Романот „Вистинита но не многу веројатна историја за…“ на Влада Урошевиќ е Роман на годината за 2022 година!

И конечно го имаме добитникот на наградата Роман на годината!

Романот „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ на Влада Урошевиќ, еден од најпознатите книжевници кај нас, ја доби книжевната награда „Роман на годината“, која традиционално се доделува секоја година.

Романот со еден од најуникатните и најдолгите имиња е седмиот роман на Урошевиќ.

(Извор на сликата: blog.literatura.mk)

Во образложението на жири-комисијата која беше составена од Симона Јованоска (писателка и минатогодишна лауреатка), Сашо Кокаланов, Гоце Ристовски, Илир Ајдини и Катерина Богоева (преставничка на Фондацијата„С лавко Јаневски“) се наведува следното:

Влада Урошевиќ, оживувајќи го архаичниот македонски јазик, во романот „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“, ја раскажува историјата на скопското семејство Пустополски, вешто ја вовлекува во приказната на еден толку ненаметлив начин, оставајќи го притоа читателот во пријатни чувства и задоволство по секоја прочитана страница. Нестандарден во секоја смисла, романот на Влада Урошевиќ ни се обраќа преку своите протагонисти со променлива среќа и ни говори за животот од некое друго, сега веќе далечно време коешто минувало пред лицето на Вардар каков што не го знаеме, а сведочело многу убави и неубави нешта.Време кое во романот започнува во летото 1898 година, а трае се до првите децении по завршувањето на Втората светска војна. Приказната вовлекува со својата ноншалантност, со одмереноста, импресивната фантазија и со сериозно изградените ликови по профил и тежина. Во овој роман има нешто „пркосно“, нешто кое ненадмено отскокнува од другите, а тоа го можат само најдобрите.“

Оваа година конкуренцијата беше навистина голема, па така жири-комисијата имаше навистина тешка задача, а покрај победничкиот роман, во најтесниот избор за наградата влегоа и романите „Папокот на светлината“ на Венко Андоновски, „Писмо за Глорија“ на Живко Грозданоски и „Столб што пее“ од Томислав Османли, а првично се натпреваруваа 35 романи. Наградата „Роман на годината“ се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари и годинава се додели по 24 пат.

Влада Урошевиќ е еден од најпознатите македонски писатели и книжевници. Зборувајќи за неговата биографија, како што се наведува на официјалната Фејсбук страница на Фондација „Славко Јаневски“, тој е роден во Скопје на 17.10.1934 година. Автор е на бројни книги поезија, на раскази, романи, есеи, патописи, книжевна и ликовна критика, како и на книжевна теорија и преводи. Дипломирал на Филозофскиот факултет, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 1982 година бил избран за доцент на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет каде и докторирал. На истата катедра држел курсеви по историја на европските литератури од 19 и 20 век. Освен како професор работел и во Редакцијата за култура и уметност на Телевизија Скопје , а бил и уредник на списанието „Разгледи“.

Творештвото на Влада Урошевиќ е обемно и разновидно. Почнувајќи со „Еден друг град“ (1959), тој објавил 11 збирки поезија, како и седум романи: „Вкусот на праските“ (1965), „Мојата роднина Емилија“ (1994), „Дворскиот поет во апарат за летање“ (1996), „Дива лига“ (2000), „Невестата на змејот“ (2007), „Маџун“ (2018) и овогодинешниот Роман на годината (2022). Урошевиќ е автор на три книги записи и патописи, на повеќе книги со критики и есеи за македонските писатели како и на две книги за фантастиката во сликарството. Добитник е на многу награди и признанија. Трипати ја добил наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга на „Струшките вечери на поезијата“, двапати наградата „Стале Попов“, двапати наградата „Григор Прличев“ за најдобар препев. Добитник е и на неколку странски признанија. За својот книжевен и преведувачки опус Влада Урошевиќ е именуван првин за витез на Редот на уметноста и литературата, а потоа и за офицер на истиот Ред од Владата на Република Франција. Неговите книги се преведени на: англиски, бугарски, германски, дански, полски, руски, словенечки, српски, хрватски, француски и шпански јазик.

Искрени честитки и едвај чекам да ја прочитам книгата!

Извор.

Leave a comment