаш барем се знаеше: едни ти пцујат „мајку бугарашку“, други ти ја пцујат „мамката србоманска“, а ти не им се лутиш. Си велиш: Само не пцујте ми ја мајката македонска, а со туѓите мајки што сакате правете.“

„Ама и што ќе ти е таков живот на кој не ќе сакаш да се сетиш.“

„А омразата беше ти била проклета и слепа: никогаш не знае како да се размине со човекот.“

„Никаде да не одиш со грд човек. Ни на радост, ни на жалост. Со грд човек, му рече, секаде ќе ти биде грда работата.“

(Извор на сликата: nasemavrovo.mk)

„Покрај убавиот човек и ти ќе бидеш поубав, му рече. Оти се рекло: убавината секогаш изгледа невина, иако најмногу гревови носи. Убавиот човек сите го гледаат, но никој не го слуша што зборува.“

„Секому се дало живот, вели, ама секој не знае што да прави со него.“

„Некогаш не е толку болно што ќе ти речат, туку како ќе ти го речат.“

„Секој прогонет човек се претвора во волк. Ако ти избега еднаш стравот, вели, после ништо не може да те уплаши.“

„Многупати коњите излегуваат поумни од луѓето.“

„Но ветените утра многупати можат да задоцнат и по цели години.“

„На сè се сеќавам, вели Цара Петревска, а најмногу на тоа што не сакам да се сетам.“

„Но кажаниот збор е веќе фрлен камен и не се враќа назад.“

„Но, нејзе, колку повеќе ѝ бега животот, како уште повеќе да ѝ се замилува, како одново да го засакува.“

„А нема ништо полошо за жив човек од да остане сосем сам. Постојано да чекаш некого, вели, а никој да не доаѓа. И да чекаш да се случи нешто, а ништо да не се случува…“

„Оти нема ничиј живот што не може во еден единствен ден да се раскаже. Со сè што му поминало преку глава. А можеби и за помалку време ќе може да се раскаже. Независно колку долго неговиот живот траел. Оттука излегува дека нема човек што живеел подолго од еден обичен ден.“

„Во животот никогаш и ништо не се изменило, и тој, тукуречи, кај сите еднакво се повторува. Секогаш и во сите времиња. Излегува дека сиот живот како само еден да го живеел.“

„Оти некогаш може цел живот да седиш со некого и пак да не се познаваш. А некогаш, само еднаш да се сретнеш со некого, си мислиш дека отсекогаш си го знаел.“

„А тој цело време се обидува да викне: Јас уште сум жив, луѓе, јас уште сум жив! Но зборовите му се толку безгласни што и самиот не може да си ги чуе. Не може да се изначуди како може да го поднесе сето што го гледа, а ниеден збор да не му преоѓа преку устата.“

*извадоците од книгата се од: Андреевски, Петре М. „Последните селани“. Скопје: 2020, Арс Либрис.

Leave a comment