21 март е Светскиот ден на поезијата, кога низ целиот свет се слави оваа прекрасна уметност. Со цел да се одбележи Светскиот ден на поезијата и истовремено да се оддаде почест на јубилејот 100 години од раѓањето на Ацо Шопов , еден од нашите најдобри поети, во вторник (21 март), со почеток од 11 часот, во НУБ „Св. Климент Охридски“- Скопје ќе се одржи свечен настан организиран и поддржан од НУМ „Струшки вечери на поезијата“, Македонскиот П.ЕН Центар, Друштвото на писатели на Македонија и Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“.
Како што се наведува во поканата која можете во целост да ја прочитате подолу, во рамки на настанот ќе бидат прогласени добитникот на наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата за 2023 година и добитникот на наградата „Мостови на Струга“. По прогласувањето на лауератите на СВП ќе бидат читани поетски посланија по повод Светскиот ден на поезијата, а ќе има и поетско читање од членови на Македонскиот П.Е.Н Центар и Друштвото на писатели на Македонија.
Во чест на јубилејот 100 години од раѓањето на Ацо Шопов, кој се одбележува во текот на целата година, ќе има и поетско читање на песни од Ацо Шопов.
Во продолжение прочитајте ја поканата во целост, која беше поставена на официјалните Фејсбук страници на организаторите.

