Прекрасни мисли од „Големата вода“ на Живко Чинго!

Живко Чинго е еден од најпознатите и најистакнатите македонски писатели, а „Големата вода“ со причина за смета за едно од најизвонредните дела во македонската книжевност, за кое веќе имам дадено осврт тука. „Големата вода“ е еден неверојатен роман, толку човечки и трогателен, роман кој ќе го прочитате во еден здив и кој долго ќе го помните. Вистински македонски класик. Издаден во 1971 година, овој роман делува како да е издаден минатата година. Нема да останете рамнодушни на условите и животот на децата во домот за деца без родители, ниту на прекрасната нарација на Чинго.

Романот изобилува со прекрасни мисли, па покрај подолгиот извадок кој веќе го објавив на блогот и ве поттикнувам (повторно) да го прочитате, денес на блогот решив да издвојам неколку мисли од романот кој особено ми оставија впечаток, а кои се надевам ќе ве поттикнат (повторно) да ја прочитате книгата.

„Се колнам, само нашата љубов на илјада атоми разбиена, поделена со другите, тоа што си им го дал на другите – само тоа е твое, во тоа е смислата.“

„…кога му се суди на еден човек колку е тоа можно, слепо да не се гледа само на еден дел од неговиот живот, за што можеби тој самиот нема никаква вина.“

„Тажно, пријателе, тажно кога ти сè уште си жив, а некој те испишал.“

„…ако сакате некого да казните, за целиот живот, тогаш разделете го од она што му е најмило. Искоренете му го тоа што му е во срцето, осакатете го, ослепете го, за да не ви избега. Неразбирливи, како може нешто да се уништи ако тоа е во срцето на човекот?“

„Проклет да бидам, колку малку требало човек да се почувствува неизмерно среќен, радосен, полн со слатки, занесени соништа.“

„Со душата се менува и надворешниот изглед, сè.“

„Нејзината душа гореше за власт, таа секој ден стануваше сè посуров човек, се изродуваше во тиранин. На таквите луѓе ни на ум не им паѓа колку се ништожни, штетни, напротив, живеат со надеж дека тие се оние заради кои сè уште грее сонцето.“

„Како секој потчинет и ропски човек, тој беше смртно исплашен за својата бедна иднина.“

„Едноставно таквите луѓе се полни со страв, се напрегаат над своите способности, живеат на штрек, од ден на ден стануваат сè побездушни, послепи.“

„Замислете еден човек без сон колку може да го почитува сонот на другите. А нашите детски срца од сите четири страни беа полни со соништа, бликаа. Замислете еден таков човек да ви биде чувар на вашиот сон, каков ќе биде тој сон?“

„Јас сега верувам, проклет да бидам, во секое човечко срце мора да има понекоја топла капка пролетен дожд и колку тоа да биде тврдо, обвиено со мраз.“

„Мајките не се плашат од снег, од ништо не се плашат мајките кога им студи на децата. Проклет да бидам, мајките се без страв, имаат само еден страв, своите деца.“

„Се молев, ако некогаш нешто ќе може да се задржи, тогаш нека биде тоа таа љубов на нашите мајки.“

„По сонцето сигурно најсветла работа на светот се мајкините очи, нејзината безмерна љубов.“

„Подобро на човека да му се поткасне јазикот отколку да живее во заблуда.“

Извадоците се од: Живко Чинго, „Големата вода“, Арс Ламина: Скопје, 2021 година 

А доколку сакате да прочитате и други прекрасни мисли од Живко Чинго, тоа можете да го сторите со кликање на овој линк: Живко Чинго: „Ако ти се затопли срцето, сè ќе ти биде топло“!

Leave a comment