Неодамна, токму пред новогодишните и божиќни празници, објавив неколку препораки за трилери и мистерии. Имаше еден период кога помалку читав трилери, но периодов бев некако инспирирана, па прочитав повеќе книги од тој жанр, а неколку од нив ми оставија впечаток и сметав дека треба да добијат засебен текст, настрана од оние стандардни препораки кои ги објавувам секој месец. Периодов работам и на еден текст со препораки за еден друг жанр, па затоа следете го блогот, а сега во продолжение прочитајте листа од пет препораки за трилери и крими-приказни кои навистина ми оставија впечаток изминативе месеци.
„Човек од костени“ – Сорен Свејструп

Издавачка куќа: БАТА ПРЕС
Опис: „Човек од костени“ е дефинитивно најдобриот трилер кој сум го прочитала во последниве години. Неверојатно напишана книга. Во одреден период направив пауза од читање трилери бидејќи сите некако во последно време ми наликуваа едни на други или беа премногу превидливи и клише. Немам толку проблем со клишеа бидејќи голем дел од приказните се засноваат на одредени структурирани шаблони, но ретко ми се погодуваше да налетам на трилер кој ќе ме залепи за книгата, приказна која не знам каде ме води и чиј расплет не можам баш да го откријам речиси до самиот крај. Е па, конечно налетав на оваа неверојатна книга.
Полицијата пронаоѓа тело на мртва жена во Копенхаген и почнува да го истражува случајот, но уште од самиот старт случајот е обвиен со мистерија и се чини дека има некаков конкретен мотив зад тоа убиство. Убиствата не запираат тука, а една од заедничките работи е што на местото на злосторствата секогаш има некакво необично човече од костени. Паралелно на ова, ја следиме Роса Хартунг, министерката за социјални работи на Данска, која се враќа на работа после неверојатниот трауматичен настан. Дали е возможно овие работи да се поврзани и како?
Свејструп е одличен писател! Начинот на кој ја развива приказната е неверојатен, ве тера да се сомневате, па ве испраќа во сосема друг правец, па повторно ве враќа назад. Феноменален трилер, одлично напишан и страниците сами летаат додека читате. Со сигурност ова ми е омилениот трилер кој го имам прочитано изминативе пет години и топло ви го препорачувам. Откако ќе ја изгледате, погледнете ја и истоимената серија на Нетфликс!
Цена: 500 денари
„Ме сака, не ме сака“ – Шерон Болтон

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Опис: Одличен трилер! Доколку ве предизвикуваат мистериозни приказни, злосторства и приказни во кои ќе се двоумите кој ја кажува вистината до самиот крај, ова е одлична книга за вас! Приказната започнува необично, односно веќе знаеме дека Хамиш Волф е осуден за три убиства, иако се претпоставува дека убил четири жени, но не можат да го пронајдат телото на четвртата жртва. Тој инсистира дека е невин, но сите докази и целата јавност се против него, освен неговите родители и мала посветена група која е решена да ја докаже неговата невиност.
Тогаш се запознаваме со Меги Роуз, позната адвокатка и писателка на крими-романи за вистински случаи, која е позната по тоа што успешно ослободила веќе осудени луѓе по обжалувањето на нивната пресуда. Мајката на Волф се обидува да ја убеди да им помогне, но таа најпрво одбива бидејќи смета дека случајот е осуден на неуспех. Истовремено таа се запознава и со детективот Пит, човекот кој го водел случајот и кој е убеден дека тој е виновен и дека нема дупки во случајот.
Додека се развива приказната, се запознаваме со најразлични ликови и со самиот Вулф, кој е харизматичен и привлечен. Тука Болтон има завршено одлична работа при градењето на карактерите, па така никогаш наполно не сме сигурни во она што го читаме. Се работи за тензична приказна и доколку сакате трилери, сигурно ќе ви се допадне!
Цена: Книгата до 20.03 е дел од акцијата на САКАМ КНИГИ и е намалена од 450 денари на 270 денари.
„Несаканиот гостин“ – Шари Лапена
Издавачка куќа: ТРИ
Опис: Овој роман е одличен за оние што сакаат приказни во кои има повеќе осомничени и самите сакаат да погодуваат кој е можниот убиец. Дејството на овој роман се одвива за време на неколку дена во едно одморалиште далеку од градот и цивилизацијата. Местото е толку изолирано што губат сигнал на телефоните, имаат проблем со струјата, итн. Неколку различни луѓе кои не се познаваат меѓусебно се сместуваат во одморалиштето во кое треба да ги поминат тие неколку дена. Има луѓе дојдени како пар, пријатели, некои се и самци кои дошле да се тргнат од сè.
Но, уште по првата ноќ се соочуваат со нешто ужасно: едно мртво тело е пронајдено утрото на самите скали. Наводно никој не видел и не слушнал ништо. Сите се исплашени од можноста дека не се работи за несреќен случај и дека всушност има убиец меѓу нив. А потоа се појавува и следното мртво тело…
Одлична приказна која ќе ве држи заинтересирани сè до самиот крај!
Цена: 400 денари
„Да те најдам прв“ – Линвуд Баркли
Издавачка куќа: МАТИЦА
Опис: Линвуд Баркли е еден од моите омилени современи писатели на трилери и крими-романи. Доколку сакам да се опуштам со книга и кафе, тој ми е еден од главните автори кон кои се вртам кога сакам некој лесен и интересен трилер.
Премисата на оваа книга е малку необична: еден милијардер дознава дека е болен од неизлечива болест и почнува да размислува за животот, за богатството и неговото наследство. Кога бил млад, се впуштил во одредени работи за да заработи пари и сфаќа дека сосема е можно да има негови деца низ цела Америка, па решава да ги пронајде.
Но, тогаш почнуваат да се случуваат чудни работи, луѓето кои се негови биолошки деца исчезнуваат без трага и никој не може да ги пронајде. Кој би сакал да ги убие овие луѓе и зошто? И така, заедно со главниот лик и вие како читатели се возите низ таа непредвидлива приказна и одвај чекате да дознаете што всушност се случува.
Цена: На страницата на Bookland, книгата моментално е намалена од 550 на 440 денари
„Речиси нормално семејство“ – М. Т. Едвардсон
Издавачка куќа: ТРИ
Опис: Без оглед на жанрот кој го читам, отсекогаш ми биле интересни приказни во кои се нудат повеќе агли од иста приказна, односно книги во кои читаме настани што се раскажани од повеќе ликови. Причината поради која ми се допаѓаат такви книги е што, исто како и во животот, честопати се случува еден настан различно да биде доживеан од повеќе луѓе, а и секој човек да има свој мотив и скриени мисли кои другите не ги знаат, па така сите се недоверливи наратори.
Во оваа драма, која е и трилер на некој начин, ние ја следиме приказната преку гледната точка на Стела и нејзините родители. Стела е обвинета за убиство, а тоа е едно од најлошите работи кои можат да му се случат на едно семејство, кое судејќи според останатиот свет, а и според самите членови на семејството, е сосема обично и живее сосема обичен живот. Стела е тинејџерка, татко ѝ е пастор, а мајка ѝ адвокатка. За да се отплетка приказната и да ја дознаеме вистината, ние ги следиме сите тројца и заедно со нив го одмотуваме клопчето за да дознаеме што навистина се случило.
Цена: 500 денари



