Прекрасни извадоци од „Пророкот“ на Халил Џибран!

На денешен ден во 1931 година починал познатиот либанско-американски писател и поет, Халил Џибран. Џибран се смета и за филозоф иако тој лично ја отфрлал таа титула. Тој е најпознат по неговото дело „Пророкот“ кое било издадено во 1923 година во САД и е една од најпродаваните книги на сите времиња, преведена на повеќе од 100 јазици, меѓу кои и на македонски јазик.

Во чест на овој прекрасен писател, денес ви пренесувам неколку извадоци од неговото најпознато дело, кое веќе го имам препорачано на блогот. Се работи за мало книжуле кое ќе го прочитате во еден здив, а ќе остане со вас уште многу долго по читањето.

Во продолжение прочитајте ги прекрасните извадоци.

„Неизмерно те сакавме. Но љубовта ни беше нема, и
зад превези притаена.
Но сега гласно ти извикува, и сака да ти се каже.
Отсекогаш бидувало така, љубовта не ја спознава
сопствената длабочина сè до часот на разделба.“

„Радоста ваша е вашата тага без маска.
А истиот бунар од кој ви извира смеата често го полнат вашите солзи.
Та како инаку би било?
Колку подлабоко во вашето битие тагата ви се вреже, толку поголема радост во себе ќе зберете.“

„Кога сте радосни, вѕирете си во срцето и ќе откриете дека токму она што ви дава тага ви донело радост.
А кога сте тажни, погледнете повтор во срцето и ќе видите дека плачете за нешто што ви било радост.“

„Некои од вас велат: „Радоста е поголема од тагата“, а други: „Не, тагата е поголема.“
Но јас велам, тие две се неразделни.
Заедно ни идат, и кога едниот од нив ќе седне сам со вас на трпеза, сетете се дека другиот ви спие на постелата.“

„Впрочем, вие сте насреде помеѓу тагата и радоста како терезија.“

„Иако во алиштата ја барате слободата на телесноста своја, во неа ќе најдете окови и јарем.
Камо да ги сеќавате сонцето и ветрот со повеќе кожа, а помалку руба.
Оти здивот на животот е сончевината, а раката негова е ветрот.“

„Не заборавајте, срамот е штит од нечистите погледи.
А кога нечистите ќе ги снема, што ќе биде тогаш срамот ами пранги и поганштина на умот?
Та запомнете, на земјата ѝ годи допирот на вашите боси нозе, а ветровите копнеат да си поиграат со вашите распуштени коси.“

„…оти слободни сте само кога копнежот за трагањето по слободата ќе ви стане узди, и кога ќе престанете да зборувате за слободата како стремеж или цел.“

„Вистински ќе сте слободни не тогаш кога вашите дни ќе се без ниедна грижа, а вашите ноќи без ниедна желба или тага,
Туку попрво кога од овие нешта што ви го стегаат животот како колан, ќе се издигнете голи и неврзани.“

„Она што вие го нарекувате слобода е впрочем најцврстиот синџир, иако алките му блескаат на сонце и ви ги заслепуваат очите.“

„И ако сакате да го симнете деспотот од тронот, прво уништете го тронот што тој го кренал во вас.
Та како може тиранин да владее со слободните и гордите, ако не во тиранијата на нивната слобода и во срамот на гордоста нивна?“

„Оти што е вашиот пријател ако го барате за да убиете време?
Барајте го секогаш за да го оживеете времето.
Оти тој е тука за да ви ја исполни потребата, но не и празнината.“

„Има такви меѓу вас што посегаат по зборовите од страв да не останат сами.
Тишината на осамата им го покажува нивното соголено јас и тие најрадо би избегале.“

„Честопати лишувајќи се од насладите, копнежот сал го потиснувате во скриените катчиња на своето битие.
А којзнае дали она што сме го прерипнале денес, утре не ќе нè снајде.“

Извадоците се преземени од: Џибран, Халил, „Пророкот“, Скопје: ТРИ, 2018

Leave a comment