Кои животни лекции можеме да ги научиме од „Во потрага по Алјаска“?

Џон Грин долго време беше препознатлив по своите информативни видеа на ЈуТуб, но во последниве години стана еден од најпопуларните писатели на книги за млади, истражувајќи теми кои се популарни помеѓу новата генерација на тинејџери и млади возрасни кои штотуку зачекоруваат во светот на возрасните и се трудат да го најдат своето место под сонцето. Со романите како „Грешката во нашите ѕвезди“, „Желки до бесконечност“, Хартиени градови“ и „Во потрага по Алјаска“, тој ја стекна довербата и популарноста кај младите луѓе.

Во потрага по Алјаска“ беше неговиот прв, т.е дебитантски роман и оттука се лансираше неговата кариера. Пишувајќи за порталот „Bookstr“, Едвард Бердник дава анализа и кус осврт на овој роман и на животните лекции кои се труди да ни ги предочи. Во продолжение прочитајте го текстот на македонски јазик, а најдолу можете да пристапите до оригиналниот текст на англиски јазик. Доколку ја немате прочитано книгата, имајте предвид дека е можно подолу во текстот да има откривачки моменти за приказната.

Откако му било тешко да се вклопи со останатите негови врсници на училиште, нарекувајќи ги тие времиња „неподносливи“, Џон Грин подоцна се префрлил во училиштето „Индијан Спрингс“ каде што продолжил да формира нови врски и сеќавања. Во „Во потрага по Алјаска“, Грин ја вметнува приказната за својот живот преку ликот на Мајлс Халтер и на својата средношколска читателска публика ѝ нуди можност да научи нешто повеќе за борбите на младите за време на нивниот раст и созревање.

Лавиринт од страдање

Мајлс Халтер е фасциниран од последните зборови на славните личности. Откако ќе се префрли во средното подготвително училиште во Кулвер Крик, Мајлс се спријателува со својот цимер Чип Мартин, Такуми Хикохито, хип-хоп ентузијаст и Алјаска Јанг, интелигентна, но непромислена девојка. Откако ја открива својата опсесија со познатите последни зборови, Алјаска му го открива на Мајлс последниот исказ на венецуелскиот водач Симон Боливар пред смртта: „По ѓаволите. Како некогаш ќе излезам од овој лавиринт!“

Двајцата склучуваат договор: Ако Мајлс може да открие што значи лавиринтот и како некој може да избега од него, таа ќе му намести девојка; како што налага традицијата помеѓу тинејџерите.

Како што се развива приказната, Мајлс се зближува со Алјаска. Кога четворицата ги споделуваат своите училишни шеги околу логорски оган, дознаваме дека импулсивното и непредвидливо однесување на Алјаска се должи на смртта на нејзината мајка, настан за кој Алјаска се обвинува себеси. Токму во овој момент Мајлс сфаќа дека лавиринтот што тој се обидува да го разбере е, всушност, сопственото страдање на една личност додека се бори да излезе од лавиринтот. Секој млад поединец може да наиде на свој личен лавиринт кој мора да го надмине. Меѓутоа, ако успеат, можат да достигнат самооткривање и да го пробијат својот пат напред.

Надминување на тагата

По смртта на еден од ликовите, Мајлс ненадејно се наоѓа заробен во сопствениот лавиринт на страдање додека очајно се обидува да ги дознае одговорите на прашањата што се кријат во неговиот ум. Како резултат на нивната заедничка загуба, пријателите минуваат низ момент на созревање, момент за кој Џон Грин открива дека е под силно влијание на тагата.

Слично како Мајлс и неговите пријатели, ние брзо созреваме за време на нашите борби во лавиринтот, особено ако тие неволји вклучуваат смрт на некој близок. Грин истакнува дека надминувањето на нашата тага и помирувањето со нашите грешки и каења на крајот ќе резултира со премин од безгрижна адолесценција во емотивно интелигентна зрелост.

Ценење на моментот

„Потрага по Алјаска“ им нуди на своите читатели момент на јасност за да размислат за смислата на животот пред да ја нагласи важноста да се живее животот во целост и да се прифати сегашниот момент пред да биде предоцна. Се покажува дека Мајлс се заљубил во идеализирана верзија на Алјаска наместо да се фокусира на реалноста. Приказната ни покажува и дека Такуми носи вина и се колеба околу минатото.

До крајот на приказната, ликовите се помируваат со своите каења и сфаќаат дека и покрај многуте животни предизвици кои се наоѓаат во нивните лавиринти, најважно е да го ценат секој буден час од нивниот живот. За тинејџерите кои сè уште го истражуваат светот и ја планираат својата иднина, пораката на Џон Грин служи како потсетник дека никогаш не може да се знае кога таа кревка животна нишка може засекогаш да пукне. Најдобро е да бидеме сигурни дека овие моменти значат нешто.

Извор.

Leave a comment