Пo неверојатниот успех на неговата анимирана екранизација на „Пинокио“, за што доби и Оскар (и еден куп други награди), Гиљермо дел Торо неуморно продолжува да работи и веќе на ум ги има своите следни проекти, кои судејќи по информациите, повторно ќе бидат екранизации на книжевни дела, едното посовремено, а другото неверојатна класика.
Првата информација пристигна уште пред доделувањето на Оскарите и истата е веќе потврдена, односно беше најавено дека Гиљермо дел Торо ќе режирира и ќе биде продуцент на анимирана екранизација на „Закопаниот џин“, познатиот роман на нобеловецот Каузо Ишигуро кој излезе во продажба во 2015 година.

(Извор: INVISION)
„Закопаниот џин“ е роман чие дејство се случува во Англија во која кралот Артур навистина постоел, но одамна умрел и никој не може да задржи долготрајни спомени. Приказната се фокусира на врската помеѓу Ексл и Беатрис, постар пар кој оди на патување за да го пронајде синот кој речиси и не го помнат.
Дополнително, IndieWire пренесе дека Торо е вклучен и во пишувањето на сценариото заедно со Денис Кели, кој е познат по тоа што го напиша сценариото на уште една екранизација на книга, т.е за мјузиклот „Матилда“ (заснован на истоимената книга на Роалд Дал).
Самиот тој ја потврдил веста преку изјава во која вели:
„Закопаниот џин“ ја продолжува мојата соработка со Нетфликс во поглед на анимацијата и нашата желба да користиме „забавено движење“ како медиум за да раскажеме комплексни приказни и да градиме неограничени светови. За мене претставува неверојатна чест, но и голема одговорност, да го режирам ова сценарио кое јас и Денис Кели го прилагодуваме од длабокиот и имагинативен роман на Казуо Ишигуро.
Од Нетфликс исто така ја потврдија соработката преку Скот Стублер кој е претседавач на „Нетфликс филм“ кој изјави:
„Гиљермо дел Торо е визионер во поглед на создавањето филмови и мајстор на својот занает. Ние не можеме да бидеме погорди на престижните пофалби за неговиот „Пинкоио“ и со големо задоволство го продолжуваме нашето креативно партнерство додека тој го развива неговиот следен проект со Нетфликс.“
Втората вест е обвиена со мистерија и сè уште не е официјално потврдена информација, но познавачите на холивудските кругови веќе известуваат дека Гиљермо дел Торо е во сериозни преговори за екранизација на еден од најпознатите романи на сите времиња, „Франкештајн“ на Мери Шели! Според извори на порталот „Дедлајн“, актерите Ендру Гарфилд, Оскар Ајзак и Миа Гот се во почетни преговори да бидат дел од оваа екранизација која исто така би била во соработка со Нетфликс, а Гиљермо дел Торо исто така би бил и режисер, сценарист и продуцент.
Според луѓе од филмската индустрија, тој сè уште работи на сценариото и засега ниту еден актер не добил официјлна понуда, но изворите велат дека се сретнал со сите и дека првично биле заинтересирани да бидат дел од овој проект.
Наоколу се зборува и дека Гиљермо дел Торо веќе некое време го развива проектот „Франкенштајн“ и одамна имал идеја да сними филм за оваа безвременска приказна на Мери Шели. Не е познато дали неговата верзија би била историска, односно сместена во историскиот период околу кој е напишан романот или пак можеби ќе биде сместена во модерно време. Исто така, непознато е кој би го играл д-р Франкенштајн или неговото чудовиште; а се зборува дека Гот би ја играла свршеницата на докторот.
