„Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ на Влада Урошевиќ неодамна ја доби наградата „Роман на годината“, а тоа заедно во комбинација со неверојатно уникатното и долго име беше причина веднаш да ја земам книгата во рака и да ја прочитам. Подолу се моите лични впечатоци за романот, како и дел од омилените мисли од книгата кои ми оставија силен впечаток. Книгата е во издание на Арс Ламина.
Кога започнав да го пишувам овој текст, решив во иднина да се трудам да пишувам што е повеќе засебни препораки и текстови за македонските романи, со цел да придонесам кон поголема мотивација и промоција на македонската книжевност, па така, целта ми е во иднина овие текстови да бидат почести и македонските романи да бидат издвоени од редовните препораки кои ги објавувам на почетокот на секој месец.

(Извор на сликата: blog.literatura.mk)
За што се работи во книгата?
Никола Пустополски е млад човек кој по завршување на своите студии по фармација во Париз, се враќа во своето родно Скопје. Годината е 1898 година, Скопје во 19 век е многу поинакво од она што ние го знаеме денес. Додека Никола се труди да си го најде своето место под сонцето и да се снајде во својот роден град во кој не бил долго време, се запознаваме и со неговите родители и братучетките, како и останатите кои живеат во куќата.
Никола се запознава и со различни луѓе и секој од нив на некој начин ќе влијае на неговиот живот. Од друга страна, под сплет на одредени околности, тој доаѓа до еден прстен за кој дознава дека постои одредена легенда. Кога Никола го пронаоѓа прстеност, истовремено во неговиот живот почнуваат да се случуваат чудни работи, а дознава и дека неговата куќа е повод за многу шпекулации во градот, па решен е да дознае какви мистерии и тајни чува неговата куќа и историјата на неговото семејство. Многу мистичност, мистерија и чудни сили влегуваат на терен…
Зошто треба да ја прочитате?
Затоа што се работи за исклучително оригинален и интересен роман, каков што не сме виделе одамна во македонската книжевност. Полн е со магичен реализам налик Маркес, па ако сте љубител на прозата на Маркес, ќе ви легне и овој роман. Чудни случки, надреални и натприродни, на моменти и страшни со малку доза на хорор елементи.
Сето тоа е испреплеткано со едно Скопје од 19 век, Скопје кое не е многу присутно во нашата белетристика, но Урошевиќ го оживува на маестрален начин. Речиси ќе се чувствувате како и вие да можете да одите заедно со ликовите низ уличките во Чаршија и да шетате низ едно Скопје кое го нема повеќе. Шаренилото од ликови, бои, мириси и вкусови, како и многу настани ќе ве држат цело време на штрек. Додека ја читав баш мислев дека би можело да се направи интересна серија на основа на книгата, која е богата со различни настани и случувања, митови, легенди, но и го прикажува секојдневниот и обичниот живот на скопјани во тоа време.
Ликовите се интересни и природни, има разновидност и шареноликост, секој лик си има своја специфична улога и причина зошто е таков каков што е.
Имав неколку забелешки за одредени случувања во книгата, кои не би ги откривала за да не направам „спојлер“, како што се вели, случувања кои малку ми го намалија впечатокот, како и фактот што мислам дека одредени настани и започнати приказни не се развиени доволно и мислам дека имаа многу поголем потенцијал, но од друга страна, неколку од приказните многу убаво се вклопија едни со други.
Како и да е, мое мислење е дека е најдобриот „Роман на годината“ од последните неколку години, бидејќи стилот на пишување е прекрасен и структурата и формата се многу интересни.
Извадоци и мисли кои ми оставија особен впечаток
„Светот е книга, а ние не ги знаеме сите букви за да ја прочитаме целата. Само, ете, понекаде нешто ќе фатиме. Нешто ќе прочиташ, нешто не.“
„Јас мислам дека не е сè однапред пропишано. Треба да се верува во моќта на активното дејствување на поединецот.”
„Летото привршуваше и тоа стануваше сè повидливо: деновите сè уште беа сончеви, но сонцето веќе не печеше со немилосрдна жестокост – светлината беше станала некако мека, проѕирна, приспивна.“
„Додека некој спие, тој не припаѓа на себеси – тој е дел од сеопфатната мистерија на ноќта, нели? Отсутност, припаѓање на еден друг свет, тонење кон дното – сето тоа е толку блиску до непостоење, но сепак…“
„Времето си минува, ама трагите остануваат, нели виде сега. Сè се памети, само треба трагата да ја најдеш.“
„Куќата ја прават куќа мирисите“, се лелееја одвај чујните француски зборови, на работ на препознатливоста, недоволно јасни како и фигурата што ги изговараше. „Кога нив не би ги имало, куќата би била само куп тули и камења.“
„Јас живеам од мириси и спомени.“
„Наоколу се ширеше само огромната лушпа на куќата, без човечки гласови, но преполна густа тишина која набабруваше од неизговорени зборови.“
„Целиот предел гледан, така, одозгора, му личеше на некакво писмо испишано со неразбирливи знаци кои како да сакаа да му соопштат нешто.“
„Велеше – без добро нема зло, без зло нема добро, така некако. И дека доброто и злото биле поблиски отколку што ние мислиме.“
„Нештата понекогаш сами се сретнуваат, ако така било пишано”
„Сè остануваше недоречено, зборовите не искажуваа ништо од она што оние што ги изговараа сакаа да го изразат.“
„Куќата дишеше бавно, со здив кој беше полн со сеќавања на дамнешните шумови, со сенки на одминатите настани, со мириси што бледнеат и ги губат и последните останки што ги врзувале со трошната материјалност на нештата од кои потекнале.“
„Ќе ја делат земјава, тоа е тоа. Ние мислиме – овие државите околу нас сакаат да нè земат под свое, но тоа само така ни се чини. Оние што се намериле да нè земат се големите. Тие ги местат работите како што ним им одговара.“
„Секогаш е така – народот страда поради некои луди глави, без да разбере зошто и дали има од тоа ќар или зијан. За ќар не знам, ама зијан има, сигурно.“
„Градот има свое сеќавање, поврзано со материјалните траги на дамнешните настани. Но, кога ќе ги снема безимените урнатини, од празнината која останува зад нив демне заборавот.“
*Извадоците се преземени од Урошевиќ, Влада. „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“, Скопје: Арс Ламина, 2022
