Момо Капор за среќата, стравот, власта…

На 8 април 1937 година се родил еден од најпознатите писатели од овие простори, Момо Капор. Освен по своите дела, тој беше познат и по неговата проникливост и неговите интересни изјави. На порталот „Башта Балкана“ одамна беше споделен еден текст од едно постаро кратко интервју со Момо Капор во кое тој кратко и јасно одговара на прашања, на начин кој беше својствен само за него.

Како што е наведено на порталот, Момо Капор беше исклучителен интелектуалец, чии мудри зборови и реченици треба почесто да се паметат во текот на целата година, а не само на датумот на неговото раѓање или смрт.

Со оглед на тоа дека утре е годишнина од неговото раѓање, во продолжение прочитајте го кусото старо интервју со Момо Капор.

Име и презиме?

– Момчило, Гојкo, Капор

Дата на раѓање?

– 8 април 1937 година.

Место на раѓање?

– Ми било предвидено да се родам во Фиренца, каде што се родени сите сликари што ги сакам. Во мое време, имено, штрковите уште ги носеа бебињата. Мојот штрк принудно слетал во Сараево, поради вечната магла што владее таму со векови.

Место на живеење?

– Во облаците на Џанго Рајнхарт.

Занимање?

– Академски сликар и наивен писател. Учев да бидам сликар, но не и писател. На крајот на краиштата, каде се учи тоа? На пример, Лав Николаевич Толстој бил гроф по професија, Антон Павлович Чехов, лекар, Франсоа Вијон крадец и Антоан де Сент-Егзипери, авијатичар, а да не го ни спомнуваме Чарлс Буковски, кој беше поштар.

Од што живеете?

– Од недостаток на докази.

Што презирате најмногу?

– Власт.

Од што се плашите?

– Се плашам од тоа да се исплашам.

Омилен филм?

– „Аталанта“ на Жан Виго.

Омилена книга?

– „Малиот принц“, Егзипери

Омилен книжевен лик?

– Жилиен Сорел на Стендал. (Се мисли на главниот лик од романот „Црвено и црно“, м.з)

Кога велам Белград, мислам…

– 011

Цвеќе?

– „Малиот цвет“ во изведба на Клод Лутер.

Пијалок?

– Ракија од унгарски сливи.

Цигари?

– Кент и тутун, наречен требињац.

Прошетка?

– Околу лебедово езеро.

Алишта?

– Проза во фармерки.

Дали постои вечна љубов?

– Не сум вечен, па не знам.

Колку жени сте имале во животот?

– Недоволно.

Како ги освојувате жените?

– Не знам, никогаш не сум освоил ниту една жена. Секогаш ме освојуваа, секако дозволувајќи ми ја илузијата дека јас сум главен.

Без што не би можеле да го замислите животот?

– Без себеси.

Кој го сметате за најсвет момент во животот?

– Причестувањето.

Што е за Вас целосна среќа?

– Има една прекрасна прозна песна од американскиот поет Карл Санберг, која се вика „Среќа“, за човек кој посетува учени луѓе, филозофи и мудреци, прашувајќи ги што е среќа, а на тоа прашање никој не може да одговори. Една недела, додека шета во „Централ парк“ во Њујорк, гледа едно унгарско семејство како седи на тревата, на раширено ќебе; пијат пиво од буре и некој свири на хармоника додека децата си играат наоколу. Сфатил дека тоа е среќа. Среќата е нешто многу блиско до нас, но го откриваме или доцна или никогаш.

Извор.

Leave a comment